Влада на РСМ / фото: Драган Митрески - Слободен печат

Коалициските апетити го „изедоа“ мерит-системот во вториот владин ешалон

Од биографиите на предложените кандидати за вториот владин ешалон во министерствата само неколкумина според образованието се соодветни за ресорите за коишто се предложени. Впечатливо е дека предлозите претежно се за задоволување на апетитите на помалите коалициски партнери

Економистки во ресорите одбрана и европски прашања, бодибилдер во МВР, филозоф ќе ги регулира односи меѓу заедниците, економисти ќе градат здравствени и социјални политики, хемичарка ќе решава еколошки проблеми, информатичари ќе бидат „специјалисти“ за дигитална трансформација, за енергетика и за спорт, а политиколог ќе им ги решава маките на земјоделците.

Вака изгледа мерит-системот за вториот владин ешалон, судејќи според предложениот список на премиерот Христијан Мицкоски кој го достави до Собранието. Собраниската седница за избор на новите заменик-министри најверојатно ќе биде закажана во вторник, на 23 јули. По изборот на заменик-министрите, целосно ќе се комплетира владиниот тим.

Од предложените 20 заменик-министри, дел се познати за јавноста, како што е експратеничката Ане Лашкоска, ексградоначалникот на Прилеп Марјан Ристески, потоа Зоран Димитровски – поранешен новинар и заменик-министер за локална самоуправа во Владата на Димитар Ковачевски, но и Неждет Мустафа, поранешен пратеник и министер.

Ане Лашкоска, пратеничка од ВМРО-ДПМНЕ/Фото: Слободен печат

Од биографиите на предложените кандидати за вториот владин ешалон во министерствата само неколкумина според образованието се соодветни за ресорите за коишто се предложени. Впечатливо е дека предлозите претежно се за задоволување на апетитите на помалите коалициски партнери.
Елфет Исмаили од коалицијата Вреди е предложена за заменик-министер во Министерството за одбрана. Таа во ресорот одбрана, со кој раководи Владо Мисајловски, доаѓа како дипломиран економист. Работела во Фондот за магистрални и регионални патишта, била директорка на „Пошта“ Скопје 2, работела во „Македонска пошта“ и придружничка на лице упатено во Делегацијата на РС Македонија при НАТО, Брисел, Кралство Белгија.

Астрит Исени Вреди Фото: Исени Фејсбук

Бодибилдерот Астрит Исени е новиот заменик-министер за внатрешни работи. Тој завршил Факултетот за физичко образование, спорт и здравје, доктор на науки е по кинезиологија и е вонреден професор на Тетовскиот универзитет и на Факултетот за биотехнички науки во Битола.
Ален Деребан е предлогот за заменик-министер во Министерството за правда. Според професијата и титулата – магистер по право од областа на меѓународно право и меѓународни односи, со завршен правосуден испит, Деребан е еден од ретките на којшто му е погоден ресорот.
И Николче Јанкуловски, кој е доктор по економски науки одговара за ресорот за којшто е предложен. Тој ќе биде заменик на министерот во Министерството за финансии.
За заменик на Иван Стоиљковиќ во Министерството за односи со заедници се предлага Неждeт Мустафа. Мустафа кој е дипломиран професор по филозофија претходно бил градоначалник на Општина Шуто Оризари, пратеник, но и министер без ресор.

Зоран Димитровски Фото Фејсбук Димитровски

 „Вечниот“ Зоран Димитровски – заменикот министер во „сите“ влади

Интересно е дека Зоран Димитровски, кој е предложен за заменик на министерот Тимчо Муцунски во Министерството за надворешни работи и надворешна трговија, беше и заменик-министер за локална самоуправа во владите на Зоран Заев и Ковачевски. Тој паузираше од заменичката фотелја една година, бидејќи си поднесе оставка кога неговата партија Демократски сојуз излезе од владата на Ковачевски. Димитровски е магистер на политички науки, а има долгогодишно работно искуство во медиумите како главен и одговорен уредник.
Доктор по економски науки Викторија Трајков е предложена за заменик-министерка во Министерството за европски прашања. Од 2010 година е вработена во МНР, а од 2019 година е избрана за доцент на Универзитетот „Скопје“.

Поранешниот градоначалник на Прилеп, Марјан Ристески, како економист седнува во заменик-министерската фотелја во Министерството за економија и труд. Еск-техничкиот министер за труд и социјала, Ѓоко Велковски, ќе биде заменик-министер во Министерството за социјална политика, демографија и млади. Велковски е дипломиран економист, работел во Министерството за труд, бил секретар на Град Скопје и советник во Советот на Општина Чаир.

Поранешната пратеничка Ане Лашкоска ќе го менува министерот за животна средина Изет Меџити. Таа дипломирала на Природно-математичкиот факултет во Скопје и се здобива со титулата инженер по хемија.
Од владиниот партнер ЗНАМ за заменик-министер во Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини се предлага Мирослав Лабудовиќ. Лабудовиќ е магистер по електротехника и информациски технологии. Од 2022 година е менаџер на инженеринг во Корпорацијата „Теламон“.

Велат дека сите зборуваат англиски

Професорот по политички науки Флакрон Беџети од Вреди како заменик влегува во ресорот земјоделство, шумарство и водостопанство. Претходно работел во Фондот за пензиско и инвалидско осигурување, бил државен секретар во Министерството за труд и социјална политика, а во моментот е раководител на одделение за претставки и предлози – правен сектор.

Флакрон Беџети Фото: Фејсбук Беџети

Економистот и поранешен заменик-министер за здравство Јовица Андовски е предожен за заменик на министерот во Министерството за здравство. Тој бил в.д. директор на Секретаријатот на здравствената мрежа на Југоисточна Европа.
За заменик на министер за образование и наука се предлага Лулзим Алиу. Тој е доктор на филолошки науки, редовен професор на Педагошки факултет.
Ерџан Селами е предлог за заменик-министер во Министерството за локална самоуправа. Тој е магистер по политички науки, бил советник во кабинетот на министерот без ресор, државен службеник во Генералниот секретаријат на Владата и советник во Советот на Град Скопје.
Во ресорот култура и туризам како заменик- министер влегува Седат Сулејмани. Тој има завршено педагошка теологија на Универзитет „Улудаг-Бурса“ во Турција. Бил заменик-министер за култура и работел во Општина Тетово.
Радослав Настасијевиќ Варџиски, најблискиот соработник на лидерот на ЗНАМ Максим Димитриевски, е предложен за заменик-министер за дигитална трансформација. Тој е магистер на економски науки и вработен во Општина Куманово.
За заменик на министерот кој ќе раководи со Министерството за јавна администрација се предлага Лазе Јаќимоски. Јаќимоски е вонреден професор на Правниот факултет – Кичево и на Универзитетот „Св. Климент Охридски“, Битола.

Калтрина Зеколи Шаќири ќе биде заменичка на Александар Николоски во ресорот транспорт. Таа е доктор на науки, професорка на Универзитетот „Мајка Тереза“ и в.д деканка.
Несудената заменичка во ресорот односи меѓу заедниците Сафије Садики Шаини ќе го менува Борко Ристовски во Министерството за спорт. Откако Иван Стоиљковиќ беше избран за министер во Министерството за односи меѓу заедниците, Вреди одби таму да предложи Садики Шаини и таа како инженер по информатика на Тетовскиот универзитет заврши во ресорот спорт. Таа е поранешна пратеничка.
Сите предлози за заменик- министри освен мајчиниот јазик говорат и англиски, а само неколкумина добро или делумно говорат и шпански, француски, германски, хрватски и бугарски јазик.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот