
Коалиција Менуваме: Во септември ќе блокираме крстосници
Се уште нема решение за барањата на лицата со попреченост кои по пауза од две недели повторно излегоа на протест.
Препорачано
Во меѓувреме од нив беше побарано протестите да ги стават во мирување, со цел да се даде време на институциите да ги разгледаат и да одговорат на нивните барања, но како што вели Суарет Алишан од коалицијата „Менуваме“, одговорот кој го добиле од Владата не покажувал оптимизам дека позитивно ќе се одговори на нивните барања.
– Ние на 21 јули доставивме барања до Владата со 11 точки, по што имавме состанок со министерката за труд Јагода Шахпаска. Од нас од беа побарани три приоритетни барања, по што ни беше кажано дека во рок од седум работни дена ќе одлучат, и воедно беше побарано да прекинеме со протестите додека да стигне одлуката од Влада. Ние тоа го испочитувавме, но другата страна за жал се обиде да не изманилупира, така што последниот ден кога истече рокот ни пратија меил кој не содржеше ништо конкретно, туку иформација дека барањата се претпратени во МТСП. Воопшто немало потреба да се мачат и да ги праќаат нашите барања во МТСП, бидејќи сите добро беа запознаени дека ние веќе имавме остварено средба со Шахпаска, објаснува Алишан.
Тој вели дека со ваквиот начин на комуникација, изманипулирани биле 120.000 лица со инвалидитет кои залудно верувале дека работите ќе се променат со евентуалниот позитивен одговор од Владата во врска со нивните барања, да се зголеми износот којшто го добиваат како додаток на попреченост и како посебен детски додаток, да се отворат повеќе дневни центри и центри за рехабилитација како и да се намали старосната граница – од 26 на 18 години – за остварување права од социјална и здравствена заштита.
– Министерството за труд и социјална политика интензивно работи на унапредување на инклузијата на лицата со попреченост во нашата држава. Потврда за тоа е и постојаното проширување на мрежата на дневни центри за децата со попреченост. Неодамна МТСП го отвори дневниот центар за лицата со попреченост во Липково, а во тек е и изградба на центри за деца со попреченост и во општините Делчево, Чашка, Боговиње и во Скопје. Во однос на барањето за зголемување на надоместокот заради попреченост, предвидено е покачување на износот за најмалку 15 проценти. Поради пандемијата со Ковид-19 неговата реализација беше пролонгирана за наредната година, велат од МТСП.
Покачувањето за 15 проценти кое се очекува да се случи од другата година, според коалицијата е минимално, и е далеку од тоа што им било ветено во предизборната кампања.
– Планираме да продолжиме со протестите веднаш штом малку ќе се намалат температурите, неблагодарно е на вака високи температури да излегуваме надвор заедно со децата со попреченост. Но, на почетокот на септември ќе го радикализираме протестот со тоа што ќе блокираме неколку крстосници, предупредува Алишан.