Клиниката за пулмологија подготвена за „Мој термин“ и за зголемен број на пациенти

Директорот на оваа клиника, проф. д-р Дејан Докиќ, вели дека паралелно со подготовка на новите амбуланти се преземени и други мерки на клиниката за да се спречи ширење на вирусот бидејќи и тука се појавуваат пациенти кои се позитивни на ковид-19 вирусот.

Клиниката за пулмологија и алергологија од следната недела ќе ги пушти во функција новите амбуланти кои се сместени во монтажен објект и ќе почне да ги прима пациентите закажани во „Мој термин“. Директорот на оваа клиника, проф. д-р Дејан Докиќ, вели дека паралелно со подготовка на новите амбуланти се преземени и други мерки на клиниката за да се спречи ширење на вирусот бидејќи и тука се појавуваат пациенти кои се позитивни на ковид-19 вирусот.

Монтажните амбуланти сместени во близина на клиниката и опрема се обезбедени со донација преку Министерството за здравство, за нивното уредување и ставање во функција значителен придонес дале сите вработени на клиниката користејќи ги личните контакти и способности. Во новите амбуланти, за разлика од старите, има посебни простории за изведување на различни дијагностички процедури што создава можности за помала концентрација на пациенти на едно место и запазување на мерки и протоколи кои го спречуваат ширењето на вирусот. Проблем со постоечките амбуланти е што тие функционираат во ист простор со амбулантите на другите интерни клиники, што е ризично во услови на епидемија.

-Со спонзорство од Македонската обединета дијаспора го уредивме ентериерот во новите амбуланти, ЕВН без надоместок не поврза на електродистрибутивната мрежа, помогна и Македонски телеком, јавните претпријатија ни ја асфалтираа улицата и треба да го уредат зеленилото. Вработените исто така помогнаа да се постави систем за безбедност – вели Докиќ.

На клиниката се поставени и две врати кои се отвораат без контакт, една во делот каде се наоѓа дневната болница, а друга кај одделението кај што лежат пациентите.

-Монтирана е и термална камера која е поврзана со вратите и која ја мери телесната температура на сите кои влегуваат и излегуваат. Доколку некој има покачена температура над 37 Целзиусови степени вратата нема да се отвори за да влезе. Ова важи и за вработените кои имаат картичка за влез. Со ова се подигнува нивото на заштита од новиот вирус – објаснува Докиќ.

На клиниката е поставен и нов ламинат, а персоналот кој има познавање од донирана иверка направил и нов мебел.

– Имаме професионален однос кон пациентите и големо влијание се посветува на хигиената, се носат заштитни маски и друга заштитна опрема, сето тоа се следи на камера. Клиниката е поделена во три зони, црвена, жолта и зелена во кои пациентите се поделени во зависност од тоа колкав е ризикот за ковид. По еден пациент лежи во соба. Имаме и ув-ламби за стерилизација. Заштитна опрема е набавена за една година. Нашиот пример покажува дека се може да се постигне ако секој даде придонесе колку може и како може, бидејќи на крај се тоа заедно за клиниката значеше многу, бидејќи се промени нејзиниот изгледот и се подигна степенот за заштита од новиот вирус. Со добра организација, добра волја и сложеност направивме многу – вели Докиќ.

Во изминатиот период на клиниката биле згрижени итни пациенти кои доаѓале во многу тешка состојба со отежнато дишење и ниска сатурација на крвта, поради ХОБС и пневмонија. Тие задоволни од третманот испратиле и писмо преку кое искажуваат благодарност до клиниката.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот