Собрание на РСМ
Собрание на РСМ / Фото: Скриншот

Ќе се носи нов закон за платежни услуги и платни системи

На денешната владина седница е утврден текстот на Предлог-законот за платежни услуги и платни системи кој треба да го замени постојниот Закон за платниот промет донесен во 2007 година.

Како што соопштија од владината прес-служба, со новото предлог законско решение се усогласуваат одредбите од платниот промет со Директивата 2007/64/ЕЗ за платежни услуги и Директивата 2009/110/ЕЗ за електронски пари на Европската Унија како на укажувањата на Европската комисија дека домашното законодавство не е усогласено со директивите на ЕУ.

Станува збор за предлог законско решение со реформски карактер со кое што ќе се обезбеди сигурен, стабилен и ефикасен платен систем во Република Северна Македонија во согласност со европското законодавство.

На денешната седница е донесена и Стратегијата на Владата на Република Северна Македонија за соработка со и развој на граѓанското општество, со Акциски план 2022-2024.

Од владината прес-служба посочуваат дека Стратегијата е резултат на препознаената потреба за унапредување на механизмите за соработка со граѓанското општество, а мерките што се преземаат со оваа стратегија на институционално ниво се насочени, меѓу другото, и кон одржување на континуитетот во работата на независен, репрезентативен, оперативен и ефективен Совет за соработка меѓу Владата и граѓанското општество и за подобрување на практиките за комуникација и соработка со граѓанските организации.

Со цел унапредување на околината во која работи и се развива граѓанското општество, Советот ќе продолжи да биде двигател на реформата на системот на државно финансирање на граѓанските организации, воспоставувањето структурен дијалог со граѓанското општество и креирањето модел за учество на граѓанските организации во идната преговарачка ЕУ структура на земјата.

Како дел од приоритетите во Стратегијата утврдени се унапредување на правната рамка за граѓанските организации; зајакнување на институционалната рамка и практиките на соработка помеѓу Владата на Република Северна Македонија, органите на државната управа и граѓанските организации, воспоставување даночна рамка којашто одговара на спецификите на работењето на граѓанските организации и го овозможува нивниот развој, како и унапредување на системот на државно финансирање на граѓанските организации.

На оваа седница на Владата се прифатени и информациите за повеќегодишно плаќање на јавна набавка на работи за реализација на проектите за реконструкција и доградба на ЈЗУ Универзитетска Клиника по хируршки болести „Св. Наум Охридски” – Скопје, на КАРИЛ – Клиника за анестезија, реанимација и интензивно лекување и на ЈЗУ Завод за превенција, лекување и рехабилитација на хронични, респираторни, неспецифични и алергиски заболувања, во Отешево.

Извор: МИА

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот