
Ќе се гради колектор за отпадни води во селото Орман во општина Ѓорче Петров
Општина Ѓорче Петров го презентираше проектот „Пилот интервенции за третман на отпадни води и управување со цврст отпад во прекуграничниот регион“ во чии рамки се предвидува село Орман да добие колектор и станица за третман на отпадни води што според најавите ќе стартува со реализација во ноември, а се очекува да биде готов во август 2023 година.
Како што информираа надлежните од Општина Ѓорче Петров, ова е најзначајна инфраструктурна инвестиција во овој дел на општината и станува збор за прекуграничен проект кој ќе се реализира во соработка со партнерската општина Ново Брдо од Косово, локална самоуправа во која преку проектот ќе се воведе нова услуга за организирано собирање и управување со цврст отпад со набавка на нова опрема.
-Општина Ѓорче Петров особено внимание насочува кон сочувување на животната средина, преку конкретни активности за управување со отпадните води. Ова е уште еден доказ дека се движиме во вистински правец кога станува збор за прашања од интерес на граѓаните. Остануваме фокусирани на справување со сите идентификувани ризици по животната средина и здравјето на луѓето, рече градоначалникот на општина Ѓорче Петров, Александар Стојкоски.
Проектот е финансиран од Програмата за прекугранична соработка ИПА 2 2017 и 2018 на Европската унија, преку Европската Комисија.
Вкупниот износ на проектот е 466.590 евра од кои со 85 проценти учествува ЕУ, а 15 отсто се средства кофинансирани од Министерството за локална самоуправа и буџетот на општина Ново Брдо.