Фото: Profimedia

Казни до 10.000 евра за брзите кредити со напумпани трошоци

Финансиското друштво не смее да склучи договор за потрошувачки кредит ако со договорот или со поврзани услуги е утврден надоместок или повеќе надоместоци што не влегуваат во пресметката на годишната стапка на вкупни трошоци, а кои самостојно или во комбинација со било кој друг надоместок надминуваат или може да надминат 60 % од износот на одобрениот кредит

Измените на Законот за финансиски друштва не оставија простор за манипулации околу разни трошоци што досега ги наплатуваа финансиските друштва што даваат брзи кредити. Во изменетиот закон е прецизирано дека сите трошоци, и во проценти и во апсолутни износи кога ќе се соберат, не смеат да надминат 60 проценти од одобрениот кредит.

Во спротивно, на финансиското друштво му се заканува казна од 8.000 до 10.0000 евра. На друштвото му се забранува да одобри нов потрошувачки кредит со кој целосно или делумно ќе затвори достасани обврски на потрошувачот од претходно склучен договор за потрошувачки кредит во истото финансиско друштво. Ако тоа го направи, ќе заработи казна од 4.000 до 5.000 евра.

Ова се дел од механизмите со кои во изменетиот закон, се воведува поголема заштита на потрошувачите.

Се земаат предвид сите износи – и во проценти и во бројки

„Финансиското друштво не смее да склучи договор за потрошувачки кредит, ако со договорот или поврзани услуги е утврден надоместок или повеќе надоместоци што не влегуваат во пресметката на годишната стапка на вкупни трошоци, а кои самостојно или во комбинација со кој било друг надоместок надминуваат или може да надминат 60 % од износот на одобрениот кредит. Надоместоци од став (1) на овој член се сите трошоци што потрошувачот ги плаќа или има обврска да ги плати во текот на целиот период на важност на договорот, изразени како процент или во апсолутен износ, а кои произлегуваат или на каков било начин се поврзани со договорот за потрошувачки кредит или поврзани услуги, со исклучок на трошоците настанати во постапката за извршување и законската казнена камата“, прецизирано е во измените на Законот.

Законодавецот оди и чекор напред па дообјаснува дека „поврзани услуги се сметаат услуги утврдени во дополнителен договор за помошни услуги склучен со потрошувачот и/или услуги за кои согласност е дадена од потрошувачот, а кои на каков било начин се поврзани со договорот за потрошувачки кредит, без разлика дали се услов за одобрување на кредитот“.

Финансиското друштво кое одобрува потрошувачки кредити е должно јавно да го објави тарифникот со надоместоците на својата интернет-страница, а доколку ја нема, должно е тарифникот да го истакне на видливо место во своите работни простории.

Поголем основачки влог и задолжителна репутација

Со новата регулатива, од финансиски аспект станува потешко да се основа финансиско друштво, затоа што место досегашната главнина од најмалку 6 милиони денари, потребни се 30 милиони денари. Исто така, има и нова давачка, односно за добивање дозвола за основање и работа на финансиско друштво се плаќа надоместок во износ од 600.000 денари. Основачите на финансиските друштва треба да бидат луѓе со репутација, при што има дефиниции, а тоа вклучува и доказ дека не е осуден со правосилна судска пресуда за кривично дело со безусловна казна затвор од најмалку шест месеци, сѐ додека траат правните последици од пресудата.

Новата регулатива налага и воспоставување процедури за ефикасно намалување и управување со идентификуваниот ризик од перење пари и финансирање тероризам.

На финансискиот пазар активно работат 33 финансиски друштва. Најголемиот број од нив одобруваат потрошувачки кредити на физички лица.

„Зајакнувањето на пазарната позиција од страна на финансиските друштва во изминатиот период, ја наметна потребата за промени во делот на регулаторните барања и стандарди што треба да ги исполнуваат финансиските друштва. Од оваа причина е потребно зајакнување на регулаторната рамка за работење на финансиските друштва на пазарот во Република Северна Македонија, со цел да се потенцира нивната сериозност и пристап во работата, како и да се зголеми довербата кај населението и компаниите за значајноста на овие финансиски институции“, пишува во образложението на законските измени.

Што е со ограничувањата што и досега постоеја?

Интересен факт е што во 2019 година се измени Законот за заштита на потрошувачите при договори за потрошувачки кредити, а помпезно најавувајќи се крај на високите трошоци.

„Годишната стапка на вкупни трошоци може да биде најмногу петпати повисока од стапката на законската казнена камата утврдена во согласност со Законот за облигационите односи за договорите во кои барем едното лице не е трговец“ – е сѐ уште важечката одредба од Законот за заштита на потрошувачите при договори за потрошувачки кредити.

Тогаш казнената камата беше 11 проценти и пресметките покажуваа дека трошоците за кредит не смеат да надминат 55 отсто од него.

– Според постојните законски прописи, трошоците што кредиторите ги пресметуваат и наплатуваат за одобрените потрошувачки кредити како провизии, надоместоци и сл., кои се вклучуваат во определувањето на годишната стапка на вкупни трошоци, не се ограничени. Тоа им дава можност на кредиторите да пресметуваат високи надоместоци и провизии при одобрувањето на потрошувачки кредити. Ваквата состојба е особено изразена кај договорите за кредит на мали износи и со кратки рокови на враќање. На тој начин, голем број од граѓаните како кредитокорисници имаат тешкотии при отплата на кредитот, при што најчесто се принудени да земат нов кредит за покривање на претходниот – рече тогашниот министер за финансии Драган Тевдовски на Комисијата за финансирање и буџет бранејќи ги законските измени што се на сила веќе 4 години.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот


error: Не е дозволено копирање на содржината !!