„Катимерини“: Грција ја замрзнува ратификацијата на меморандумите со Македонија, поради твитот на Заев

Премиерот Зоран Заев следејќи го натпреварот меѓу Македонија и Холандија, во понеделникот на својот профил на Твитер објави дека во друштво на неговиот холандски колега Марк Руте ги бодри македонските репрезентативци и предизвика лутина и револт кај официјална Атина.

Поради објавата на премиерот, Грција го замрзнува ратификувањето на меморандумите за соработка со Северна Македонија  во која не го користи уставното име на државата. Под наслов „Гнев во Атина, замрзнуваат меморандуми со Северна Македонија“, грчкиот весник „Катимерини“ пишува дека станува збор за три меморандуми кои парламентот требало да ги ратификува идниот месец, на 10 јули, но дека сега процесот ќе биде одложен, најверојатно, за септември, а можеби и за подоцна. Повикувајќи се на владини извори, „Катимерини“ пишува дека грчката влада не може да „замижи“ пред „двојната игра“ на „соседите“, потенцирајќи дека изминатиов период имало неколку „инциденти“ поврзани со Договорот.

Во текстот се пренесува изјава и на портпаролката на грчката влада, Аристотелија Пелони, која вчера испрати предупредување до премиерот Зоран Заев дека мора да го почитува Договорот од Преспа во сите контексти, вклучително и меѓународните спортски настани.

„Бараме целосна имплементација на Договорот од Преспа и неговиот дух, го повикуваме Заев да се воздржи од реторика на поделби, особено во такво чувствително прашање какво што е фудбалот“, порача Аристотелија Пелони.

Во „твитот“ од понеделникот, кој ја налути грчката влада, Заев напиша дека фудбалскиот натпревар го следи заедно со холандскиот премиер и дека без оглед на резултатот ѝ дава поддршка на „македонската фудбалска репрезентација“.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот