
Капиштец зазелени, а лентите од уредувањето на паркот останаа заборавени низ тревата
После неколку месеци откако се уреди зелениот простор во Капиштец на потегот од ТЦ „Зебра“ до ТЦ „Беверли Хилс“, низ тревата сѐ уште стојат расфрлени црвените ленти со кои во текот на градежните работи беше заграден просторот каде се изведуваа активностите.
Препорачано
Завршија со работа, тревата израсна, а лентите не ги тргнаа. Сѐ уште висат поткинати и врзани околу стебла на дрвјата, лежат остатоци по тревата и грмушките. Навистина грдо изгледа целиот простор. Општината се потруди да го зазелени овој дел, ајде сега нека вложат малку напор и да си ги соберат лентите – вели Ивана од Капиштец.

Колку за потсетување изминатава есен, во октомври, градоначалникот Горан Герасимовски соопшти дека се озеленува простор со површина од 7.840 метри квадратни, а покрај тоа се врши и реконструкција и нивелирање на пешачките патеки. Потоа, како што рече, ќе се постави и нова урбана опрема, нов систем за наводнување, а целиот простор ќе биде осветлен со ЛЕД-светилки, со цел да се подобри видливоста и безбедноста на граѓаните во вечерните часови.

За овие активности, како што информираа се потрошија околу 25 милиони денари или нешто повеќе од 400 илјади евра, средства обезбедени од претходната Влада. Герасимовски тогаш посочи дека проектот се реализира на барање на граѓаните и дека ова како предлог центарци го доставиле на ланскиот буџетски форум на кои се прибираа предлози со кои се креираше буџетот за 2024 година.
Работите завршија, останаа уште лентите. Веруваме дека нема да останат во зеленилото до некоја нова активност.
