Капетан Венко Биковски: Случувањата во Израел уште еднаш покажаа колку е важно да имаме национална авиокомпанија

Србија и Црна Гора испратија авиони за нивните граѓани во Израел. Доколку листата на приоритетни патници од нивната земја не беше исполнета, тогаш земаа патници од други земји, па и Македонци. Така беше и со вакцините против корона

Капетан Венко Биковски има 48 години искуство како пилот и 43 години како инструктор. Тој е претседател на Здружението на професионални пилоти на Македонија, а според неговото долгогодишно искуство Македонија треба да има свој национален превозник.
Биковски, во интревјуто за „Слободен печат“ зборува и за тоа како да се обезбедат неопходните пилоти за гасење пожар, како да се поттикне интересот за создавање нови пилоти…

Кризите обично на површина исфрлаат колку е значајно да се има домашно производство на храна, на лекови, колку значи транспортот… Сега слушаме, на пример, како Србија преку својата „Ер Србија“ организира најмногу летови за затекнатите државјани во Израел. Каков е Вашиот став – ѝ треба ли на Македонија национална авиокомпанија?

– Во овие кризни времиња на Македонија насушно и е потребна македонска авиокомпанија. Ако се осврнеме на минатото ќе видиме колкава е неопходноста истата да ја имаме. Ако се потсетиме на бегалската криза на Косово, после три дена проведени на граница во кал, македонскиот авиопревозник „Авиоимпекс“ прв ги превезе тие кутри луѓе на дестинации каде што беа прифатени. Странските авиони дојдоа после две недели. Ковид кризата го покажа истото. Србија, меѓу првите во Европа, за своите граѓани, со авион си набави вакцини од Русија и од Кина, а беа великодушни извесни количини да ни подарат и нам. Македонија, како и Словенија, без свој авиопревозник чекаа неколку месеци за да им бидат испорачани вакцините. Еве деновиве, Србија и Црна Гора испратија авиони за нивните граѓани во Израел. Доколку листата на приоритетни патници од нивната земја не беше исполнета, тогаш тие земаа патници и од други земји, па и Македонци.

Неодамна одбележавме 100 години македонска авијација. По толку години искуство, каде сме сега?

– 100 години авијација во Македонија беше гламурозен спектакл на спортскиот аеродром Стенковец. Момчињата од аероклубот се надминаа себе си. Но, во позадината – празнина! Тое е скап спорт. Тие изнаоѓаат начини финансии да останат на синото небо. Но, факт е дека расадникот за македонските пилоти пополека згаснува.

 „Слободен печат“ деновиве пишуваше за проблемот со кој набргу ќе се соочи државата – нема да има која да ги управува канадерите за гасење пожари. Двајца од тројца пилоти што ги има Дирекцијата за заштита и спасување одат во пензија. Проблемот е очигледен – платите на пилотите на комерцијалните летови се далеку поголеми од она што може да го понуди државна институција. Гледате некаков излез во ситуацијава?

– Да, вистина е. Шумите во Македонија ке горат, ќе нема кој да ги заштити. Излез, начин има, но никој од надлежните не знае како. Сѐ е само констатација! Едно старо правило вели:„ Ако не знаеш прашај, има кој знае“. Но тоа кај нас не се почитува. Се поставуваат луѓе на раководни функции без било какво знаење од таа област. Јас би им порачал барем да земат некој советник за соработник, а такви луѓе постојат, ги имаме. Така, беше направено во предходната гарнитура. Еве ќе потсетам на доброто време кога вработија жена-пилот која Дирекцијата за заштита и спасување ја доведе во ред и таа година јавно беа пофалени од Владата. За жал таа замина на ново работно место.
Пилоти за да гасат шуми мора да се најдат. Да, секогаш комерцијалните летови ќе бидат повеќе платени, но секогаш ќе се најдат и пилоти што не сакаат да летаат на комерцијални летови. Кога беше ковидот сите пилоти се вратија дома. Сметам дека тогаш можеше да се најде пилот кој е расположен и да остане, да работи тука. Има пилоти и на кои им е доста од летање низ разни земји и кои сакаат да останат дома. Сепак, некоја математика мора да постои. Не можам да слушам кога велат дека не може да им се даде поголема плата, затоа што така биле законите за пресметка на плата во држани институции. Мора да имаат некоја прифатлива плата. Најскапо ќе не чини ако ни изгорат шумите. Тогаш воопшто нема да ни бидат потребни ниту пилоти, ниту скапо платените три авиона.
Колку за илустрација. Словенија купува 7 авиони за гаснење пожари. Значи им требааат по 3 пилоти за секој авион, или вкупно 21. Таму нудат месечна плата за пилотите од 7.800 евра. Не велам дека очекувам толкава плата и во Македонија, но мора да биде разумна.
Моќно е да се субвенционираат клубовите за спортско летање за да тие кога прават летови, тоа а го прават и наменски и да известуват за пожари, за да на време бидат изгаснати.

Може ли да направите една паралела меѓу поранешниот и сегашниот интерес за професијата пилот. Може ли да се пробуди поголем интерс кај младите за оваа струка?

– Во минатото имаше групи на ентузијасти, вљубеници во синото небо. Денес тоа е скап спорт. Нема пари, нема гориво , нема летање. Старата гарда со Танталови маки успева да опстане на македонското небо. Од државата нема никаква помош, а од Агенцијата за цивилна воздушна пловидба има сопки и рестрикции.
Еве малку да го појаснам ова што накусо го сублимирав. Љубовта кон авијацијата почнува на ливада. Во поранешна Југославија, таа љубов ја финансираше државата, таа ги финансираше обуките. Така беше и со мене. Единствен услов беше задолжетелно кога одев во војска да се пријавам за резервен офицер на авијација. Така се создаваше тој резервен кадар и за тоа пари добиваше аероклубот. Ниту воен, ниту сообраќаен пилот не се станува преку ноќ.
Сега, еден час летање е 160 евра, а обично требаат околу 200 часа. Потоа требаат часови на двомоторен авион, а таму еден час е 500 евра. Или, ако се собере сѐ заедно, за да се стане професионален пилот треба некој сам да инвестира околу 80.000 евра. Кај нас има една школа за обука на приофесионални пилоти и таа се наоѓа во Штип, а имавме приод и без ниедна. Конечно, по 25 години, за прв пат таа школа произведе еден професионален пилот.
Што се однесува до „Виз ер“ , тие имаат политика да ја признаваат само својата школа. Со оглед на тоа што купуваат многу нови авиони ќе имаат потреба и од многу пилоти. Нивна школа во Македонија нема.

Синдикатот на контролори на летање го ставија во мирување најавениот штрајк за 12 октомври поради лоши услови за работи и наместени огласи. Какви последици може да донесе ваков штрајк?

– Здружението на професионалните пилоти во потполност го поддржува нивниот напор и најавениот штрајк за подобрување на работните услови, а посебно осудуваме наместени огласи. Ако некој може да ги разбере контролорите на летање, тогаш тоа сме ние, пилотите. Сите закони во воздухопловството се испишани со крв. А, лош, незадоволен контролор на летање е голема опасност за оној невин патник кој си купил карта за да безбедно стигне на својата дестинација.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот


error: Не е дозволено копирање на содржината !!