Луна Парк/Слободен Печат/фото Слободан Ѓуриќ

Кандидатите за градоначалници најавуваат едно те исто: Луна паркот најветуван проект, а три мандати остана неизграден

Трет мандат чека и проектот со подземната улица под „Лимак“, која со години не може да добие излез над земја, затоа што Град Скопје не ги гради излезите и трите предвидени кружни текови, меѓу кои и најголемиот на крстосницата кај зградата на поранешната НИП „Нова Македонија“.

Скопје ќе се исчисти, јавниот сообраќај ќе се подобри, ќе се градат мега-паркови, булевари, кружни текови, мостови, ќе се санира „Вардариште“, ќе се намали загадувањето на воздухот и уште многу други проекти ќе се реализираат во наредните четири години во Скопје. Такви се ветувањата на кандидатите за градоначалници на главниот град, кои граѓаните ги слушаат народски кажано со „едно уво“ затоа што досега пред сите избори се изнаслушаа ветувања со кои Скопје требаше да заличи на метропола, кои потоа се заборавија.

Повеќето од проектите што сега се најавуваат ќе дочекаат и трет, а некои дури и четврти градоначалнички мандат, а ги ветувале кандидати и на претходните локални избори.

Сѐ уште непостојниот Луна парк е еден таков лош пример, кој требаше да биде најубав на Балканот, модерен, со ролеркостери и други забавни реквизити и за млади и за повозрасни, но од него денес има само гола ледина со влезна порта и неколку пешачки патеки. Почна да се гради во времето на градоначалникот Коце Трајановски, неговиот наследник Петре Шилегов го запре тоа што беше започнато со образложение дека проектот не е добар и најави изградба на нов, поголем забавен парк, според нов проект што беше претставен две години подоцна. Поради пандемијата со коронавирусот изградбата на забавниот парк се заборави, а повторно стана актуелен како предизборно ветување на локалните избори во 2021 година, кога го ветуваа и Шилегов и Данела Арсовска. Арсовска во својата предизборна кампања Луна паркот го смести во 16-те приоритетни проекти во Скопје, кој требаше да се реализира во првите две години од нејзиниот мандат, но тоа не се случи.

Луна Парк/Слободен Печат/фото Слободан Ѓуриќ

Сега и кандидатите за градоначалници од СДСМ и од ВМРО-ДПМНЕ, Каја Шукова и Орце Ѓорѓиевски, повторно им ветуваат на скопјани Луна парк. Ѓорѓиевски дури излезе со прецизни рокови.

 До јули 2027 година јас одговорно тврдам дека скопјани ќе добијат нов Луна парк. Ќе се искористат тие шест реквизити што се тука. Ќе ги доплатиме како Град, бидејќи не се доплатени, но дополнително и ќе набавиме нови реквизити за да овозможиме еден ултрасовремен, модерен Луна парк каков што заслужуваат нашите деца, а го има во европските развиени метрополи – рече Ѓорѓиевски.

Ѓорѓиевски најави нов лунапарк, изградба на клучката во Хиподром, проширување на булевари…

Трет мандат чека и проектот со подземната улица под „Лимак“, која со години не може да добие излез над земја, затоа што Град Скопје не ги гради излезите и трите предвидени кружни текови, меѓу кои и најголемиот на крстосницата кај зградата на поранешната НИП „Нова Македонија“.

Петре Шилегов на крајот на својот мандат го најавуваше овој голем проект, со три поврзувања и три кружни текови. Според неговите очекувања, поврзувањата со подземната улица требаше да се одвиваат паралелно со завршување на градежните работи за подземната улица и во 2023 година да бидат готови. Шилегов не доби нов мандат, а градоначалничката Арсовска се пожали дека проблемот за реализација на проектот бил во тоа што до 2022 година ништо не било „мрднато“, а дури потоа почнале да се решаваат имотно-правните прашања. Веројатно уште се решаваат, па улицата под „Лимак“ сè уште е недостапна за сообраќај.

Проект за кружниот тек кај „Нова Македонија“/ Фото: Град Скопје

Ѓорѓиевски вели дека тоа ќе му биде првото нешто со што ќе се зафати доколку биде избран на функцијата.

Првата јавна набавка што ќе биде распишана, а поврзана со големи проекти е „Лимак“, има неколку фази, два кружни текови имаме кон Кисела Вода и еден е елипсоиден кружен тек од страната кај „Нова Македонија“. Веднаш штом ќе влезам во Град Скопје, ќе бидат отпочнати процеси за распишување тендерска постапка за реализација на „Лимак“ – вели кандидатот на ВМРО за градоначалник на Скопје.

И ако Арсовска вети дека за 82 дена откако ќе седне во градоначалничката фотелја ќе го исчисти Скопје од диви депонии, сега Ѓорѓиевски ветува дека само за 72 часа откако ќе го добие мандатот, ќе направи генералка во градот и ќе го исчисти од ѓубре. Како планира да го направи тоа и дали смета на екипите на „Комунална хигиена“, останува да видиме доколку биде избран за градоначалник.

Да се реализираа сите мега-паркови што досега беа ветувани, Скопје ќе беше зелена оаза, но, за жал, тоа не е така. Паркови најавуваше Арсовска, ќе прави и Ѓорѓиевски, а Шукова најавува дури 15 нови паркови за 15 месеци, со кои ќе формира зелен појас околу Скопје, кој треба да влијае и врз намалувањето за загадувањето.

Шукова им вети на скопјани бесплатни филтри за оџаци, повеќе зеленило и решавање на проблемот со кучињата скитници

Интересно е и нејзиното ветување дека ќе гради нов Скопски саем, откако во 2018 година, во времето кога СДСМ ја имаше власта и на централно ниво и во Град Скопје и во Општина Гази Баба, стариот саем беше урнат и на негово место изграден „Ист гејт мол“. Тогаш не помогнаа ни реакциите на граѓаните што упатуваа писма кон сите надлежни да не се урива стариот објект, изграден во 1972 година, по што Скопје остана единствениот главен град во регионот без саем.

Подземната улица зад „Рамстор“ уште долго време нема да излезе над земја

Шукова вели дека новиот саем исто така ќе биде сместен во Гази Баба, но не прецизира локација, дека ќе има модуларни хали, конференциски сали, културни и комерцијални содржини, како и простор за мали и средни претпријатија и креативни сектори.

 Овој проект отвора нови пазари, ги поврзува локалните производители со странски партнери и создава услови младите да останат и да работат токму тука, во Скопје – тврди Шукова.

брт брз транспорт скопје
Брз транспорт Скопје, Фото: Град Скопје

Има ветувања и во однос на решавање на проблемите со јавниот превоз. И за СДСМ и за ВМРО-ДПМНЕ тоа е проектот за брз автобуски превоз, односно БРТ што го промовираше Шилегов, Арсовска го спореше, но сепак го предлагаше за реализација, а советниците од ВМРО-ДПМНЕ не го гласаа. Сега овој проект е прифатлив, но и едните и другите би правеле извесна адаптација.

Колку за потсетување до кандидатите за иден градоначалник на главниот град од сите партии, Скопје има и сериозен проблем со водоснабдување особено во летните месеци, кој според експерти ќе се продлабочува во наредните години. Има и илјадници бездомни кучиња по улиците за кои ниеден не понуди конкретно решение, има лоша сообраќајна инфраструктура, река полна со ѓубре, изгорена галија и градски плоштад кому му е потребен сериозен ремонт.

Кај Порта Македонија цела деценија стојат и објектите на ЕВН и на „Пелагонија“ со оголени фасади, а шахтите на улица Македонија, која треба да е најрепрезентативна улица во центарот на градот, и понатаму смрдат.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот