Каја Калас / Фото; EPA-EFE/JULIEN WARNAND

Калас: Русија „нема шанси“ ако земјите од НАТО останат обединети

Русија е „закана“ за глобалната безбедност, но „нема шанси ако земјите членки на НАТО останат обединети“, изјави денеска шефицата за дипломатија на ЕУ Каја Калас.

– За време на Студената војна, САД и нивните сојузници беа значително побројни од Советскиот Сојуз. Денес, против НАТО и ЕУ, Русија нема шанси. Сепак, ние мора да останеме обединети – истакна таа од Европскиот парламент во Стразбур неколку денови пред самитот на Атлантската алијанса во Хаг.

Инаку, НАТО има 32 земји членки, од кои 23 се и членки на ЕУ.

Изјавите на американскиот претседател Доналд Трамп во врска со Русија ќе бидат внимателно разгледани за време на самитот на 24 и 25 јуни во Холандија.

По самитот на Г7 во Канада, кој беше обележан со брзото заминување на американскиот претседател, главните индустриски демократии не издадоа заедничка изјава со која го осудуваат „рускиот напад“ врз Украина, за разлика од претходните години кога Џо Бајден беше претседател на САД.

Според Каја Калас, потребно е членките на НАТО како целина да покажат дека се на иста страна.

– Русија веќе претставува директна закана за Европската Унија – забележа таа.

– Оние што делат граница со Русија и страдале од советскиот империјализам, отсекогаш ги чувствувале нејзините предизвици поостро – нагласи поранешната премиерка на Естонија, балтичката земја што граничи со Русија.

– Сепак, заканата од Русија за трансатлантската безбедност е проблем за сите нас – заклучи таа.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот