Славко Лазовски / Фото: Слободен печат - Методиј Здравев

Какви нови даноци ни требаат?

Нашата даночна структура ја одредивме уште со Големата даночна реформа од 1994 година. Ова реформа, која многумина ја сметаат за сè уште ненадмината, беше изведена со домашни сили, со подготвителен период помал од две години.

Навистина ни требаат нови даноци. Нашиот даночен систем работи со мал број даноци. Мал број даноци имаме на национално, уште помалку на локално ниво. Но, какви даноци ни требаат?

Нашата даночна структура ја одредивме уште со Големата даночна реформа од 1994 година. Ова реформа, која многумина ја сметаат за сè уште ненадмината, беше изведена со домашни сили, со подготвителен период помал од две години. Изборот на тесна даночна структура, со мал број видови даноци, беше поради ризикот што произлегуваше од недоволно изградениот капацитет на националното даночното тело, кое ги процесуира даноците. Да се потсетиме дека тогашна УЈП функционираше на локално ниво за оданочувањето на физичките лица, а оданочувањето на правните лица беше во рацете на СОК, силно централизирана служба. Ваквата состојба налагаше голема претпазливост и за да се намали ризикот од неуспешност во работењето, па затоа беше избрана опцијата да се оди со мал број на даноци. Но, никој тогаш ниту помислуваше дека така трајно треба да остане, туку постепено, со текот на времето, да се збогатува даночната структура со нови видови даноци. И повторно прашањето – но со кои даноци?

Тогашната определба беше јасна и недвосмислена – со даноци што се доминантни во земјите членки на ЕУ, со преземање на даночната регулатива на ЕУ и со минимални прилагодување, таму каде што е неопходно во исклучителни случаи. Како резултат на ваквата цврста определба се редеа исклучително добри даночни закони: Законот за ДДВ (донесен во 1998 година, а во примена од 2000 година), Законот за акцизите (2001) и Законот за даночната постапка (2006).

Една од поголемите слабости на нашиот даночен систем е тесната даночна структура, која е премногу долго во примена. Тесната даночна структура е неправедна. Таа остава субјекти, доход и/или имот што не ги оданочува. Еве како изгледа тоа: Македонија со своите 13 вида даноци оданочува она што е збир на нивниот предмет на оданочување, а она што е надвор од тој збир на предмети на оданочување – останува неоданочено. Во Република Бугарија се оданочува она што е збир од 29 предмети на оданочување, затоа што има толку видови даноци, додека во Сојузна Република Германија е со 31 предмет на оданочувања, бидејќи нејзината даночна структура ја сочинуваат 31 вид данок. Предмет на оданочување е полето на кое се собира данок. Сосем е друго прашање по која стапка, на која основица, со кој момент на настанување, кое е место на настанување, со кои и колку даночните ослободувања и олеснувања и сл. Одамна е забележена дека во нашата земја фалат еколошките даноци, даноците за миленичињата, за одредени видови богатства: уметнички слики, злато и скапоцени предмети, рачни часовници, пловни објекти, воздухоплови, оружје и сл.

За да се надмине ваквата состојба – на недоволен број видови даноци, се пристапи кон подготвување: Закон за верскиот данок (веднаш по обидите Република Словенија и Република Хрватска да го воведат), Законот за даночното советување и Законот за јавните финансии (или како било поинаку да се именува, како уште еден кровен даночен закон по донесувањето на Законот за даночната постапка). Но, овие работи останаа недовршени, иако некој од нив, особено првите два, беа речиси готови во својата Нацрт-фаза.

Некаде во 2008 година медиумите пренесоа вест дека во некои официјални кругови, се разговарало за воведување на данок на неженети – со над 28 години возраст и на немажени – со над 26 години. Се пренесе дека оданочувањето би било во форма на такса, беше наведено: 1.000 денари од месечниот износ на платата. Но, сè остана на таа информација, ништо поконкретно не беше работено, барем не во Секторот за даноци во Министерството за финансии.

Презрела е нашата даночна структура за воведување на нови видови даноци. Но, дали баш данок на неженетите/немажените за кој зборува челникот на Владата? Од толку видови даноци што ни недостасуваат, да се „фатиш“ баш за овој вид данок, е, во најмала рака, несфатливо.

За ваков данок нема ниту збор во Фискалната стратегија на Владата за 2026 – 2030 година донесена во мај оваа година. Со овој данок се оддалечуваме од даночните структури на земјите членки на ЕУ.

Потребна ни е ревизија на даночната политика и усогласување со најдобрите практики во ЕУ. Прашање е дали нашето и онака осиромашено граѓанство и стопанство можат да „издржат“ ваква реформа.

(Aвторот е експерт за даночна политика)

ЈАЗИКОТ НА КОЈ СЕ НАПИШАНИ, КАКО И СТАВОВИТЕ ИЗНЕСЕНИ ВО КОЛУМНИТЕ, НЕ СЕ СЕКОГАШ ОДРАЗ НА УРЕДУВАЧКАТА ПОЛИТИКА НА „СЛОБОДЕН ПЕЧАТ“

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот