
Кацарска: Воведувањето на уставна жалба ќе значи унапредување на нашиот правен систем
Македонија исто како и останатите пет југословенски држави делеа ист политички систем и по формирањето на независни држави, се соочија со исти предизвици: формирање на самостојни органи и институции со строга поделба на власта. Но, не сите дадовме ист одговор на потребите на граѓаните да ги остварат уставно-загарантираните права. Согледувајќи го искуството во регионот, Северна Македонија остана осамена токму по прашањето за уставната жалба, истакна претседателката на Уставниот суд, Добрила Кацарска на завршната конференција на тема „Повеќе правна заштита за граѓаните преку сеопфатна и ефективна уставна жалба“.
Препорачано
Темата, како што додаде таа, тангира само еден член од Уставот, односно членот 110 алинеја 3, што значи ограничени се можностите да се ползува секое право наведено во нашиот највисок правен акт.
Кацарска појасни дека воведувањето на уставна жалба ќе значи унапредување на нашиот правен систем со ново правно средство за заштита на слободите и правата. На овој начин ќе се заокружи улогата на Уставниот суд како заштитник на уставноста, законитоста и слободите и правата, но и ќе постои правен филтер пред поднесувањето на апликациите пред Европскиот суд во Стразбур.
Според неа, донесувањето на ваквите уставни измени ќе значи и обврска за Уставниот суд процедурално да ја уреди постапката согласно своето овластување содржано во член 113 од Уставот, но и организациски да се подготви за постапување по уставните жалби.
– Во недостаток на волја и препознавање на важноста на овој правен инструмент од страна на политичките чинители и претставници од сите партии во Парламентот, поддршката ја добивме од нашите пријатели од ИРЗ кои со одобрение од германското Министерство за надворешни работи вложија финансиско-експертски капацитети и помогнаа да се изработи студија за уставната жалба или меѓународно позната и како уставна тужба, нагласи Кацарска.
Оваа студија, како што појасни, е резултат на неколкугодишната соработка помеѓу Судот и ИРЗ и ќе даде насока за воведување на уставна жалба со којашто граѓаните на Македонија ќе имаат можност да се жалат до Судот за сите уставно-загарантирани права.
Претседателката на Уставниот суд додаде дека повеќе од 30 години во нашиот правен систем е очигледен еден несмасен системски пропуст, кој задира во темелите на владеењето на правото и ја подрива уставната заштита на граѓаните.
– Недостатокот на уставна жалба не само што ги лишува граѓаните од уште една можност да се обратат пред Уставниот суд за сите права кои ги предвидува Уставот, туку е иницијалната тема за ламентирање: како се губи довербата во системот и во државата? Република Северна Македонија има изгубено бројни случаи пред меѓународните судови и на нив не треба да гледаме само како статистика, тие се показател за итност од воведување на уставна жалба, смета Кацарска.
Оваа тема, како што посочи, е високо во агендата на нејзиниот претседателски мандат во Уставниот суд.
Претседателот на државата, Стево Пендаровски изјави дека уставната тужба е потврдено ефикасно средство, а најдобар пример за тоа е токму практиката на Уставниот суд на СР Германија, чии одлуки се инспирација за многу правници кои работат во оваа област.
-Иако, досега, постоеја повеќе иницијативи за измена на Уставот во оваа насока, за жал, цела серија парламентарни состави не собраа сила тоа да го направат, а дискусиите за измени на уставот, со цел, воведување на уставната тужба завршуваа во партиско-политички пазарења и надмудрувања за сосема други прашања кои немаат никаква врска со темата. Се надевам дека во блиска иднина и политичката, освен стручната јавност, ќе ја разбере важноста на воведувањето на уставната тужба како важен сегмент во реформите и чекор кон зајакнување на системот за заштита на човековите права и слободи, додаде Пендаровски.
Се разбира, додаде тој, во услови на непостоење на категоријата на уставна тужба во нашиот поредок, „Уставниот суд има можност, уште повеќе, да ја афирмира својата улога на заштитник на човековите права и слободи и во постојните рамки. Тука пред сè мислам на вашата надлежност за постапување по барањата за заштита на слободите и правата, а особено во заштитата од дискриминација“.
– Имајќи предвид дека основите и стандардите за заштита од дискриминација се значајно проширени во Европската Унија, а што најде свој одраз и во нашиот Закон за заштита од дискриминација, сметам дека Уставниот суд може уште попроактивно да се постави во оваа сфера и со оглед на уставно гарантираната независност во неговата работа самиот да постави нови стандарди. На тој начин и во отсуство на уставни измени, Уставниот суд ќе добие квалитативно нова положба и улога во заштитата на правата и слободите. Без сомнение, евентуалниот развој во оваа насока ќе биде корисен и за другите судови, но и непосредно за граѓаните, посочи тој.
Штефан Пирнер, раководител на проектната област „Југоисточна Европа I“ при ИРЗ, во изјава за медиумите кажа дека во однос на уставната жалба, Сојузна Република Германија има многу добри искуства.
– Бројките на поднесоци на Уставниот суд на Сојузна Република Германија се слични како и оние кои беа наведени денеска на конференцијата во случајот со судот во Босна и Херцеговина, односно дека 95 проценти од сите поднесоци на Сојузниот уставен суд, се уставни жалби, соопшти Пирнер.
На прашањето што треба конкретно да се преземе во нашата земја во однос на воведувањето на уставна жалба, тој беше дециден дека најбитно е да се воведе закон за Уставниот суд.
– Ако ги земам предвид германските искуства, тогаш ќе кажам, најбитно е да се воведе закон за Уставниот суд, бидејќи на тој начин, најјасно и најтранспарентно ќе се објасни самата уставна жалба. Јас напишав студија за состојбата на Уставниот суд на Република Северна Македонија, каде доаѓам до следниов заклучок. Основи за воведување на уставна жалба имате, бидејќи во вашиот Устав, во член 110 е вкоренета таа можност. Можноста за заштита на човековите права. А како таа ќе се заштити, ако не преку судот, кој преку своите одлуки, треба да ги заштити правата на граѓаните. Значи уште сега без какви било други дополнителни мерки, вие можете да ја воведете уставната жалба, истакна Пирнер.
Регионалната конференција се одржа во организација на Германска фондација за меѓународна правна заштита – ИРЗ и Уставен суд на Северна Македонија.