
Јужна Кореја отвори оган врз севернокорејски трговски брод
Севернокорејски трговски брод накратко ја премина Северната гранична линија (NLL) во Жолтото Море, поморската граница меѓу двете Кореи, во понеделник, и се повлече откако јужнокорејската морнарица испука предупредувачки истрели, соопштија официјални лица.
Препорачано
Според Здружениот штаб, бродот ја преминал границата околу 5:00 часот утрово во близина на јужнокорејскиот остров Бангњонг и останал на јужната страна околу еден час, наводно до пет километри јужно од линијата, објави Јонхап.
Јужнокорејската војска прво издаде радио предупредувања, потоа испука десетици предупредувачки истрели и гранати, по што бродот сврте кон запад и ја напушти јужнокорејската контролна зона.
Војската ја проценува веројатноста за намерен упад како мала и до утрово не регистрирала никакви необични движења од страна на севернокорејските сили.
Инцидентот го означува првиот упад од севернокорејски брод во NLL за три години, а последниот е регистриран во октомври 2022 година.
Здружениот штаб соопшти дека Јужна Кореја „цврсто ќе ја одржи подготвеноста и решително ќе одговори на секоја ситуација за да го заштити NLL“.
Северна Кореја не ја признава линијата како поморска граница, тврдејќи дека треба да се повлече подалеку на југ.