Фото: ЈСП Скопје

ЈСП доби уште 150 милиони денари субвенции за вработените да се „мирни“ до крај на годината

Јавниот градски превозник со години наназад е лидер помеѓу останатите јавни претпријатија во трошење градски пари, односно добива најголеми субвенции од градскиот буџет. За оваа година во декември минатата година советниците изгласаа рекордни 801.500.000 денари, речиси 13 милиони евра субвенции за 2025 година, а сега сумата ја дополнија со уште 150 милиони денари.

Повторно од градскиот буџет се одлеа значителна сума пари со кои треба да се надминат потешкотиите во работењето на ЈСП „Скопје“ до крајот на оваа година. Најголемиот дел од овие средства ќе се потрошат за зголемените плати на вработените во претпријатието, сума која не била земена предвид при доделување на субвенциите за ЈСП во периодот кога се донесуваше буџетот на Град Скопје за 2025 година.

Советниците на неодамна одржаната седница на Советот на Град Скопје, кои веројатно во овој состав расправаа последен пат пред распишувањето на локалните избори, изгласаа дополнителни субвенции за јавното сообраќајно претпријатие од дури 150 милиони денари, односно нешто повеќе од 2,4 милиони евра.

На прашањето на дел од советниците за што се бараат субвенциите, од службите на Градот објаснија дека парите се потребни за да нема проблеми со исплата на плати до крајот на годинава.

Расипани автобуси/ Фото: Фејсбук-Стефан Кирков

Според директорот на ЈСП, Драги Кушовски, во претпријатието има недостиг на финансиски средства кој треба да се надополни со парите предвидени со ребалансот на буџетот, кој исто така беше усвоен на седницаta.

Минималната плата е покачена, имаме законско усогласување на платите на вработените со општиот колективен договор и тие зголемувања на платите во претходниот буџет пред новата година не беа вклучени. Исто така не беше вклучено ни зголемувањето на цената на приватните превозници, кое што тука беше изгласано. Така што, поради сѐ тоа собрано во еден куп, се појавува недостаток на финансиски средства кои сега со ребалансот треба да се дополнат. Дел од советниците видоа каква е состојбата на возниот парк, дека секојдневно се потребни делови, исплата на добавувачи. Главно тие се тие 3-4 ставки каде се потребни средства да се надокнадат оние кои во претходниот буџет не сме можеле да ги предвидиме – рече Кушовски.

ЈСП со години наназад е лидер помеѓу останатите јавни претпријатија во трошење градски пари, односно добива најголеми субвенции од градскиот буџет. За оваа година во декември минатата година советниците изгласаа рекордни 801.500.000 денари, речиси 13 милиони евра субвенции за 2025 година, а сега сумата ја дополнија со уште 150 милиони денари.

Според првата донесена одлука за субвенционирање 140 милиони денари од нив беа наменети за обезбедување бесплатен превоз на пензионерите, односно за жени постари од 62 години и за мажи на возраст над 64 години и за бесплатен превоз на редовни студенти на додипломски студии на државните универзитети. Дури 600 милиони денари беа предвидени за потешкотии во работењето и за плати на вработените, за функционирање на АЛВ и систем за интелегентна наплата беа наменети 60 милиони денари и милион и пол денари субвенции за поставување натстрешници на автобуски стојалишта.

Расипани автобуси/ Фото: Фејсбук-Стефан Кирков

Во изминативе седум месеци граѓаните не видоа на некои од автобуските станици дека се поставени нови стреи, а постојните не нудат сенки, па граѓаните „зовреа“ чекајќи автобус на плус 40 степени. Исто така не забележаа никакво подобрување во јавниот превоз, ниту дека се надминати некои од тешкотиите со кои се соочуваат патниците кои секојдневно се возат во автобус. Всушност не почувствуваа никаков бенефит од огромните субвениции кои ги добива јавното претпријатие од градскиот буџет, кој исто така го полнат граѓаните.

Состојбата во која се наоѓа претпријатието е многу лоша, иако речиси никогаш менаџментот на ЈСП не споделува со јавноста што точно се случува таму, и колку автобуси се активни по улиците, а колку се паркирани и нефункционални.

Продолжуваат проблемите со превозот: Автобусите се нечисти и без клими, а контролорите дрски, се жалат граѓаните

Неодамна во посета на ЈСП и на средба со Кушоски беа двајца советници од ВМРО-ДПМНЕ, поттикнати од секојдневните поплаки што ги добивале од граѓани во врска со јавниот превоз. Според нив, 200 автобуси стоеле расипани во претпријатието.

Од разговорот со Кушоски можеме да заклучиме дека тој се соочува со големи проблеми и без поддршка од градоначалничката, постојано е со блокирана сметка и во големи долгови со кои се соочува ова претпријатие и покрај тоа што доби големи финансиски средства од неколкукратното субвенционирање од страна на Советот. Над 200 расипани автобуси стојат на паркинзите, несоодветни услови на вработените и систем за работа кој не е сменет години наназад е само плод на недомаќинското работење во ова претпријатие – соопшти советникот Стефан Кирков по посетата на ЈСП.

Од јавното сообраќајно претпријатие и покрај тоа што побаравме потврда на овие тврдења на Кирков, одговор не добивме.

Под проѕирните настрешници на станиците, автобус на плус 40 се чека како под вршник

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот