Фото: Архива на „Слободен печат“

ЈП Водовод: Водата за пиење е безбедна, но опасноста од Југохром нè демне

Се повеќе граѓани наместо вода од чешма се одлучуваат да конзумираат пакувана вода во шишиња, откако се прошири веста за канцерогениот шестовалентен хром од депонијата на Југохром кој е сериозна опасност за изворот во Рашче преку кој со вода за пиење се снабдуваат над една третина а од македонските граѓани.

Дека опасноста не демне, потврдуваат и од ЈП Водовод и канализација, но уверуваат дека во моментов квалитетот на водата за пиење е на високо ниво.

– Точно е дека постои голема опасност од загадување на изворот во Рашче, а за да се спречи тоа и ние како претпријатие имаме алармирано до Министерството за животна средина. Голема е веројатноста хромот од Југохром преку подземните води да стигне до Рашче, но секојдневните мерења на квалитетот на водата покажуваат дека тоа се уште не се случило. Според добиените анализи на 192 примероци за физичко-хемиска и 192 примероци за микробиолошка анализа на вода за пиење од 42 мерни места во Градот Скопје, спроведени во Секторот за санитарна контрола, кој е всушност прва лабораторија во државата која го акредитира своето работење според стандардот ИСО17025:2018, утврдено е дека сите примероци одговараат на Правилникот за безбедност и квалитет на водата за пиење, велат од ЈП „Водовод и канализација“.

Анализата е направена на примероци направени во периодот од 28.06.2021 до 02.07.2021.

Од друга страна пак, во скопското село Љубанци со денови нема вода за пиење. Жителите на Љубанци решение за проблемот истовремено побарале во општина Бутел и во Водовод и канализација од каде што излегле на терен и пронашле два диви приклучоци,  но проблемот останал нерешен.

– Изворот за водоснабдување во село Љубанци не е изворот Рашче, како што е случај за целиот водоснабдителен систем во град Скопје, туку посебни локални бунари, а издашноста на тие бунари во текот на летото се намалува во поголеми размери што предизвикува прекин на водоснабдувањето во одредени интервали во денот. Екипите на ЈП Водовод и канализација – Скопје, врз основа на своите ингеренции, во изминатиот период, излегоа на терен и направија проверка на цевководот од системот за водоснабдување во село Љубанци. При проверката беше потврдено дека нема дефекти на водоводната мрежа, а двата диви приклучоци кои беа откриени, веднаш беа отстранети, одговараат од Водовод.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот