
Јавно зеленило во Тетово, инвеститори со години го уништуваат и пренаменуваат во паркинг места за згради, општината молчи
Сообраќајницата „Борис Кидрич“ во Тетово е единствената во градот во чија должина од центарот на Тетово па се до автобуската станица има парковска површина, што е голема реткост.
Препорачано
Но, зеленилото од година вгодина го снемува. Стари куќи се уриваат, а на нивно место никнуваат згради, а инвеститорите јавните парковски површини ги пренаменуваат во паркинг места за новите станари. Така е со години , а ниту претходните ниту сегашните власти не преземаат мерки за уништување на зелената површина односно узурпацијата на јавниот простор. Таков е последнио случај, а фотографијата сама по себе говори како некогашната зелена површина е уништена и покриена со песок, а деновиве се очекува истата да се поплочи со бекатон плочки.
„Ова што се случува во градот е чисто безаконие, општината тоа го премолчува, претпоставувам дека е ова договорено со самиот инвеститор, се е бизнис интерес во градот, затоа е и најзагаден град во светот“, вели еден жител на Тетово.
„И тоа малку зеленило што остана, ни го земаат, ова е катастрофа за градот“, додава друг тетовец.

Од организацијата “Подобро за Тетово” бараат брза реакција од Општина Тетово за спречување на уништувањето и узурпирањето на јавните зелени површини по улицата „Борис Кидрич“.
„Листата “Подобро за Тетово” бара брза реакција од Општина Тетово за спречување на уништувањето и узурпирањето на јавните зелени површини по улицата Борис Кидрич, што се случува денес пред нашите очи. Инаку, било каква толеранција на ова узурпирање или “донацијата” со молк на раководството на Општината ќе се смета за соучесништво со коруптивна позадина.За жал, поминаа две години а Градоначалникот на Општина Тетово, Билал Касами, не го исполни ветувањето за да ги ослободи јавните зелени површини по патот Борис Кидрич, кои беа одземени од градот. Секојдневно, тротоарите како јавни простории за пешаците, се злоупотребуваат од градежните компании во период подолго од една година во спротивно на Законот за градежништво, согласно член 156-б, став 1, точка 4; при што инспекторатот треба да изрече казна на инвеститорот.
Ја прашуваме Општината за кои интереси затвара очи пред приватните инвеститори, жртвувајќи го јавниот интерес?“, велат од организација Подобро за Тетово.
Сообраќајницата Борис Кидрич и инфраструктурно е во катастрофална состојба. И покрај најавите на градските власти дека улицата целосно ќе се реконструира и ќе добие европски лик, врз сообраќајницата се уште нема никакви градежни активности.