
Јапонија го ограничува бројот на луѓе кои ќе можат да се искачат преку популарната рута на Фуџи
Планинарите кои сакаат да стигнат до врвот на јапонската планина Фуџи преку најпопуларната рута од јули ќе мора да платат 13 долари по лице, а бројот на планинари ќе биде ограничен за да се намали гужвата и да се подобри нивната безбедност, изјави денеска официјален претставник.
Препорачано
Искачувањето на највисоката планина во Јапонија, која е покриена со снег во поголемиот дел од годината, создава се повеќе гужви. Секоја година во периодот кога е дозволено искачувањето – од јули до септември – планинскиот врв привлекува повеќе од 220.000 посетители.
Но, властите одлучија да наплатат котизација од 2.000 јени или 13 долари по лице за искачувањето на познатата вулканска патека Јошида од 1 јули.
Дневниот влез на патеката ќе биде ограничен на 4.000 луѓе, а влезот е забранет помеѓу 16:00 и 2:00 часот, според уредбата донесена од регионот Јаманаши во понеделникот.
„По укинувањето на ограничувањата за ковид, повеќе луѓе почнаа да пристигнуваат овде. Сакаме сите да бидат соодветно облечени за искачување на планината и да бидат добро подготвени“, изјави за АФП претставник на локалната власт Тошиаки Касаи.
Секое лето јапонските медиуми известуваат за туристи кои се искачуваат на планината Фуџи со недоволна и несоодветна опрема за планинарење.
Некои спијат на патеката или палат оган за да се загреат, а многумина се обидуваат да стигнат до врвот висок 3.776 метри без пауза, поради што често се разболуваат или повредуваат.
Активниот вулкан има три други главни правци кои туристите можат да ги користат за да стигнат до врвот, но повеќето туристи ја претпочитаат патеката Јошиду, до која е релативно лесно да се стигне од Токио. Според официјалните податоци, околу 60 отсто од алпинистите ја избираат оваа рута.