Кандидатот за претседател Стевчо Јакимовски во Кавадарци/Фото: МИА

Јакимовски во Кавадарци за нови пазари: Ги дадовме сухоите и ракетните фрлачи и ниту еден земјоделски производ

Мојата заложба ќе оди во насока на отворање на нови пазари, имајќи предвид дека со војната во Украина македонските земјоделци го загубија белорускиот и рускиот пазар, изјави денеска во Кавадарци и Неготино, кандидатот за претседател на државата, Стевчо Јакимовски, кој оствари средби со жители на Тиквешијата.

Тој рече дека претседателот на државата мора да ја развива и економската дипломатија.

-Но очигледно дека ниту Владата, ниту претседателот на државата се интересираат каде можат да се пласираат земјоделските производи. Буквално целата воена опрема што ја имавме и хеликоптерите и „Сухоите“ и ракетните фрлачи и така натаму, сѐ што можевме да дадеме, дадовме, меѓутоа со сета таа воена опрема што им ја дадовме, воопшто не се потрудивме да одат и дел од земјоделските производи, рече Јакимовски.

Во мене, додаде претседателскиот кандидат, земјоделците ќе имаат сигурен поддржувач.

– Заедно со мене кога ќе одам на службени патувања, постојано ќе треба да оди и министерот за економија, да се отвораат нови пазари, нови можности за македонското земјоделие, особено за конзервната индустрија што се развива во овој дел од регионот. Значи овде во Тиквешијата и оној дел кон Гевгелија, појасни Јакимовски.

Тој нагласи дека грижата за земјоделците е многу важна.

– Јас сакам да напоменам дека не може претседателот да се држи само до овие што ги има уставни надлежности, а да не нѐ интересира за тоа како живеат земјоделците, како живеат нашите граѓани, да нема воопшто никаква реакција кога ќе се затвори некој пазар како резултат на виша сила, а војната во Украина е виша сила. За изгубените пазари и воведените санкции македонските земјоделци не добиваат никакви компензации, значи тука тоа прашање мора да го отвори претседателот на државата, смета Јакимовски.

Како претседател додаде дека ќе инсистира за поттик и развој на наменската индустрија и отворање катедра за вооружување на Машинскиот факултет. Јакимовски рече дека постојат огромни можности во делот на таа индустрија.

– Затоа што, во наредните 20 години ќе има глад за оружје и муниција, имајќи ја во предвид војната во Украина, што сигурно нема да запре наредните две години, изјави Јакимовски во Кавадарци.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот