
Јакимовски тврди дека кај „Алумина“ ќе се градат модерни згради како во Дубаи и Чикаго, а не лажен барок
Поднесените 4.000 амандмани од советничката група на ВМРО-ДПМНЕ со кои времено треба да се спречи носењето на Буџетот на Општина Карпош, а со тоа и носењето на ДУП-овите за „Алумина“, за Влае, за Млечен и други планови, за градоначалникот Стевчо Јакимовски се со цел да се оневозможи да се прават фасади, да се плаќа полагање возачки дозволи, да нема стипендии на учениците, да не се реконструираат лифтови, кровови, да не се реконструираат училиштата оти тоа се проекти што се планираат за наредната година.
Препорачано
Искрен да бидам, јас не ни очекувам дека ВМРО-ДПМНЕ ќе ги гласа деталните урбанистички планови затоа што тие се нови објекти, современи, какви што има во Дубаи, какви што има во Чикаго, какви што има во Торонто, во Виена, во Софија, во Белград. Тие се за згради со барок, за лажен барок исто како што е лажна нивната политика, како што се лажни нивните патриотизми, како што се лажни и нивните заложби за зеленило – рече Јакимовски.
Градоначалникот одржа прес-конференција во близина на зградата на ВМРО-ДПМНЕ, за која рече дека нема ниту еден метар квадратен зеленило и е објект кој според него е бетонско чудовиште и претставува најголема бетонизација на метар квадратен во Македонија.
Очигледно не сакаат да поддржуваат современи проекти, со кои во Карпош ќе се обезбеди паркинг-простор за 2.500 граѓани, со дополнителни 1.000 паркинг-места за сите граѓани на Карпош, а тие во ова бетонско издание имаат обезбедено паркинг-простор само за нивното лидерче. Сите други вработени во ВМРО-ДПМНЕ паркираат долу во подземните премини и го блокираат целиот премин. Оваа зграда има и диво изградена тераса. И сега нас нè обвинуваат за налудничави проекти. Кој овде има налудничав проект – оној што предлага современи градби, со решено паркирање, со места за пензионерите, со спорт со рекреација со 50 отсто од изградбата зеленило, со најсовремени подземни сообраќајници или ова нивно здание со кое ги обезвреднија околните објекти и животот на граѓаните на улица Луј Партер – праша Јакимовски.
Тој посочи дека Карпош има најмногу зеленило од сите општини на територијата на Скопје, дека тука припаѓа дел од стариот Градски парк, целиот нов парк, а дека во Карпош има и повеќе од 800.000 метри квадратни блоковско зеленило, кое редовно се одржува и се проширува.
На прашањата дали се оправдани стравувањата на жителите на улицата Прашка дека со изградба на 35-катници на просторот кај поранешната фабрика „Алумина“ нивните бараки ќе останат во сенка и дека ќе се создаде дополнителен сообраќаен хаос, Јакимовски рече дека некои се обидуваат да ги излажат граѓаните.
Лага е, на пример, дека нема да има две 35-катници туку дека ќе има многу повеќе. Лага е дека ќе има сенка врз бараките затоа што овие објекти, кои се од 9 до 11 ката, се повлечени 35 метри од улицата Прашка, плус улицата е 15 метри, значи до бараките има повеќе од 60 метра растојание. Направени се и симулации што покажаа дека апсолутно не ги загрозува и кога е најниско сонцето. Лага е и дека се земени висини од другите бараки, за да се додаде овде висина, кога ова е сосема посебен блок што нема врска со блокот каде што се бараките. Водено е сметка за сѐ и за водоснабдување, канализација, училишта, градинки, инфраструктура – нагласи градоначалникот на Карпош.
Тој посочи дека проектот двапати бил презентиран пред советниците и ниту советниците на ВМРО, ниту независните, ниту друга советничка група не дале никакви забелешки.
Според него, со реализацијата на овој проект Карпош повторно ќе биде водечка општина во државата, затоа што кај „Алумина“ ќе има и бизнис кули каде што луѓето ќе можат да работат и станбени згради за живеење, градинка што ќе ѝ биде подарена на општината, пензионерски клуб што исто така ќе им биде подарен на пензионерите, детски игралишта и друго, а половина од градежната парцела ќе биде зеленило.
Советникот од ВМРО-ДПМНЕ во Советот на Карпош, Роберт Вељановски, информира дека советничката група вчера поднела 4.000 амандмани со кои времено ќе биде спречено носењето на Буџетот на Општина Карпош, но и спречено носењето на ДУП-овите за „Алумина“, Влае, Млечен и серија други што се планираат за реализација до февруари.
Овие налудничави обиди мора да бидат спречени. И затоа времено ќе го блокираме носењето на Буџетот на Општина Карпош. Буџетот на Општина Карпош мора да биде креиран за потребите на граѓаните на Карпош. Имајќи ги предвид проекциите за приходите од комуналии во Буџетот, надоместок за уредување на градежно земјиште во износ од 190 милиони денари, јасно е дека Општината има цврста намера да ги донесе и реализира овие ДУП-ови – рече Вељановски.
За планираниот ДУП за просторот кај „Алумина“, кој до петок е на јавна анкета, со денови алармираат граѓани и граѓански организации. Се приговара на огромните блокови што ќе им го одземат сонцето на жителите, ќе го намалат струењето на воздухот, дека уште повеќе ќе се блокира улицата Прашка, која и сега едвај ги сервисира потребите на жителите на новите згради, но реакциите се и за тоа дека не се предвидени градинка и училиште иако бројот на жители ќе се зголеми за 8.346 жители.