КПУ Затвор Скопје/Фото: МИА

Извесна смената на директорот на „Шутка“, доаѓа уште еден полициски генерал на чело на затворот

На денешната владина седница се очекува смена на директорот на КУП Затвор Скопје, Филип Андов – Сокол поради злоупотребите констатирани при вонредниот надзор на Управата за извршување санкции, спроведен во петокот.

„Слободен печат“ неофицијално дознава дека за нов директор на Затворот во Шутка ќе биде именуван Бобан Утковски, поранешен полициски генерал.

– Заради констатираната состојба дека сите затвореници по списокот не се на број во ќелиите, како и за другите регистрирани аномалии веќе утре ќе биде завршен Записникот и доставен до Јавното обвинителство – изјави в.д. директорот на Управата за извршување санкции, Александар Пандов.

Пандов нагласува дека во моментов до Министерството за внатрешни работи се пријавени шестмина осудени лица од затворот Скопје дека се во бегство. МВР не соопшти дали бегалците се фатени и вратени во Затвор Скопје. Министерот Панче Тошковски најави дека МВР ќе постапува согласно својата надлежност за решавањето на срамната состојба во македонските затвори, за кои Пандов рече дека наликуваат на „хотел – промаја“.

– Мора да учестуваме. МВР е должно да ги истражи сите овие постапки. За внатрешното функционирање во рамки на затворите, надлежна е институција којашто не е МВР. Тоа на крајот на денот сепак е под Министерството за правда и тука би ве упатил кај колегата. Но во делот на откривање на криминал од ваков размер, за што во изминатиов период е сведок јавноста, апсолутно дека имаме надлежност и ќе постапиме. Ќе видите – рече Тошковски.

Министерот Тошковски посебно се осврна на случајот на осуденикот Зоран Милески Кичеец кој наместо на отслужување на затворската казна во струшкиот затвор се најде зад воланот на автомобил кај Маврово и предизвика сообраќајна несреќа со смртни последици пред три години.

– Македонската јавност многу добро знае дека затвореници додека се во затвор биле учесници во рамки на сообраќајни несреќи. Македонската јавност многу добро знае дека затвореници „наводно“ додека биле во затвор биле дел од одредени кривично-правни настани надвор од затворот и нормално е дека сето тоа треба да биде соодветно процесуирано. Ова што се случува во затворите е срам за Македонија. Факт е дека она што беше констатирано во текот на изминатите денови е така како што е и верувајте ми дека соодветно и навремено ќе реагираме за да го расветлиме и овој кривично-правен настан. Факт е дека е кривично – правен настан, не е управна постапка. Не може затвореник којшто наводно е в затвор да предизвика сообраќајна незгода, не може затвореник којшто е в затвор, согласно евиденции коишто ги имаат таму да учествува во друга кражба, тоа е недозволиво – рече Тошковски.

В.д. директорот на Управата, Александар Пандов денеска беше во најголемиот македонски затвор КПУ Идризово каде на самото место се запознавал со состојбите. Таму на сила сè уште е вонредната состојба при што и припадници на Армијата учествуваат во обезбедувањето на затворот, мерка која беше воведена минатата година по низата спектакуларни бегства и обиди.

– Ќе иницирам до Владата да се разгледа оваа мерка за обезбедувањето на затворот Идризово, потребно е да се состане Кризниот штаб за натамошните чекори. Првпат видов дека во Идризово има нови објекти, нови згради, но зошто не е започната втората и третата фаза од обновата на затворот, треба да утврдиме. Се плаќаат камати за земениот кредит за обнова и реконструкција на објектите од затворот. Ќе разговарам со ова утре со министерот за транспорт Александар Николоски – рече Пандов за „Слободен печат“.

Тој додаде дека во однос на затвореникот кој се снимаше во живо на Тик-Ток од затворот веднаш било постапено, и рече дека за жал такви случаи има и ќе се бара модерно решение согласно европските регулативи за телефоните и комуникациите во затворот, бидејќи очигледно е дека затворската полиција не смее да поседува мобилни телефони при контакт со осудениците, а тие пак имаат свои и ги користат на очиглед. Директор на затворот Идризово е поранешниот полициски генерал Зоран Јовановски.

Пандов: Затворите ни се хотел промаја, под итно смена на директорите и постапка од Обвинителството

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот