
Израелски функционер тврди Иран може да го обнови збогатениот ураниум по американските напади
Израел верува дека Иран потенцијално може да го обнови збогатениот ураниум закопан под едно од трите локации погодени од американските сили минатиот месец, изјави висок израелски функционер.
Препорачано
Зборувајќи со американски новинари во Вашингтон, неименуваниот функционер рече дека ќе биде исклучително тешко да се стигне до збогатениот ураниум во Исфахан и дека секој обид би предизвикал обновени израелски напади, објави Би-Би-Си.
Висок израелски функционер, кој не сакаше да биде именуван, рече дека разузнавачките служби покажуваат дека голем дел од збогатениот ураниум на Иран е закопан во Исфахан, кој беше погоден од крстосувачки ракети лансирани од подморница за време на „Операцијата полноќен чекан“ на 22 јуни.
Функционерот рече дека секој ирански обид за обнова на материјалот веројатно ќе биде откриен.
Според него, Израел проценува дека нуклеарната програма на Иран е вратена за две години.

Претседателот на Соединетите Американски Држави, Доналд Трамп, и членовите на неговата администрација тврдат дека нуклеарните капацитети на Иран се целосно уништени.
„Како што претседателот Трамп постојано повторуваше, операцијата „Полноќен чекан“ целосно ги уништи нуклеарните постројки на Иран“, изјави портпаролката на Белата куќа, Ана Кели, во соопштение испратено до американските медиуми.
Проценките на американските разузнавачки служби беа повнимателни, а протечениот прелиминарен извештај на Агенцијата за одбранбено разузнавање (ДИА) заклучи дека сите три постројки во Форд, Натанц и Исфахан претрпеле голема штета, но не биле целосно уништени.