Цела недела не запираат нападите врз Газа - Фотографија Profimedia

Израел спремен за трет копнен упад во Газа: Војната се претвора во голема заложничка драма

Тринаесет војници и 1.200 Палестинци загинаа во 2008 година кога израелски сили навлегоа во Газа за да уништат ракетни бази на Хамас и да пресечат шверц. Ситуацијата сега е неспоредливо посериозна

Ликвидирањето на терористичките групи на Хамас што ненадејно упаднаа на израелска територија, убиваа и грабаа цивили и војници, уништуваа оружје, возила, опрема и инфраструктура на безбедносните сили… не значи и крај на Војната во Израел, која ќе биде долга, исцрпувачка, сурово крвава и експлозивна за регионот и за целиот свет воопшто.

Војната се прелева во веројатно најголемата заложничка драма што ја памети светот – Израел нема да запре сѐ додека не ги извлече сите заложници од Газа, живи или нивните тела, и додека не ги уништи командата, базите, магацините и инфраструктурата на Хамас и не ги ликвидира сите терористи за кои смета дека учествувале при нападот. Слаби се шансите дека тоа ќе го прави преку преговори, без да испрати специјалци во Газа. Ако натежне воената опција, за таквата операција ќе бидат прежалени сите несакани цивилни жртви во Газа, специјалците што ќе загинат гонејќи ги терористите, па и Израелците што ќе бидат жртви на одмазнички ракетирања, бомби и пукотници.

Израел го претрпе најсилниот удар од своето основање, иако еврејската држава водела многу војни. Не загинале толку многу цивили и војници дури ни кога Израел го нападнаа сите арапски соседи заедно. Командантот на израелските воени сили им го опиша на Американците ненадејниот удар на Хамас како „терористичките напади на 11 септември и јапонскиот напад врз Перл Харбор – заедно“. Најместо армии, како при Јомкипурската војна точно половина век порано, во саботата удрија терористички одреди на Бригадите Из ад Дин ал Касам (военото крило на групата Хамас), пробивајќи ја оградата на Газа и првата одбранбена линија на Израел, како да не постојат. Повикот на Хамас до сите други противници на Израел да се вклучат во „решавачката“ војна остана без одговор, што стави крај на обидите да се воспостави контрола врз израелска територија. Израелските сили за три дена ги разбија групите што ја извршија инвазијата и објавија дека биле ликвидирани повеќе од 1.500 терористи.

Војната ќе биде долга

Но, војната не е завршена. Стотината израелски заложници се „живиот штит“ на Хамас во Газа. Бригадите Из ад Дин ал Касам се заканија дека ќе ги погубуваат еден по еден, сѐ додека Израел не го запре безмилосното бомбардирање на Газа. Потоа, според нивното сценарио, би се преговарало за размена на заложници. Слободата на грабнатиот војник Гилат Шалит, кој пет години беше во заложништво, Израел ја плати со ослободување на повеќе од 1.000 членови на Хамас од затворите.

– Се подготвивме за сите сценарија, па и за долга војна – изјави Али Баракех, претставник на Хамас во егзил. Тој оцени дека Хамас ќе настојува да ги размени заробениците за ослободување Палестинци во Израел, па и во САД. Баракех предупреди дека ако Израел почне нов масакр во Газа, ќе почне егзекуција на заробениците, а во војната против Израел ќе се вклучат Хезболах, па дури и Иран.

Овој пат речиси е неверојатно дека Израел би се согласил да преговара откако го претрпе најсилниот удар во својата историја, откако ракетите и вооружените групи убија веројатно повеќе од 1.000 Израелци, повеќе отколку што страдаа во првите денови на Јомпкипурската војна, откако терористите масакрираа повеќе од 260 млади луѓе на забава и по кибуците близу Газа. Израелската јавност бара одмазда, ослободување на заложниците или барем враќање на нивните тела и уништување на Хамас. За еден ден беа мобилизирани повеќе од 300.000 резервисти. Со запирањето на доставувањето струја, гориво, храна и вода завчера почна целосна опсада на Газа. Се потроши резервното гориво и за агрегатите што генерираа струја за болниците во Газа, во која се префрлени илјадници ранети Палестинци. Генералите во Тел Авив отворено порачаа: Газа ќе остане под целосна опсада сѐ додека Хамас не ги ослободи заложниците.

Градот Газа е речиси целосно разурнат уште пред да почне израелската копнена акција – Фотографија Profimedia

Наспроти огромните пропусти во саботата, Израел сѐ уште ја има една од најмоќните, најопремените, најобучените и најспремните армии во светот. За свој противник има близу 30.000 борци на Хамас, вооружени главно со лесно оружје и со илјадници ракети чија убиствена моќ не е во прецизноста туку во масовноста. Но, Израел нема да ја продолжи војната на пустинско бојно поле, како своевремено против армиите на Египет, Сирија или Јордан, туку во Газа, едно од најгустонаселените места во светот, под кое се протега огромна мрежа од тунели и засолништа.

„Леено олово“ и „Заштитен раб“

Дронови и сателити не се од голема помош за да се открие каде во тој подземен лавиринт се кријат заложниците и терористите, кои, патем, постојано се во движење. Може да бидат пронајдени и ослободени само со масовен упад на елитните израелски одреди, поддржани од пешадија, оклопни возила, дронови и булдожери. Тие ќе мораат да проверуваат врата по врата, визба по визба, во непријателска урбана џунгла преполна со заседи, стапици и бомби.

Тоа подразбира многу загинати војници и уште повеќе цивилни жртви.

Откако Израел во 2005 година реши да ја прекине окупацијата на Газа и да ги повлече своите војници и еврејските доселеници, израелски специјалци спровеле две копнени операции во Газа – во 2008 и во 2014 година.

Операцијата „Леено олово“ пред 15 години, меѓу Палестинците е позната како „Масакрот во Газа“. Со цел да го уништат капацитетот на Хамас за стрелање ракети и да го прекинат синџирот за шверцување оружје, елитни израелски единици упаднаа во Газа на 3 јануари 2009 година и се повлекоа на 21 јануари. За да се овозможи навлегување на војници по копно, Газа шест дена беше цел на воздушни напади насочени кон командни центри на Хамас, полициски станици, ракетни бази и инфраструктура. Авиони „ф-16“ и хеликоптери „апачи“ за само 220 секунди координирано нападнаа 100 цели во Газа, со прецизност од 95 отсто, а во вториот бран, половина час подоцна, 64 авиони и хеликоптери погодија уште 60 цели – шабот на Хамас, владини канцеларии и 24 полициски станици. Операцијата заврши со 13 загинати израелски војници и со повеќе од 1.200 загинати Палестинци.

Операцијата „Заштитен раб“ во 2014 година беше одговор на грабнувањето и убиството на тројца израелски војници. Целата операција, од разбивањето на групите на Хамас на Западен брег преку бомбардирање на Газа па сѐ до повлекувањето, траеше 50 дена, при што израелските војници убија повеќе од 2.100 Палестинци, вклучувајќи и 1.462 цивили и близу 500 деца. Беа ранети 11.000 Палестинци, беа уништени 20.000 куќи и половина милион луѓе останаа без дом.

Овие операции беа спроведени заради уништување ракетни лансери и пресекување шверцерски линии. Сега ситуацијата е неспоредливо посериозна. Израел беше жртва на најкрвавиот напад, а во тунелите под Газа има стотина заложници.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот


error: Не е дозволено копирање на содржината !!