Израелски напади врз појасот Газа EPA/MOHAMMED SABER

Израел и натаму ја толчи Газа – убиени уште десет луѓе, меѓу нив и деца

Израелската армија (ИДФ) денес бомбардираше куќа во бегалскиот камп Нусеират во централниот дел од Појасот Газа, при што загинаа најмалку десетмина Палестинци, вклучувајќи деца, јавува „Ал Џазира“.

ИДФ продолжува да бомбардира други делови од Појасот Газа по вчерашните напади во кои загинаа најмалку 110 лица, вклучувајќи 34 лица додека чекаа во ред за храна на локацијата на Хуманитарната фондација Газа (GHF) во Рафа.

Неименувани извори во болницата Насер изјавија дека израелските сили нападнале шатори во кои се сместени раселени лица во јужниот дел на Ал-Маваси, при што загинале најмалку тројца Палестинци, а неколку други биле ранети. Најмалку пет Палестинци беа убиени во градот Газа во израелски напад врз станбена зграда на улицата Хамид.

Во меѓувреме, во Тел Авив се одржаа демонстрации поради децата убиени во окупираната палестинска енклава, пренесе „Ал Џезира“.

Демонстрантите во Тел Авив се собраа за да одржат тивок митинг во спомен на децата убиени во израелските напади во Појасот Газа.

Собирот повика на сеопфатен прекин на огнот за да се стави крај на војната меѓу Израел и Хамас.

Во обид да се подигне свеста кај Израелците, демонстрантите држеа свеќи и слики покрај патот на кои беа прикажани стотици деца убиени во окупираната палестинска енклава.

Друга голема група демонстранти маршираа низ улиците на Тел Авив барајќи итно ослободување на сите затвореници што сè уште се во Појасот Газа.

„Прво на сите, чувствувам болка и срам за она што се случува, за она што Израел го прави речиси две години: геноцид во Газа, колење на илјадници невини цивили, речиси 20.000 деца. Секако, етничко чистење се случува и на Западниот Брег. Фашизмот е раширен во Израел“, рече во саботата Офер Касиф, член на Кнесетот.

Во меѓувреме, семејството на Сајфола Мусалет, палестинско-американка која беше претепана до смрт од израелски доселеници на окупираниот Западен Брег, ги повика САД да започнат истрага и да ги повикаат сторителите на одговорност, објави „Ал Џезира“.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот