
Израел тврди дека го елиминирал и новиот шеф на Командата за вонредни состојби на иранската војска
Израел вчеравечер го убил високиот ирански генерал Али Шадмани, само неколку дена откако го елиминираше неговиот претходник Голам Али Рашид, соопштија израелските одбранбени сили (ИДФ), пренесува Тајмс оф Израел.
Препорачано
– Во воздушен напад во понеделник вечерта загина генерал-мајор Али Шадмани, новиот началник на Централниот штаб на Хатам-ал Анбија, познат и како иранска воена команда за вонредни состојби. Тој беше на должност само околу четири дена, заменувајќи го генерал-мајор Голам Али Рашид, кој беше убиен во петокот во првите напади на Израел врз Иран, се вели во соопштението.
Експлозии и оган од воздушната одбрана денеска беа пријавени во Техеран, додека министерот за одбрана Израел Кац рече дека иранската престолнина била цел на значителни напади.
Според извештаите, воздушната одбрана била активирана и во Натанз, каде што се наоѓа голема фабрика за збогатување ураниум, која беше сериозно оштетена во првиот напад на Израел.
Израелската војска соопшти дека Шадмани бил највисокиот воен командант на Иран, „началник на воениот штаб“ и се сметал за најблиска преостаната воена фигура до врховниот лидер на Иран, Али Хамнеи.
Шадмани „командувал и со Исламската револуционерна гарда и со иранските вооружени сили“ за време на конфликтот, соопшти ИДФ.
Израел ги започна воздушните напади врз Иран рано наутро во петокот, велејќи дека дејствува против непосредна егзистенцијална закана од нуклеарните и балистичките ракетни програми на режимот.