Изневерени очекувањата, но не само на Лазаров
Обидот да се релативизираат поразите поради наводно пресилните противници нема да ја затапат острицата на нападите кон ракометниот селектор како најодговорен на клупата. Тој ги одбра играчите, ја поставува играта и ја избира тактиката. Предалеку сме од „скандинавски височини“.
Македонските ракометни репрезентативци се „прошетаа“ до Краков, каде што досега на Светското првенство забележаа три порази. За жал, таков е впечатокот – екскурзиски, ако се има предвид залагањето на играчите, пред сè. Никако поинаку не може да се прокоментираат речиси трите двоцифрени порази во низа, досега незабележани во настапите на репрезентацијата на меѓународната сцена.
Препорачано
Најкусата анализа вели дека никогаш послаба не била одбраната, никогаш повеќе технички грешки не правеле репрезентативците на завршниците од елитните натпреварувања, никогаш помалку идеи во нападот сме немале. Селекторот Кирил Лазаров оствари уште три „нули“ како селектор. Како и ланскиот јануари, на Европското првенство во Дебрецин, Унгарија. А тогаш играше и Миркуловски од ветераните.
Екскурзијата, се надеваме, нема да продолжи и во Плоцк, каде што се среќаваме со најслабите репрезентации досега на мундијалот – Алжир, Тунис и Мароко. За среќа, најверојатно е обезбеден пласманот и на наредното ЕП.
Иако очекувањата пред почетокот на првенството не беа којзнае какви, сепак постоеше надеж дека нашите ракометари барем малку ќе нѐ израдуваат. Поразот од фаворитот Норвешка беше „планиран“ и во пошироката спортска јавност, со Холандија мислевме дека добро ќе се држиме, а верувавме во победа против Аргентина. Од трите работи, само првата се исполни. Аргентинците ни одржаа лекција во ракомет. Три натпревари, три шлаканици.
Мора да се нагласи дека и хејтерството на социјалните мрежи по поразот од Аргентина беше непотребно. Некако навикнавме по секој спортски пораз да читаме секакви коментари од „експертите“ на „Фејсбук“ и „Твитер“, кои повеќе знаат и од тренерите и од играчите. За жал, имало случаи кога и по победа се плукало по наши спортисти. Нејсе, таквите негативни коментари секогаш ќе постојат, не треба да им се обрнува внимание, но преиспитувањето е нужно ако реакциите се, главно, негативни.
Селекторот Кирил Лазаров не се прослави со својот однос кон некои играчи на клупата што можеше да се види и од ТВ-преносите, а уште повеќе негативно изненади со коментарот по последниот пораз од аргентинската репрезентација. Тој изјави дека не очекувал победа на ниту еден натпревар на ова првенство!? Се предаде ли селекторот однапред, свесен за „адутите“ со кои располага?
Обидот да се релативизираат поразите поради наводно пресилните противници нема да ја затапат острицата на нападите кон него како најодговорен на клупата. Тој ги одбра играчите, ја поставува играта и ја избира тактиката за секој натпревар. Стилот на игра што сака да го достигне, според неговите зборови, е скандинавскиот, но очигледно сме многу далеку од тие посакувани „височини“. Треба да се изнајде стил на игра што најмногу одговара на профилот на играчи со кои располага. Да не заборавиме дека Македонија никогаш немала шестмина играчи за прва постава што се способни еднакво квалитетно да играат „во двата правци“, односно и во напад и во одбрана.
Сè додека е селектор, на Лазаров треба да му се верува дека нашата репрезентација во наредните години ќе се стреми да биде Норвешка, но актуелното Светско првенство воопшто не ги отслика тие негови соништа.
Македонија и во младинскиот ракомет нема некоја перспектива. Младите категории бележат уште помалку пласмани во завршници на елитни натпреварувања отколку сениорите. Значи, тоа што се создава како потенцијал во клубовите кои играта, главно, ја потпираат на странци, е недоволно за исчекор напред на репрезентацијата. Не се согласувам со некои од политиките во младинските школи, но верувам дека во земјава има таленти што можат да се пробијат и да донесат големи успеси за земјава. Особено што ракометот е сè уште спортот број 1 во земјава. Од повеќе аспекти.
Да се надеваме дека младите ракометари барем ќе научат нешто од овие тешки порази, па во иднина ќе можат да го повторат успехот на претходните генерации. Истото се однесува и на селекторот и целиот стручен штаб, па и на ракометната федерација воопшто.
Без оглед на сè, секогаш сум оптимист кога станува збор за македонскиот спорт и верувам во младите генерации. Верувам и во оваа – ракометната!