Прес за Законот за урбанистичко планирање/Фото: Слободен печат/Слободан Ѓуриќ

Измените на Законот за урбанистичко планирање ќе направат штета, Сиљановска-Давкова да не го потпишува Указот, бараат граѓанските здруженија

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова да не го потпише Указот за програсување на измените на Законот за урбанистичко планирање, како единствена можност да се поправи штетата што е направена по нивното изгласување во Собранието по скратена постапка, побараа денеска граѓанските здруженија. Тие на прес конференција повторно посочија некои од забелешките на овој закон и побараа тој да се врати во редовна собраниска процедура и да се донесе со широка дебата со вклучување на сите засегнати чинители.

Основна и прва забелешка е во однос на 600 ДУП-ови чиј што рок на носење е изминат поради новиот Закон во кој што стои член во кој се вели дека ако не се завршени во рок од четири години, мора да продолжи постапката по новиот закон, односно земање на параметрите од новиот закон. Сега ги враќаме во живот, значи ќе одат како што се веќе проектирани по стариот закон, а тука немате реална состојба, попис и многу елементи кои веќе се изменети низ годините, а кои мораат да се вклучат во самите урбанистички планови, рече Татјана Стојановска од „О2 Иницијатива“.

Тие оиаат забелешки и во однос на потврдата за урбанистичка усогласеност, но не се согласуваат и со измената со која се дозволува урбанистички проект да не помине на јавна анкета и на Совет.

Доколку сепак претседателката го потпише Указот, Стојановска истакна дека ќе се залагаат што побрзо да се донесе нов закон.

 Борбата понатаму ќе се сведе на што побрзо носење нов закон за урбанизам, кој веќе е поставен во ноември лани на ЕНЕР, но таа процедура е закочена, а носиме измени на овој закон. Ќе форсираме што побрзо носење на новиот закон со една широка дискусија, но времето што ќе го изгубиме во носење со последиците што ќе се добијат со овие измени не можеме да ги предвидиме сега засега и тоа е страшното, рече Стојановска.

Ана Чоловиќ Лешоска од „Еко свест“ апелира во процесите на донесување одлуки за сите закони да бидат вклучени сите засегнати особено кога станува збор за закони кои ја засегаат животната средина.

Ако сакаме вистински да демонстрираме демократски практики, транспарентност, отчетност, мора власта да знае дека граѓаните, јавноста, научната фела се тука за да учествуваат заедно со нив во креирањето на законите. Ние не бараме да бидеме постојано критизери на процесите, туку сакаме да бидеме кокреатори на процесите. Мислам дека тоа е главната поента на демократското општество. Алармираме во однос на овој закон конкретно затоа што со неговото донесување по скратена постапка навистина правиме повреда и на нашите национални закони, но и на меѓународното право, рече Чоловиќ Лешоска.

Јане Димески од Граѓанска иницијатива „Шанса за Центар“ нагласи дека очекувале нешто повеќе и подобро на почетокот на мандатот на една власт, дека ќе прикаже некаков поинаков манир на владеење и управување, бидејќи, како што рече, ако ги повторуваме пак истите грешки од минатото не можеме да очекуваме резултати поразлични од ова што сега го живееме.

Министерот за транспорт Александар Николоски во Собранието образложи дека целта на измените на Законот е да се подностави процедурата за изградба на училишта, градинки, амбуланти, болници и катни гаражи и општините да можат да ги искористат средствата за такви проекти што беа обебзедени со ребалансот на Буџетот.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот