
Исламски џихад бара промени во планот на Трамп за Газа, но не го отфрла целосно
Заменик-генералниот секретар на палестинската организација Исламски џихад, Мухамед ал-Хинди, синоќа изјави дека сунитското исламистичко движење бара големи промени во мировниот план на американскиот претседател Доналд Трамп за Газа, откако претходно го отфрли целосно.
Препорачано
Според него, меѓу условите што ги нагласува Исламски џихад е јасно дефиниран распоред за повлекување на израелските сили од Појасот Газа, што би било поврзано со ослободување на заложниците што ги држи организацијата, објавува „Тајмс оф Израел“.
Исламски џихад претходно го отфрли планот целосно, но новите коментари сугерираат дека групата повеќе не ја исклучува можноста за разговори, доколку планот се промени во согласност со нивните барања, проценува израелскиот весник.
Мировниот план на Белата куќа за Газа, објавен во понеделник, предлага крај на конфликтот меѓу Израел и членовите на палестинската милитантна група Хамас, како и враќање на сите заложници што ги држи групата, мртви и живи, во рок од 72 часа од јавното прифаќање на договорот од страна на Израел.
Планот, меѓу другото, предвидува дека израелските сили ќе се повлечат на договорените линии за да се подготват за ослободување на заложниците, а откако ќе бидат ослободени сите заложници, Израел ќе ослободи 250 Палестинци кои отслужуваат доживотна казна затвор и 1.700 жители на Газа кои се притворени од почетокот на војната на 7 октомври 2023 година.
Според планот, Појасот Газа би бил ставен под контрола на меѓународно тело, предводено од Трамп, а во кое би бил вклучен и поранешниот британски премиер Тони Блер.