Сашко Георгиев, претседате на Судскиот совет/фото:Судски совет

Интервју со Сашко Георгиев, претседател на Судскиот совет: Судството, не по своја волја и вина, стана заложник на политиката

Бројни се проблемите во судството кои можат да се решат со повеќе законски измени, со кои ќе се укинат судовите во помалите општини, повторно ќе се вратат одделенијата за организиран криминал во судовите низ државата, ќе се зајакне контролата од повисоките кон пониските судови, ќе се поедностави процедурата за оценувањето на судиите, но освен законски измени, потребно е и да се зголеми одговорноста кај дел од судиите, а претседателите поостро да реагираат кога последователно им се оддолжуваат рочиштата од разни причини, констатира Сашко Георгиев, претседател на Судскиот совет. Според него, последните измени на Кривичниот законик влијаеа уште повеќе да се зголеми недовербата во судството, кое со тој чин стана заложник на политиката.

Разговорот е правен пред да стаса извештајот на ЕК за напредокот на Македонија во ЕУ-реформите, во кој меѓудругото, има силни критики за постапките во Судскиот совет во минатите месеци, особено за незаконската смена на претходната претседателка.

Кои се трите најзначајни причини поради кои граѓаните имаат ниска доверба во судството?

– Незадоволството и ниската доверба се стар проблем во правосудството, но во последните неколку години во анкетите се докажува дека недовербата е зголемена. Причините за перцепцијата на граѓаните за ниската доверба во судството ги гледам низ неколку фактори. Прво, според мене, е неефикасното завршување на високопрофилните предмети покренати од поранешното Специјално јавно обвинителство за познати функционери, бизнисмени, политичари, кои имаа долги и гломазни постапки без завршница. Наместо брзи и ефикасни постапки, во кои беше определен притвор, се случи спротивното: неефикасност и одолговлекување. Се укинаа пресудите од повисоките судови без притоа да се наведе аргументирано и транспарентно од кои причини се прави тоа, дали било нужно да се укинат или можело евентуалните повреди да се отстранат во повисоките постапки.

Втора причина е неефикасноста на Законот за судовите со стари и нереформирани решенија, кои не се функционални и прилагодени на новото време, како и неекипираност на судскиот и стручниот кадар.

Трета е критичната опсервација на дел од медиумите и креирањето на негативно јавно мислење, генерално за судството, без индивидуализација на одговорноста и посочување на конкретно име и презиме на судијата или советот кој одлучувал. Игнорирањето на позитивните резултати за успешно завршените предмети во услови кога имаме недоволна екипираност, како и недоволното согледување кога причините за таквата состојба не се секогаш во судот и судиите, туку треба да се бараат во обвинителството, бранителите, па дури и во самата странка. Се доведовме во состојба дури и за ситуации кога по правосилни пресуди не може да се наплати долг во извршна постапка, повторно главниот виновник да е судот.

Какви суштински измени на законите и реформи се потребни за да се дојде до независно, ефикасно и објективно судство? Што да се направи за да се намали преоптовареноста на судовите, како и да се ублажи недостатокот на судии? Дали реизбор или ветинг ќе помогнат за да се подобри перцепцијата во јавноста?

– Неодамнешните измени на Кривичниот закон, каде како последица застареа многу кривични предмети кои беа пред завршница, се одразуваат дополнително на недовербата во судството, особено што судството, не по своја волја и вина, стана заложник на политиката и мораше само законски да констатира застареност на предметите.

Законските решенија, особено Законот за судовите во делот на надлежностите и судската мрежа, се особено дискутабилни. Согласно Законот за судовите целата моќ е фокусирана во делот на одделението за организиран криминал за кривичните постапки. Стариот закон за судови од 2006 година беше многу попрактичен. Одделенија за организиран криминал имаше во судовите во секое од четирите апелациони подрачја – Гостивар, Битола, Штип и во Скопје. А сега, само во главниот град.

Решавањето на најтешките кривични дела беше децентрализирано во повеќе определени судови и беше многу поефикасно. Сега со Законот за судовите сè е сконцентрирано во еден суд -Кривичниот суд Скопје, каде 10 судии ги решаваат најтешките кривични дела, а нема ниту просторни можности, ниту доволно кадар во овој суд. Кој ќе работи во ова одделение определува претседателот на судот со годишен распоред.

Потребни се измени и во делот на постапување по жалби, кои би ги решавале четирите апелации, но како една апелација, освен за времените мерки, притвори… Впрочем, веќе има такви добри практики во соседството и во регионот. На тој начин би се спречиле влијанијата на адвокатите и судиите, но и би се обезбедила поголема рамномерност и објективност во одлучувањето.

Во делот на судската мрежа сметам дека треба да ги следиме европските стандарди. Имаме основни судови во градови, кои пред 30-40 години беа со развиено стопанство, а сега се општини со едвај 10.000-15.000 жители. Многу поцелисходно и пооправдано е кога во овие општини би постоеле судски одделенија, кои би биле составен дел на соседните судови со проширена надлежност. На овој начин граѓаните повторно би имале пристап до правдата, но остварена на поквалитетен начин. Судењата би се одвивале со судиите од помалите судови, со точно закажани термини за судења во овие одделенија и со најмногу 2-3 вработени за електронско издавање на документи.

Измени се потребни и во делот на постапување на судските поротници. Имаме неекипираност на кадарот со стручни соработници, недостиг на техничка поддршка.

Постои и недоволна професионалност на еден дел од судиите и нивната инертност во постапувањето со одолговлекување на постапките и незакажувања на процесите. Не смее да се дозволи да има по 15-30, па и повеќе одлагања поради отсуство на вештаци, адвокати и судски поротници, а најмалку поради присуство на семинари, обуки и други причини.

Апелационите судови и Врховниот суд на РСМ како повисоки судови се должни да вршат контрола најмалку два пати во годината и за тоа да има извештаи. Не сум видел во последните пет години од нив да се поттикнат барања за незаконито или несовесно постапување, бидејќи вообичаено – „сè е во ред!“.

Претседателите на судовите во најголем дел, секоја чест на исклучоците, се тие кои мора да интервенираат и до судијата и до Советот, доколку увидат дека има ненапишани пресуди, со енормно пробивање на роковите.

Имаме преодни генерации на судии, во периодот 2020-2024 година околу 180 судии, оствариле или ќе остварат услови за старосна пензија. Почнувајќи од 2012 година, кога ги добивме првите кадри од Академијата за обука на судии и обвинители, сега нивниот број се зголеми на околу 70, а 30 судии избравме неодамна. Очекуваме дека оваа генерација, која посетува настава во Академијата ќе заврши во 2024 година и ќе имаме нови 50 судии. Во тек е упис и на 130 академци. Тоа значи дека имаме ново, младо судство, а за околу две години, дури 80 отсто од судиите ќе бидат од редот на академците. Тоа, ќе се согласите, е „принуден ветинг“, затоа што ни доаѓаат нови генерации млади судии.

Каква реформа на Судскиот совет му е потребна? Како претседател какви слабости утврдивте во функционирањето на ова значајно правосудно тело и што очекувате од најавените законски измени ?

По однос на реформите во Законот за Судскиот совет на РСМ како член, но и како претседател, според мое убедување, долгонајавуваниот нов Закон од 2019 година недоволно ги оправда очекувањата. Особено во делот на членот 8, каде што се уреди дека претседателот и неговиот заменик се избираат од редот на членовите избрани од Собранието. На тој начин се ограничија и дискриминираа членовите од редот на судиите, но за среќа, грешка ја исправи Уставниот суд со одлука во март оваа година.

Понатаму, во пракса се покажа недостаток, односно законска неуреденост на постапката за разрешување на претседател или заменик, кога тој нема доверба, и јасно и конкретно прецизирање, кое однесување на претседателот или заменикот би било причина за разрешување.

Сметам дека треба да се уреди и кој би бил тој потребен процент или цензус на гласови при избор за член на Судскиот совет од редот на судиите од Врховниот суд и од апелационите подрачја. Во праксата имавме случаи кога само со еден глас, па дури и со сопствениот, кандидатот можеше да биде избран и да стане член на Судскиот совет.

Неопходно е да се формулира поимот „истакнат правник“ и да може тој да биде прифатлив за судската фела. Согласен сум да се дефинира одговорноста на членовите на Советот од редовите на судиите и пред кое тело тие би одговарале за своите одлуки, но и да се уреди одговорноста за членовите избрани од Собранието и оние предложени од Претседателот.

На мислење сум дека во работењето и одлучувањето во Советот поголема улога треба да добијат преставниците од Здружението на судии, со евентуално нивно учество и можност за застапеност.

Имам забелешки во делот на оценувањето на судиите, каде новиот закон се покажа како многу сложен, гломазен и неефикасен. При изборот на судии, методологијата за оценување премногу значење и приоритет при бодувањето им дава на познавањето на странски јазици и информатички знаења, а сепак, го оценуваме квалитетот на судијата, кој најважно е да работи и да суди по закон.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот