
Интервју | Љупчо Коцевски, републички јавен обвинител: Довербата во Јавното обвинителство ќе се врати со транспарентност и со отчетност
Транспарентноста ќе ја поттикне отчетноста на јавните обвинители во извршувањето на нивната работа, а штом ќе има отчетност, секој обвинител ќе биде ефикасен и ефективен. Ќе се труди максимално да успее во предметот, да ги запази законските рокови, да преземе одредени дејствија, затоа што ќе мора да излезе пред граѓаните и да каже што сработил за одреден период, вели државниот обвинител Коцевски во своето прво интервју по изборот
Препорачано
Новоизбраниот Јавен обвинител на Република Северна Македонија Љупчо Коцевски верува дека довербата на граѓаните во Јавното обвинителство ќе се зголеми со транспарентност и отчетност на јавните обвинители кои ќе бидат задолжени редовно да информираат што работат. Според него ефикасноста и ефективноста на ЈО ќе порасне кога институцијата ќе го добие буџетот што по закон ѝ следува, за што ќе се врши притисок врз власта. Обвинителот Коцевски не очекува помош од политичарите во изградбата на силно и независно Обвинителство, но бара од нив да ги почитуваат законите за финансирање на правосудните органи.
Обвинителе Коцевски, дали сте свесен дека ја имате најмоќната функција – главен државен обвинител и како ќе ја искористите со цел да се врати довербата на граѓаните во Јавното обвинителството, која сега е ниска, да се искорени високата корупција, која е најголемиот проблем во општеството и да се постигне независност?
– Се разбира дека сум свесен за тоа, таа функција за која самиот се кандидирав е личен предизвик за кој мислам дека сум професионално подготвен. Имам програма во која како приоритетни области се наведени сите овие кои ги набројувате и веднаш почнав со дел од активностите. Клучот е во обезбедувањето на независноста на јавните обвинители во постапувањето, во нивната отчетност и одговорност. За да се постигне тоа неопходна е транспарентност, и институционална и поединечна од секој јавен обвинител. За тоа максимално ќе се заложам. Кога станува збор за корупцијата, факт е дека таа никогаш не може да се искорени во целост, не само овде, туку никаде, и во најразвиените земји, но ќе се залагам борбата против корупцијата да биде поефикасна и повидлива за граѓаните.
Како го затекнавте Јавното обвинителство на почетокот на вашиот мандат, а какво сакате да го оставите после шест години? Кои се најголемите проблеми и предизвици?
– И пред мене и после мојот мандат ЈО е и ќе биде стабилна организација во која има навистина одлични професионалци. Јас ќе се трудам максимално да ја претставам таа слика на пошироката јавност и внатрешно да ги подобрам условите за работа. Искрено, се соочуваме со многу проблеми и предизвици. Како приоритети би ги споменал недоволните материјални и кадровски ресурси. Обвинителството секоја година добива помалку од половината од буџетот што законски му следува и кој објективно е недоволен. Во законот се предвидени средства од најмалку 0,4 отсто од државниот буџет за тековната година, а едвај ни даваат 0,2. Да не речам, народски, како институција буквално едвај преживуваме со овој буџет, а камоли да зборуваме за осовременување и унапредување на состојбите. Потребни ни се средства и опрема за дигитализација. За самостојноста на ЈО е значајно да биде и финансиски самостојно во располагањето со буџетските средства и да не зависиме од процената на Министерството за финансии. Ова прашање би сакал да биде решено до крајот на мојот шестгодишен мандат.
ЈО континуирано се соочува со одлив на кадри и со кадровските ресурси сме во голем дефицит. Во моментот ни недостигаат 88 јавни обвинители. Во јавнообвинителската служба се пополнети 371 работно место од вкупно 1.126, што е помалку од 40 отсто пополнетост. Предвидени се 197 раководни јавнообвинителски службеници, а пополнети се само девет! Ни треба екипираност. Овие бројки дополнително се намалуваат, а обемот на работа се зголемува. Имаме обвинителства со само еден или ниту еден обвинител, тоа не е одржливо.

Како ќе ја натерате власта конечно на ЈО да почне да му ги исплаќа буџетските средства што му припаѓаат со закон, наместо половина, како што исплаќа со години наназад и дополнително, да ви дозволи независно управување со парите?
– Лично јас не можам да ја натерам власта на ништо. Ќе се обидам преку зголемена транспарентност да ја подигнам свеста за моменталните состојби со кои се соочуваме, за неопходноста од обезбедување на соодветни услови и средства за работа. Верувам дека притисокот до власта ќе дојде од целата јавност, во чиј интерес е секако беспрекорното функционирање на Обвинителството. Ако сакаме резултати и ефикасност во борбата со криминалот и корупцијата потребни ни се минимумот финансиски средства што ни следуваат по закон.
Нели е тоа еден од начините на извршната власт да го држи „на кратки узди“ Обвинителството? Дали на власта всушност не ѝ одговара силно Обвинителство со доволно пари, опрема, истражни центри итн., односно вистински независно?
– Ако сакаме резултати, потребни ни се најмалку минимумот законски средства кои ни следуваат по закон. А не како досега да се користат едноставни изговори дека нема пари. Затоа и ние сега ќе се залагаме со транспарентност, со помош на јавноста, со дописи, ќе се буниме, ќе вршиме притисок. Мора да се врши притисок затоа што вака се седи во место.
А потоа ве обвинуваат дека сте неефикасен орган.
– Да, а ниту еден истражен центар не може да одговори на задачите без современа опрема, без средства за преземање на истражни дејствија. За опремувањето сега главно се потпираме на странски донации. Јавното обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција и обвинителствата во Скопје, Тетово и во Куманово имаат истражни центри и истражители, ама другите обвинителства немаат. Опремата за истражните центри досега доаѓа главно од донации! Правдата е инвестиција за целата држава, а кратењето на средства на Обвинителството е кратење на квалитетот на правдата.
И произлегува дека тој што ги крати средствата, сака да ја скрати и правдата.
– Можеби тоа е логична констатација.
А партиите, кога се во опозиција ве критикуваат за разни слабости, а кога се власт не помагаат тие да се надминат, туку ги користат за своите политички цели. Јасно ли им е на обвинителите дека не можат од политичките партии да очекуваат помош во изградбата на силно и независно обвинителство, туку дека за тоа ќе мора да се изборат самите?
– Ниту еден обвинител таква помош не очекува. Како институција апсолутно сме подготвени да си ја браниме независноста и самостојноста, а верувам ќе ги минимизираме злоупотребите на работата на ЈО за политички цели. Од политичките чинители ќе бараме единствено доследно почитување на законите, особено во однос на буџетските средства кои ни ги гарантира законот.
Мојата биографија гарантира ефикасност
Државниот јавен обвинител го избира Собранието на предлог на Владата, која избира од кандидатите што на конкурсот добиле позитивни оценки од Советот на ЈО. Вие бевте единствен кандидат со позитивни оценки. Дали мислите дека тоа што Ве предлага Владата, а не опозицијата, на некој начин ве прави должник кон власта?
– Често власта нè вклучува во изработка на законски решенија и учествуваме во разни комисии, но на крајот законот го носи Собранието. Законот за ЈО е организациски закон, а за начинот на избор и именување на јавен државен обвинител постапката е таа. Во последниве 30 години досега јавен обвинител не поднел програма пред пратениците за да се види што ќе работи. Јас имам биографија за ова унапредување. Можеби не е за верување, но, во мислењето за мене за периодот додека работев во Вишото јавно обвинителство во Гостивар, за ажурноста стои дека секој месец сум ги сработувал сите предмети. Дали биле 20 или 40, покрај дополнителните активности, јас повеќе од 13 години во Гостивар секој месец ги завршував сите предмети. Бев член на УО на Академијата за судии и јавни обвинители, во два мандати бев член на комисијата за полагање на завршен испит во Академијата, три мандати бев член на УО на Здружението на обвинители, шест месеци работев и за ВЈО Штип. Во Републичкото обвинителство го водам најсензитивното, најдоверливото и најсложеното одделение, а тоа е Одделението за следење на комуникации и метаподатоци, што е многу тешка и одговорна работа. Од страна на колегиумот на ЈО без избран за член, а потоа и за претседател на дисциплинската комисија, а сега повторно сум член на УО на Академијата за судии и обвинители.
Со ова искуство, може ли да ветите неселективност во гонењето, постапување по сите пријави и покрај тоа што политиката силно ќе притиска? Како ќе го смените впечатокот во јавноста, која треба да има доверба во ЈО?
– Транспарентноста е најбитна за да се зголеми довербата во ЈО. Таа ќе ја поттикне отчетноста на јавните обвинители во извршувањето на нивната работа, а секако, штом ќе има отчетност, секој обвинител ќе биде ефикасен и ефективен. Ќе се труди максимално да успее во предметот, да ги запази законските рокови, да преземе одредени дејствија, затоа што ќе мора да излезе пред граѓаните и да каже што сработил за одреден период. Одржав колегиум со сите обвинители во државата, со шефовите, со вишите и републичките обвинители, им ги кажав деловите од мојата програма, им ја поделив за да бидат во тек. Можам да ветам дека јавните обвинители ќе бидат максимално транспарентни. Покрај соопштенијата што ЈО ги има секојдневно на вебстраната, обвинителите ќе треба да даваат и изјави за предметите, секако она што може да се каже според тоа во која фаза на постапката е предметот. Со тоа јавноста ќе знае дека ЈО е отворено и работи отчетно, а ќе се зголеми и квалитетот. Транспарентноста, отчетноста, ефикасноста и ефективноста се поврзани садови. Едноставно, ќе му биде срам на јавниот обвинител да каже дека за одреден предмет ништо не сработил. Со тоа ќе доаѓа и културата на интегритет на јавниот обвинител, тој стекнува интегритет и за себе и пред јавноста.
Предистрага за издавањето на лични документи
Кој е ставот на ЈО во врска со катастрофалната ситуација со издавањето на личните документи, има ли основ за кривично гонење на одговорни лица во МВР?
– ЈО има формирано предмет во кој се споени три кривични пријави во врска со издавањето на личните документи, од кои едната е поднесена малку порано од граѓанин, а другите две се од пред некој ден, од политички партии, односно нивни претставници. За нив се води единствена постапка. Во оваа фаза од постапката ниту јас, ниту друг обвинител, не би можеле да дадеме многу податоци. Се постапува професионално, се проверуваат сите докази и доколку има или нема кривично дело, верувајте дека ЈО ќе донесе соодветна јавнообвинителска одлука врз основа на доказите со кои располага. Заведен е предметот, доделен е на јавен обвинител и се преземаат одредени процесни дејствија.
Измените на Кривичниот закон придонесоа да застарат повеќе дела од висока корупција, а потоа истите политичари кои ги донесоа измените продолжија да го повикуваат правосудството поажурно да се бори со корупцијата. Како ја коментирате таа ситуација?
– При носењето на последните измени на овој закон ЈО воопшто не беше консултирано. Нас никој не нè праша, а ние како орган немаме надлежност да ги коментираме законските решенија откако се донесени. Имаше тврдења дека требало да се буниме. А што да се буниме кога веќе беше донесен законот и каде да се буниме? Ние сме обврзани да ги применуваме законите. Факт е дека добар дел од предметите застареа, но јавните обвинители вложуваат максимални напори од секој предмет да извлечат максимум. Обвинителството и судството сосема неоправдано го носат товарот на ефектот на овие измени кои дополнително негативно се одразија на довербата на граѓаните во правосудните институции.