д-р Ирина Пановска Ставридис

Интервју | д-р Ирина Пановска Ставридис: Благодарение на донацијата од САД, на Хематологија годишно ќе се примаат 70 нови пациенти со малигни болести за кои досега немаше место

Со максимална посветеност и фокусираност, стручниот тим на Клиниката, годинава спроведе 42 хематопоетски трансплантации.

Што во пракса ќе значи донацијата од 800 илјади американски долари за Клиниката за хематологија од аспект на хематолошките пациенти? За што конкретно ќе бидат наменети овие средства и како точно оваа инвестиција ќе се рефлектира на пациентите, какви здравствени услуги ќе може да добиваат?

д-р Ирина Пановска Ставридис: Финансиската помош е признание од страна на САД за потенцијалот што го носи менаџерскиот и лекарскиот тим на ЈЗУ Клиника за хематологија Скопје. По тригодишното неуморно залагање и благодарејќи на моите лични референци и препораки од еминентни професори од САД, на Клиниката есенва официјално и беше доделена значителна финансиска поддршка во висина од 800 илјади долари од Европската команда на армијата на САД. Средствата се обезбедени преку програмата за помош на амбасадата на САД во нашата земја. Сумата е наменета за проширување на капацитетите за хоспитализација, односно надградба на уште еден спрат. Реализацијата на инвестицијата ќе значи огромно олеснување за секојдневното функционирање, ако се земе предвид фактот дека искористеноста на стационарот во последните неколку години е над сто отсто и секојдневно се бара кревет повеќе. Новиот капацитет, заедно со воспоставените најсовремени методи за лекување и медицинска грижа, нудат можност нашата клиника да му служи не само на македонскиот јавен здравствен систем, туку истовремено не етаблира во врвот на најзначајните центри за лекување на хематолошки болести во поширокиот регион. Овој зафат, за мене како раководител на клиниката, претставува заокружување на мојот ангажман и целосно исполнување на визијата што ја имав поставено пред себе како цел, да создадам современа, ефикасна и експертска клиника, организирана според највисоките медицински стандарди. Ја користам оваа прилика уште еднаш во името на сите граѓани на Република Северна Македонија да изразам јавна благодарност до граѓаните на САД за нивната финансиска поддршка. И се заблагодарувам на Европската команда на војската на САД што препознаа во нас сила која ја менува заедницата на подобро и ја поддржаа нашата мисија.

Американска донација за Клиниката за хематологија

До кога се очекува да биде готов новиот спрат и какви медицински интервенции ќе се спроведуваат таму?

д-р Ирина Пановска Ставридис: Согласно динамичкиот план за реализација, планираме новиот спрат да биде ставен во употреба за две години. Со оваа донација, Клиниката за Хематологија ќе добие додадена вредност од техничка гледна точка, простор и опрема со која дополнително ќе се подобри медицинската услуга за пациентите. Паралелно со овој процес континуирано тече и процесот на екипирање и развој на тимот лекари и медицински персонал, согласно најновите трендови во рамки на европската и светска пракса. Сметајте дека со почеток со работа на новото одделение, на пациентите ќе им биде ставено на располагање се што поседуваат и нудат најсовремените центри од ваков вид.

Министерот Венко Филипче со д-р Пановска Ставридис и американската амбасадорка Кејт Мари Брнз

Бидејќи Клиниката за хематологија прераснува во регионален центар за лекување на хематолошките пациенти со малигни заболувања, што ова ќе значи од аспект на бројот на пациенти кои сега ќе можат да се лекуваат тука, поточно дали ќе се зголеми бројот на трансплантации кои што се прават на годишно ниво?

д-р Ирина Пановска Ставридис: Kако што веќе споменав, менаџментот на Клиниката за хематологија континуирано работи на развој на човечките ресурси. Проектот во кој САД препозна потенцијал е комплементарен со нашите напори и претставува можност токму во таа насока. На новиот оддел, годишно ќе бидат лекувани најмалку 50 до 60 пациенти од нашата земја и 10 до 15 од соседните земји, кои досега не можевме да ги прифатиме заради немање просторни услови. Тоа се пациенти со малигни хематолошки болести, една од најранливите групи на пациенти. Во моментите кога светот се соочува и се бори со најголемата здравствена криза во поновата историја, предизвикана од Сарс Ков 2 вирусот, единствена заштита за нив е навремена, адекватна дијагностика и лекување на основната малигна болест.

д-р Ирина Пановска Ставридис и американската амбасадорка Брнз

Какви се денес условите за работа во Клиниката за хематологија и дали и колку сте задоволна од медицинскиот кадар кој е на располагање во моментот?

д-р Ирина Пановска Ставридис: Универзитетската клиника за хематологија Скопје како терцијален дел од здравствениот систем е образовна и научно истражувачка институција, единствена во нашата држава, која обезбедува здравствена заштита на пациентите со хематолошки болести. Во последните три години, благодарејќи на бројните преземени активности за развој и унапредување, денес условите за работа се значајно подобрени. Промените се резултат пред се на мојот личен напор и ентузијазам, на соработката и посветеноста на целиот медицински тим, но и на бројните пријатели на клиниката кои материјално помагаат во континуитет. По повеќе децении, клиниката е целосно обновена. Постојаниот раст на бројот на пациенти кои гравитираат кон Клиниката за хематологија налага постојано подобрување на просторните услови. Од друга страна, истото е неопходно и поради новите можности кои секојдневно ги нуди медицинската наука и развојот на новите тераписки процедури. Ми претставува задоволство што можам да кажам дека на Клиниката нема недостиг од кадри. Изминатиот период реализиравме голем број вработувања. Инсистирав и многу сум горда што успеав четири млади доктори, првенци на својата генерација да станат дел од нашиот тим. Тие решија својата иднина да ја градат во Република Северна Македонија. Беа вработени веднаш по завршувањето на Медицинскиот факултет. Сами велат дека не планираат да заминат, зашто нашата клиника им нуди можности за напредок и понатамошен развој во одлични експерти. Неодамна, еден од нив во интервју истакна дека е благодет што се наоѓа во средина каде што постои трансфер на знаење, визија за напредок и усовршување и можност за професионален развој. Секојдневно учат и се надеваат дека ќе продолжат во тој дух понатаму, бидејќи едукацијата претставува континуиран процес. Токму овие млади лекари се иднината на нашето јавно здравство. Со нашиот пример, започнавме да ги рушиме стереотипите и на младите кадри им ја враќаме надежта, на пациентите им ја враќаме довербата во македонското јавно здравство. Во време кога Македонија цела деценија се соочува со одлив на кадри, ова се луѓето кои решија да не заминат.

д-р Ирина Пановска Ставридис

Од кои земји се странските пациенти кои што изразуваат интерес да се лекуваат на Клиниката за хематологија и зошто ја одбираат оваа клиника? Што нуди таа а што тие немаат во матичните земји?

д-р Ирина Пановска Ставридис: Изминатите година и половина, наспроти воспоставената долгогодишна пракса во минатото, кога нашите пациенти бараа интервенции во странство, пополека започна да расте бројот на странски државјани кои доаѓаат на лекување. Тие добиваат низа здравствени услуги, од дијагностички до широкиот спектар на тераписки процедури кои нашата Клиника од неодамна ги нуди. Дел од услугите се достапни и во нивните земји, но кај нас можат да се реализираат и најсофистицираните интервенции од областа на трансплантацијата кои се недостапни во најголем дел од земјите во регионот. Најчесто, тоа се пациенти од нашето непосредно опкружување. Навистина е неблагодарно и неетички да се коментира и да се прави паралела или компарација на медицинските центри каде работат наши колеги. Сепак, секој пациент има право на личен избор за тоа каде ќе бара медицинска услуга и на кого ќе го довери сопственото здравје. Целиот овој процес јас го гледам како можност да дадеме и значаен економски придонес во здравствениот буџет на Република Северна Македонија. Само досега, заштедивме повеќе од 3 милиони евра за македонското здравство, со воведувањето на новите услуги од спектарот на трансплантацијата, за кои нашите осигуреници порано патуваа во странство. Среќна сум што можам да кажам дека нашата клиника е светол пример во македонското здравство. Нудиме услуга и можност унифицирана и еднакво квалитетна како и сите други современи развиени центри.

Каде е Македонија во споредба со регионот и со Европа во поглед на терапиите?

д-р Ирина Пановска Ставридис, директор на Клиниката за хематологија

д-р Ирина Пановска Ставридис: Изминатите три години ќе останат запаметени како години кога се испишаа нови златни страници во историјата на македонската хематологија. Во ноември 2018 година на Клиниката беше спроведена првата несродна трансплантација на матични хематопоетски клетки во Република Северна Македонија. Таа претставува една од најсовремените и најсложените методи за лекување, врвна биолошка интервенција, со која без хируршки зафат, се лекуваат најтешките хематолошки заболувања. Потоа, во почетокот на 2019 година, воведовме уште една нова тераписка метода за лекување на овие болни, трансплантацијата на матични хематопоетски клетки од полуидентичен донор. И за оваа интервенција дотогаш нашите осигуреници беа препраќани во европските центри. Да резимирам, стандардизирањето на различни видови трансплантација по европските норми е големо остварување за нас како експерти. Второ, делот од јавното здравство кој се однесува на хематологијата влезе во мапата на светските и европските медицински центри за лекување на најтешките болести на крвта. Трето, за пациентите е од непроценливо значење тоа што во текот на лекувањето се близу до своите семејства и ја имаат нивната помош и поддршка. Досега на нашата клиника вкупно 25 пациенти се лекувани со новите процедури. Нашите резултати се движат во рамките на постигнувањата на реномираните центри во светот. Сакам уште еднаш да им порачам на македонските осигуреници, дека сите видови на интервенции од спектарот на трансплантации на матични хематопоетски клетки се достапни во нашата земја и претставуваат рутинска тераписка опција.

д-р Ирина Пановска Ставридис
д-р Ирина Пановска Ставридис

Вие сте директорка од 2017 година. Какви инвестиции се направени на Клиниката за хематологија од тогаш и на што треба да се работи во иднина?

д-р Ирина Пановска Ставридис: Со стапувањето на должност се соочив со сериозен предизвик за решавање на крупни и сериозни проблеми во инфраструктурата на клиниката, напластени со децении. Условите во кои се лекуваа и дијагностицираа пациентите беа под неопходниот достоинствен минимум и стандарди потребни за една високо стручна здравствена установа. Поради тоа покренавме донаторска акција која уште е во тек, а преку која се обезбеди финансиска помош за реорганизација и реконструкција на клиниката. Досега се собрани околу 6.000.000,00 денари. Комплетно е реновирана целата клиника. Обезбедивме основни просторни стандарди прифатени за задоволување на специфични услови потребни за лекување на пациентите. Минатата година клиниката за првпат мина низ процесот за акредитација за исполнување на стандардите за квалитет во работењето, со цел постојано унапредување на квалитетот на здравствената заштита и ефикасноста на работењето на клиниката, како и подигнување на задоволството на корисниците на здравствените услуги. Со сите овие активности успеавме да се наметнеме како еден од добрите примери за тоа како македонските осигуреници во јавна здравствена установа покрај врвната медицинска услуга можат да добијат и комплетен современ третман од аспект на чувството за достоинство, удобност, згриженост како и почит за нивното време. Истовремено, висококвалитетни услови за работа се обезбедени и за медицинскиот персонал. Искрено, моите методи за работа како менаџер, се слични како и моите принципи за третман на секој еден жив организам. За да биде во добра кондиција, клиниката треба да се гледа како целина и да се одржува во континуитет. Ова го кажувам од секаков аспект, технички и медицински во смисла на опрема, методолошки во пристапите и начините за лекување, и секако, најважно, од човеки аспект. За да функционира, расте и да се развива еден хематолошки центар, потребно е постојано, подеднакво и без занемарување овие сегменти да бидат третирани. Постојаното инвестирање не значи само бројка, туку многу повеќе, суштина, зашто здравјето нема цена.

Д-р Ирена Пановска Ставридис

По што ќе ја запаметите 2020 година?

д-р Ирина Пановска Ставридис: Годинава ќе ја запаметам како година на тешко живеење, исполнета со неизвесност, поинакви предизвици и изненадувања од оние на кои што бевме навикнати пред неа. Годината што изминува ги редефинираше нашите приоритети и не потсети на вистинските вредности на животот. Во 2020 максимално се посветив на работата да се справам со врвниот приоритет, а тоа е обезбедување континурана здравствена услуга за нашите пациенти, во услови на пандемија. Со максимална посветеност и фокусираност, стручниот тим на Клиниката, годинава спроведе 42 хематопоетски трансплантации. 2020 ќе ја паметам и по уште два многу значајни професионални успеси. Првиот е доделената финансиска поддршка за клиниката со која раководам, од Европската командна армија на САД. За тоа веќе говоревме. Второ, исклучително горда и задоволна ме прави тоа што научно истражувачкиот проект од областа на Ковид 19 кој го предводам, чија подготовка е резултат на соработка на поеќе домашни и странски експерти, во исклучително силна конкуренција, беше избран за финансирање од страна на Меѓународниот центар за генетски инженеринг и биотехнологија во Трст, Италија. Овој проект даде шанса да се вклучиме во глобалната научна борба за справување со пандемијата Ковид 19 и покажа дека и во мала земја како нашата е препознат потенцијал за научно истражувачка работа. Иницијалните резултати од воведените анализи за Ковид 19 на нашата клиника, им помагаат при донесувањето на одредени тераписки одлуки на нашите колеги од Клиниката за фебрилни и инфективни состојби, на кои им даваме безрезервна поддршка во борбата и напорите да се справат со овој опасен вирус.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот