
Инспекцијата не ги најде роднините кои бдееја над ковид пациентите – тетовската болница ги испратила дома
Инспекторите на Државниот здравствен и санитарен инспекторат викендов по допрен глас дека во ковид-центарот при Клиничката болница во Тетово има цивили, членови на семејства на заболени од ковид-19, изврши вонреден инспекциси надзор, но не ги најде придружниците на пациентите, затоа што болницата по бројните реакции од јавноста – ги испрати дома!
Препорачано
Директорката на ДСЗИ доктор Ирина Сотирова Бухова, за „Слободен печат“ вели дека за време на надзорот инспекторите не затекнале надворешни лица и не констатирале повреда на законот.
-Тоа најверојатно се должи на реалните промени во функционирањето на болницата под притисок на јавноста по трагичниот настан. ДСЗИ ќе продолжи со вонредни надзори и врз оваа болница, но и врз сите останати ковид-центри, секогаш кога ќе добие пријава или по допрен глас, изјави доктор Сотирова Бухова.
Дека во ковид одделенијата во Тетово подолг период пред трагичниот пожар имало придружници од семејствата, сведочат самите роднини на пациентите. Во пожарот кој се случи во модуларната болница и однесе 14 животи имаше и двајца посетители, како што потврди Јавното Обвинителство. Станува збор за ќерка на пациентка и за сопруга на пациент кои загинаа во пожарот, иако не биле ниту хоспитализирани, ниту ковид позитивни, туку се грижеле за своите блиски поради недостиг на медицински кадар.
Роднина на пациент во ковид центарот, еден ден пред инспекцискиот надзор, беше затекнат пред камера како слободно влегува да посети заболен од ковид-19. Тој изјави дека внатре во болничката соба има друго лице кое се грижи за заразен од семејството.
„За пациентите се грижат други луѓе, повеќето членови на семејството, има некои работи што не се добри, не се направени правилно! Ги разбирам лекарите, тие исто така немаат персонал “, рече граѓанинот.
Роднините им помагаат на болните, не само во тетовскиот ковид-центар туку и во другите градови, изјави поранешниот министер за здравство Арбен Таравари.
-Тие што имале пациент или некој пациент или некој близок роднина во таа болница што се третирал знаат каков бил третманот. Јас како лекар, не како политичар, секојдневно имам јавувања од луѓе кои се третираат во болниците низ Македонија коишто се жалат дека нема основни медицински материјали. Во некои болници луѓето треба сами да обезбедат кислородни боци, во одредени ситуации се жалат дека третманот во две-три болници е различен. Замислете, се уште во Македонија немаме унифициран протокол за третман на пациенти со ковид-19. Тие што се лекувале или нивни блиски што биле во тие болници на инфективно, во Гостивар, во Тетово, во Кичево, во Струмица… тие знаат, оти и ние имаме информации дека таму циркулираат луѓе, дека слободно влегуваат и излегуваат, хаос е, рече Таравари за Алфа.