Експерт од ИСРО ја објаснува мисијата - Фотографија Profimedia

Индиското летало „се закачи“ за Месечината

Цели на мисијата се безбедно спуштање на Месечината и собирање примероци и податоци заради научни експерименти и истражување на составот на реголитот

Индиското вселенско летало „Чандрајан 3“ ги прати првите фотографии од Месечината откако успешно влезе во орбита и бавно ќе кружи околу неа сѐ додека не се спушти на површината на 23 август, во регионот на Јужниот Пол. Досега само на САД, на Советскиот Сојуз и на Кина им успеало контролирано да спуштат летала на Месечината.

– Леталото успешно го спроведе маневарот за навлегување во орбита – објави Индиската организација за вселенски истражувања (ИСРО).

„Чандрајан 3“ се состои од лендер, потисен модул и ровер. Цели на мисијата се безбедно спуштање на Месечината и собирање примероци и податоци заради научни експерименти и истражување на составот на реголитот. „Чандрајан 3“, кој е целосно индиски проект, беше лансиран од астродромот „Сатиш Даван“ во Шрихарикота на 14 јули.

Леталото „Чандрајан 1“ во 2008 година направи орбити околу Месечината и контролирано се урна на површината, а „Чандрајан 2“ во 2019 година не успеа „меко“ да се спушти на локацијата кон која сега се спушта неговиот наследник. Управникот на ИСРО Шридхара Паникер Соманат изјави дека научниците внимателно ги анализирале податоците за уривањето на леталото и заклучоците ги примениле за конструкцијата на „Чандрајан 3“, кој тежи 3,9 тони.

Слика од Месечината илуминирана врз планетариумот „Нехру“ во Мумбај – Фотографија ЕПА, Дивјакант Соланки

Лендерот „Викрам“ тежи 1,5 тон и во себе го носи роверот „Прагјан“, тежок 26 килограми. „Прагјан“ има пет инструменти за проучување на физичките карактеристики на површината и на армосферата, како и за тектонските активности на Јужниот Пол, кој е значително послабо истражен од Северниот Пол.

– „Чандрајан 3“ испишува ново поглавје во вселенската одисеја на Индија. Тој ги крева соништата и амбициите на секој Индиец. Ова е монументално постигнување и сведоштво за неуморната посветеност на нашите научници. Се поклонувам пред нивниот дух и генијалност – порача премиерот Нарендра Моди при лансирањето во јули.

Проектот ја чини Индија 75 милиони долари.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот