
Имотно-правните пречки ги кочат енергетските проекти
Одговорноста на институциите е да обезбедат навремена и координирана работа, за државните инфраструктурни проекти да не чекаат непотребно, нагласува министерката за енергетика Сања Божиновска
Главниот предизвик што го попречува развојот на значајните енергетски проекти е долгото чекање решенија за имотно-правни прашања и сложените процедури за упис на државниот имот во Катастарот. Оваа состојба директно го забавува напредокот на повеќе капитални инвестиции, меѓу кои и проектот Милетково, неопходен за стабилноста на електроенергетскиот систем во тој регион, оцени Сања Божиновска, министерка за енергетика. На оваа тема се разговарало со претставници од АД МЕПСО, Агенцијата за катастар на недвижности, Управата за имотно-правни работи и Министерството за транспорт и врски.
Препорачано
– Проектите од ваков обем не смеат да стојат во место поради долги и неефикасни административни процеси. Ова не е само техничко прашање – ова е прашање на енергетска сигурност и економски развој. Одговорноста на институциите е да обезбедат навремена и координирана работа, за да не чекаат непотребно државните инфраструктурни проекти – нагласила Божиновска.
Затоа институциите мора да се координираат меѓу себе за да се утврдат јасни процедури за забрзување на процесите. Министерството за енергетика, во соработка со надлежните институции, ќе работи на конкретни решенија за да се спречат идни застои и да се обезбеди навремена реализација на сите стратегиски енергетски проекти, додаваат од ресорот.