
Има пари за провизии за привремено вработени во УЈП, нема за трајни вработувања?!
Од УЈП велат дека редовно ги евидентираат потребите во Годишниот план за вработувања, кој се доставува до надлежните институции за одобрување, во согласност со законските процедури. Од Министерството за финансии не добивме прецизен одговор дали ќе одобрат трајни вработувања
Во Управата за јавни приходи има значително намалување на бројот на вработени, од 1.349 во 2015 година на 927, колку што има сега. За да ги извршува тековните задачи, УЈП има потреба од дополнителен кадар. „Решението“ се најде во договор за привремени вработувања тежок над 300.000 евра, со агенциска провизија 8,1 проценти од бруто-плата на секој ангажиран работник која треба да се плати на Агенцијата за привремени вработувања „Контакт бизнис“.
Препорачано
Од УЈП за „Слободен печат“ изјавија дека имаат потреба за привремено ангажирање за привремено извршување на работен кадар, но и дека во континуитет имаат потреба од одредени профили на вработувања.
– Привремените вработувања во УЈП се спроведуваат во согласност со постапки и начин утврден со закон, како и во согласност со потребите на УЈП во одреден период за привремено ангажирање лица за привремено извршување одредени работи и работни задачи во УЈП поради зголемен обем на работа. Во континуитет поради зголемен обем на работа се евидентира потреба од специфичен профил на кадар, особено во области какви што се: дата-аналитика, сајбер безбедност, примена на нови методологии и технологии – велат од УЈП.
За Договорот со „Контакт бизнис“ тие потенцираат дека е склучен во согласност со законски предвидените процедури и дека вработувањата се предвидени во Годишниот план за вработувања на УЈП за соодветната календарска година.
– Договорот е со цел навремено и ефикасно справување со зголемениот обем на работа, новите надлежности и имплементацијата на реформски процеси како што се е-фактура, е-УЈП и други дигитални проекти. Со оглед на значителниот одлив на кадар во изминатите години – од 1.349 вработени во 2015 година, во моментов во УЈП има 927 вработени, така што поради сите процеси во институцијата постои реална потреба од дополнителен ангажман на лица за извршување тековни задачи. Привремените вработувања овозможуваат флексибилност и брза адаптација кон оперативните потреби на институцијата – посочија од УЈП.
Оттаму тврдат дека редовно ги евидентираат овие потреби и ги вклучуваат во Годишниот план за вработувања, кој се доставува до надлежните институции за одобрување, според законските процедури.
– Целта е постепено надминување на дефицитот преку трајни вработувања, на позиции каде што тоа е оправдано и одржливо – велат од УЈП.
Институција што ги одобрува вработувањата е Министерството за финансии. Оттаму „Слободен печат“ доби сосема непрецизен одговор на нашите прашања.
– Во врска со доставените прашања, ве информираме дека Министерството за финансии одговара на доставените барања и дека во согласност со Законот за буџети и Законот за извршување на буџетот, доставува до корисникот известување дали има обезбедено средства или не за реализација на нови вработувања во буџетот на буџетскиот корисник, а за кои претходно доставил барање до Министерството за финансии – изјавија од Министерството за финансии за „Слободен печат“.
Ние, пак, јасно ги прашавме: Зошто секоја година (или секоја втора) може да видиме договори за привремени вработувања во УЈП тешки меѓу 300.000 евра и 400.000 евра? Дали досега УЈП има доставено барање за трајни вработувања на одреден кадар што им недостига? Дали Министерството за финансии има одбиено такви барања? Дали се планирани нови трајни вработувања во УЈП?
Министерството за финансии одобрува нови вработувања според буџетските можности. Но, ако УЈП во континуитет има потреба од работници, прашањето е како е поисплатливо да се плаќа провизија од 8,1 процент, место да се одобри буџет за трајните вработувања.