
Има градови во кои нема ниту еден звучен семафор ниту дактилна патека за слепи лица
Денот на белиот стап денеска во Македонија го одбележуваат околу 10.000 слепи и слабовидни лица од кои 3.500 живеат во Скопје. Тие се уште чекаат позитивен одговор на нивните барања за зголемување на додатокот за слепило на ниво на минималната плата, како и овозможување да се стави белиот стап на позитивната листа на ФЗОМ.
Препорачано
Тетово е показател за состојбата во која живеат слепите лица во државава. Иако има 180 слепи лица, таму нема ниту еден звучен семафор како ни дактилна патека. Лидија Дабевска, дипломиран дефектолог и секретар во Сојузот на слепи на Тетово вели дека дактилните патеки се наопходни за барем малку да им го олеснат животот на слепите лица.
– Животот на слепите лица е многу тежок, но не само поради нивната состојба, туку и поради недостатокот на помагала. Кај нас во Сојузот последната донација на помагала која се состоеше од звучни часовници, звучни апарати за притисок и други помагала беше пред пет години. Тоа се работи што мора да се обновуваат, така што во моментов немаме останато ниту едно помагало, вели Дабевска.
За малку да им го олесни животот на слепите лица, богат бизнисмен од Тетово понудил да им обезбеди кучиња- асистенти, но морале да го одбијат поради, како што вели лошата финансиска состојба на Сојузот која не дозволува ниту купување храна за кучињата.
Суарет Алишан од Коалицијата Менуваме вели дека протестите кои периодов се во мирување ќе продолжат ако по изборите не им бидат исполнети барањата.
– Жално е да мора да се бориме за да ни се овозможи белиот стап да биде ставен на позитивната листа на Фондот. Сензорниот бел стап е поскап и чини околу 1.500 денари, додека останатите можат да се купат и за 600 денари. Поразително е тоа што според извештајот на ЕУ, во 2022 година се очекува 400 000 лица во Македонија кои се со некаков хендикеп, да бидат потенцијален ризик за сиромаштија. Ова може лесно да се реши ако позитивно се одговори на нашето барање надоместокот за слепило да биде израмнет со минималната плата, вели Суарет Алишан.
Меѓународниот ден на Белиот стап-Симболот на слепиот човек-признат од Организацијата на обединетите нации (ООН) укажува на тоа да се зголеми вниманието на јавноста кон нив слепите и истовремено да обрнат внимание на пошироката јавност за слепилото и за проблемите со кои секојдневно се соочуваат слепите и слабовидните лица, да ги разбудат властите на секое ниво во општеството да земат учество и да овозможат фондови за превенција и едукација за слепилото, да обрнат внимание на јавноста, на граѓаните за тоа кога последен пат направиле комплетен офталмолошки преглед…
Офталмолозите упатуваат апел до сите барем еднаш годишно секое дете и секое возрасно лице да направат комплетен очен преглед со цел да спречат и превенираат можни идни причини за слепило. А, посебно акцент ставаат на екранизација која е се поприсутна во секојдневието.