проф.д-р Огнен Марина/ фото: Слободен печат

Идно урбано наследство

Одговорот на прашањето како Скопје може да изгради нов урбан идентитет веројатно лежи во обезбедувањето на континуитетот на градот, но и во просторни практики што проактивно ќе го користат културното наследство на градот, инсистирајќи притоа на „жива“ културна, уметничка и архитектонска сцена што ќе продолжи да го обмислува и да го создава урбаниот идентитет на градот.

Во 1970 година, во Скопје за првпат ќе прозвучи песната „Градот убав“, испеана од детскиот од хор „Златно славејче“, по текст на Бошко Смаќоски, а компонирана од маестро Александар Џамбазов. Оваа песна, за многу генерации што ќе дојдат, со речиси ангелски призвук, ќе го доловува ентузијазмот за обновата на градот после земјотресот и ќе биде најдобрата илустрација за сликата на новиот град што „пак ќе никне“.

Скопје ја носи својата судбина на град што често бил разурнуван до темел, од катастрофални земјотреси во доцната антика, средниот век и 20 век, па сè до военото разурнување во 17 век и Втората светска војна. Оваа судбина на градот, суштински влијаела на начинот на кој го препознаваме нашиот град. Уште повеќе, физичкото разурнување на градот, но и неговата обнова, секогаш наново го отворала прашањето за неговиот идентитет и легитимитет за постоење.

Во тој процес на (пре)создавање на урбаниот идентитет, еднакво значење имале формалните елементи низ кои градот се манифестирал и бил препознаен, како и ефемерните наративи што го ткаеле тој идентитет. Во современата флуидна и дигитална реалност прашањето за градењето на урбаниот идентитет станува уште поважно. Оттука, седмото прашање за идниот градоначалник на Скопје е: „Како Скопје може да изгради нов урбан идентитет базиран на култура, уметност, историско наследство, образование и квалитет на живеење со цел да стане посакувано место за живот?“.

Веројатно најпознатиот идентитетски епитет во современата историја на градот е „Скопје – град на меѓународната солидарност“. Скопје ќе го стекне овој епитет како резултат на фантастичната меѓународна помош и поддршката од ОН за обновата на градот по катастрофалниот земјотрес во 1963 година. Оваа помош истовремено ќе значи физичка обнова на градот, но и симболичка идентификација на градот на меѓународната сцена. Градот Скопје со постземјотресната обнова го изгради својот идентитет како нова светска метропола со најсовремени концепти во архитектурата и урбанизмот, но пред сè, како град на солидарноста. Денес, наследството од постземјотресната обнова на градот ќе му ја донесе најновата титула на градот на „Престолнина на брутализмот“ инспирирана од бројните згради со бруталистичка архитектура, односно изградени во натур бетон во текот на 60-тите и 70-тите години на 20 век.

За жал, многу од овие идеи, концепти, па и објекти што го градеа урбаниот идентитет на Скопје исчезнаа во пролонгираната транзиција на нашето општество. Сепак, сите наративи што го следеа овој процес на обнова се обид за градење на современиот урбан идентитет на Скопје.

Во современата историја на европските градови, урбаниот идентитет се препознава низ комплексноста на градската форма, меморија, искуство и моќ, а тоа се гледа и низ влијателните научни перспективи. Во архитектонската теорија, градот се препознава низ неговата форма, но и низ перформативноста на просторот. Линч го врзува идентитетот со читливоста на градот, односно кога морфолошката граматика е разбирлива, градот се препознава, памети и се сака.
Алдо Роси додава временска длабочина на овој концепт со идејата дека градот е архитектура на колективната меморија.

Норберг-Шулц го преведува ова во духот на местото (genius loci) кое се создава кога човекот може да ја почувствува врската помеѓу себе и просторот. Од друга страна, во општествените науки урбаниот идентитет се препознава и низ социјалните практики и структури. За Лефевр просторот е општествен производ и идентитетот се раѓа во дијалектиката меѓу просторните практики и живеаните симболики. „Правото на град“ е право да се учествува во ова производство на значења. Заедно, овие гледишта ни укажуваат дека идентитетот на градот не е само симбол или форма, туку отворен процес во кој формата создава можности, меморијата дава смисла, духот ја згуснува атмосферата, а политиката на просторот одредува кој го обликува заедничкото место.

Градот Торино претставува исклучително интересен пример за трансформација на урбан идентитет од постиндустриски, речиси дистописки град во 80-тите години на дваесеттиот век, во град на култура, уметност и образование. Како резултат на процесот на деиндустријализација на Европа и миграцијата на големите производствени фабрики, особено од автомобилската индустрија, карактеристични за Торино, градот на крајот на 80-тите и почетокот на 90-тите години на 20 век се соочи со драматична промена во економијата на градот што резултираше со речиси катастрофални социјални конфликти. Во тој период Торино се соочува со огромна невработеност и протести на работниците од поранешните фабрики на „Фиат“, што ескалираше со терористички напади и подметнати бомби од страна на радикалните левичарски организации. Соочен со овие предизвици, градот во почетокот на деведесеттите години формира група составена од експерти, интелектуалци и политичари кои треба најпрвин да замислат, а потоа и да донесат поинаква иднина за градот. Оваа група го создава т.н. Стратешки план 2000 за трансформација на градот во наредните децении.

Тој план се реализираше низ огромни инфраструктурни проекти, како преместувањето на железницата под земја и отворање нови градски булевари, организација на зимски Олимписки игри во 2006 година, па сѐ до целосното ребрендирање на градот во град на култура, уметност, архитектура и образование. Со тоа, Торино, првата престолнина на унифицираната Италија, си го врати својот сјај и го пресоздаде својот урбан идентитет.

Во тој процес, Торино, егзистирајќи во познатата матрица на барокните, ортогонални градски блокови, за основата на градот го препознава континуитетот на архитектурата или тоа што Алдо Роси го дефинира како меморијата на градот низ траењето на архитектонската форма во време. За разлика од Торино, Скопје, живеејќи ја реалноста на честите разурнувања, при постземјотресната обнова беше изграден на многу поголема површина од претходно, процес што создаде безброј празнини во урбаното ткиво на градот. За градот да биде препознаен како кохерентна целина и покрај присуството на овие формални празнини, беше неопходно создавање на наративите за градот што ги пополнуваат празнините. Само така, можете да препознаете град дури и во деловите каде тој нема своја форма, односно нема изградено урбано ткиво. Овие, два, навидум дивергентни пристапи, го отсликуваат главниот предизвик во градењето на урбаниот идентитет на Скопје. За Скопје, урбаниот идентитет е истовремено неговата форма, но и наративите што ги создаваме за фрагментите на градот да се поврзат во една кохерентна и смислена целина. Дали разбирањето на вистинскиот карактер на градот Скопје создаден од урбани фрагменти и единство на различности е основата за неговиот вистински идентитет? Дали Скопје може да ја изгради својата нова урбана ДНК преку модел што ги спојува автентичните наративи со проверени европски практики?

Новите урбани идентитети на европските градови се градени како продуктивна синергија помеѓу просторот на градот, јавниот интерес и културата на градот. Барселона го преведе историскиот план на Серда во современ град за живеење. Билбао ја претвори индустриската рецесија во културно-инфраструктурна регенерација. Изградбата на музејот Гугенхајм не беше само „магичното стапче“ на урбаната трансформација на Билбао, туку и катализатор на јавни инвестиции, локални креативни индустрии и реупотреба на индустриски локации. Конечно, Виена ја гради сопствената препознатливост врз општествена праведност и квалитет на секојдневие. И покрај исклучително богатото културно наследство на Виена, истото не е претворено во музеј, туку вградено во современите урбани просторни практики, од квартски библиотеки до културни фестивали.

Можеби низ обновата на постземјотресната модернистичка архитектура и Старата чаршија во единствена пешачка оска, организација на уметнички резиденции, стартап студија и гастрономски хабови во празните простори и локали може да се поттикне креативна обнова на урбаниот идентитет на градот, но и на неговата економија. Одговорот на прашањето како Скопје може да изгради нов урбан идентитет веројатно лежи во обезбедувањето на континуитетот на градот, но и во просторни практики што проактивно ќе го користат културното наследство на градот, инсистирајќи притоа на „жива“ културна, уметничка и архитектонска сцена што ќе продолжи да го обмислува и создава урбаниот идентитет на градот.

Решението не е во претворање на градот во монумент или музеј во кој просторните и културните практики ќе ги фиксираме во време и простор, туку во креативна интерпретација на тоа што нас нè чини да се чувствуваме граѓани на овој град, со сите различности и контрадикторности. Напротив, во оваа нова реалност во која „сè што е цврсто се топи во воздух“, Скопје мора да продолжи секојдневно да го создава и потврдува својот урбан идентитет. На тој начин, Скопје не само што ќе го потврди своето постоење врз богатата историја, туку уште повеќе ќе биде креатор на своето идно културно наследство. Тоа идно урбано наследство, како вистинска потврда на идентитетот на градот, ние го создаваме денес.

(Авторот е професор на Архитектонскиот факултет при УКИМ, во Скопје)

ЈАЗИКОТ НА КОЈ СЕ НАПИШАНИ, КАКО И СТАВОВИТЕ ИЗНЕСЕНИ ВО КОЛУМНИТЕ, НЕ СЕ СЕКОГАШ ОДРАЗ НА УРЕДУВАЧКАТА ПОЛИТИКА НА „СЛОБОДЕН ПЕЧАТ“

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот