Депонијата на линдан во ОХИС / Фото: Слободен печат / Драган Митрески

Идниот месец ќе се знае уште колку линдан има во ОХИС и колку ќе чини чистењето

Колку точно линдан останува во „малата депонија“ во ОХИС и колку време и пари ќе бидат потребни за нејзиното целосно расчистување, ќе се знае во текот на јуни. Испитувањата на мострите се завршени, а тимот на УНОПС заедно со домашни и меѓународни експерти подготвува извештај што ќе му биде презентиран на министерот за животна средина, Изет Меџити, и на претставници на Владата кон крајот на месецов, пишува „Мета“.

Новото ископување на линдан и контаминирана земја, кое претходно беше најавено за април, сè уште не е започнато. Последната активност на терен се реализираше од март до јуни 2023 година, кога беа ископани 450 тони ХЦХ отпад и 250 тони загадена земја.

Во Мултипартнерскиот фонд, од кој се финансира расчистувањето на депонијата, во моментов има околу 400.000 долари. Се очекуваат и дополнителни 200.000 долари од буџетот на Министерството за животна средина и просторно планирање, како предуслов за почеток на новата фаза од чистењето.

Од почетокот на чистењето на депонијата пред три години, досега се исчистени првите два базени, како и околу 75 отсто од третиот, од вкупно пет, на кои е поделена малата депонија. Сите ископани количини, 1.969 тони линдан (ХЦХ отпад) и 586 тони контаминирана земја, се извезени на уништување. Собраниот линдан е транспортиран и уништен во Треди во Франција, додека почвата контаминирана со ХЦХ се транспортира во постројката Индавер во Германија. Истражувањата беа направени поради тоа што се покажа дека концентрацијата на отпад во малата депонија е за 25 отсто повисока од првично проценетите количини.

Погонот за линдан во фабриката работел од 1964 до 1977 година, кога препаратот бил забранет, а производството прекинато. Во тој период биле произведени околу 2.800 тони линдан, што резултирало со околу 25.000 тони неактивни изомери, кои несоодветно биле расфрлани и кои до денес се опасност за контаминација на воздухот, водите и почвата во Скопје, потсетува „Мета“.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот