Вера Стојчевска Антиќ

И понатаму кон растежот на нашата книжевна продукција

„Рацете сакаат да видат – очите сакаат да галат“, пишуваше Гете, повторно враќајќи ја тишината на дланките и на очите како првичен контакт на светот во кој осаменоста ја осознаваме дури откако светот ќе нè види и погали со трнливите раце.

По повод престижните награди што ги додели за 2024 година Друштвото на писателите на Македонија (ДПМ), пристапив со љубопитност кон современото македонско творештво, кое имав можност да го следам од почетокот на моето основно образование.

Пред да пријдам кон книгата „Дом во тишина“ на Никола Маџиров, ги наведувам следниве автори и наслови што привлекуваат внимание. Авторот Зоран Јакимовски со насловот „Јазикот што само ние го разбираме“, нè внесува во самата суштина на содржината, а рецензентот Лидија Димковска уште повеќе ја потенцира оваа карактеристика: „Јазикот што само ние го разбираме го идентификува човечкото во нас“, со што интимното мислење се преточува во мисловно искажување. Зоран Пејковски со делото „Се умира ли од премногу сакање?“ ги внесува размислите на Катица Ќулавкова, Јордан Плевнеш, Владимир Илиевски, во три поглавја со посебен порив, што тие го негуваат кон делото на Петре М. Андреевски, говорот за високите дострели на едно реномирано книжевно творештво. Милчо Мисоски во стихозбирката пее: „Во телото на молњата/ заталкале последните метафори/ (…) утрата се повторуваат како зборови“. Во песната „Восок“ продолжува: „Повторените зборови/ растопени во белиот восок/ ја ослободуваа секоја невозможност“.

Делото на Никола Маџиров е мошне интересна прирачна енциклопедија за секој вљубеник во „зборот“. Уште со првиот текст „Дом – простор што се напушта“ побудува поголема заинтересираност кај секој читател, зашто Човекот е повеќесложно поврзан со сопственото огниште – домот. Побудува посебен афинитет уште со избраното мото: „Кога дома се враќаш, пак си во себе“ (Мевлана Руми). Неопходно е да се забележи дека нашите книжевници се во постојан контакт и духовна соработка со странски автори. Не случајно последниве години зачестија мотата во нивните творби. Како укажување може слободно да кажеме и наши автори стигнуваат со делата во разни странски средини.

Самиот почеток бара од вас продор во суштината на домот, и кај секој интелектуално оформен читач. Извонредно привлечно открива обмислениот почеток: „Вистинските номади го градат домот пред да го напуштат. Истото го прават и птиците и градежните работници, кои спијат по терените, сè додека не го изградат домот што не им припаѓа. Само тој што гради и напушта, ја знае тајната на историската неприпадност, наспроти тие што градат и потоа уриваат, или тие што се вселуваат и отселуваат. Би сакал да зборувам за напуштањето наместо за живеењето, зашто домот често го идентификуваме и преку нашата просторна непостојаност или преку тоа колку тој вистински нè напушта, пред ние да го напуштиме него. Кога птицата го напушта своето гнездо таа лета; кога човекот го напушта својот дом – тој се сеќава“. Колкав актуелен простор отвора авторот пред нас?! Колкав духовен простор е отворен пред нас.

Авторот придонесува толку успешно да ги гради вистините за „градовите на раѓањето и сеќавањето“ со мото преземено од Хорхе Луис Борхес: „Постои една можна блиска улица што е забранета за моите чекори.“

За длабоката поврзаност на човекот со домот се редат размисли, посебно во „Домот на детството“, за што Маџиров избира мото од Луиз Глик: „Го погледнува светот еднаш, во детството./ Другото е сеќавање.“ Авторот и овде, со секоја наредна реченица, мудрува: „Книжевноста е во опасност ако ја сфатиме како едноставен документ на историското време и затоа патеката на враќање во времето мора да биде поинаква од историската или документаристичката. Поетот може да се врати само еднаш во детството, а другото време е оживување на враќањето…“. Никола Маџиров ја осветлува крилатицата на Марина Цветаева: „Зошто патот на кометите/ е патот на поетот?“

Осаменоста е предмет на разгледување во повеќе области на животот, зашто секој ја почувствувал во зависност од времетраењето. И во овој текст авторот ја пренесува како мото мислата на Александра Пизарник („Скудност“): „Не знам за птиците/ ниту за историјата на огнот,/ но верувам – на мојата осаменост ѝ се потребни крилја“, а појаснувањето расветлува уште со почетната реченица: „Зар не е лицемерно да се пишува за осаменоста, место да се молчи, како што молчи лекарот што ја знае тајната на својата болест? Тишината не е отсуство на звуци, како што мирот не е отсуство на војна, или природата не е отсуство на градот. Тоа се извори во утробата на човекот, кој плашејќи се дека ќе биде жртвуван од времето, почнал и будно да ги гради ѕидовите на неговата материјална сигурност“.

Градовите на осамата се конструкција на постепената отуѓеност на духот од неговата недопирливост, во новиот свет во кој допирот го заменува спознанието, а видот ја заробува вербата. „Рацете сакаат да видат – очите сакаат да галат“, пишуваше Гете, повторно враќајќи ја тишината на дланките и на очите како првичен контакт на светот во кој осаменоста ја осознаваме дури откако светот ќе нè види и погали со трнливите раце.

Многу слични интересни извадоци можеме да исцрпиме од текстовите на современите македонски автори, меѓу кои посебно го апострофирам Филип Георгиевски, кој по повеќе објавени стихозбирки, нè облагородува со мошне интересно прозно дело „Стриптиз на душата“. Радува евидентното појавување на нови творби кои вистински ја збогатуваат современата македонска книжевност.

(Авторката е професорка во пензија)

ЈАЗИКОТ НА КОЈ СЕ НАПИШАНИ, КАКО И СТАВОВИТЕ ИЗНЕСЕНИ ВО КОЛУМНИТЕ, НЕ СЕ СЕКОГАШ ОДРАЗ НА УРЕДУВАЧКАТА ПОЛИТИКА НА „СЛОБОДЕН ПЕЧАТ“

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот