Ѓубре/фото: Слободен печат/Слободан Ѓуриќ

И оваа кампања смрди на рециклирани ветувања

Речиси да нема кандидат за градоначалник што не ветува модерна инфраструктура, нови училишта, градинки и спортски сали, субвенции за ученици, пензионери… Реалноста, пак, со која се соочуваат граѓаните е ѓубре и смрдеа на секој агол, недостиг на паркиралишта, нефункционален градски превоз, бавна администрација итн.

Ѓубрето и смрдеата ќе ги снема за 72 часа, автобускиот превоз наеднаш ќе стане брз, ќе има нови булевари и улици, пречистителни станици, ќе се реши сообраќајниот метеж, депониите, воздухот ќе биде чист, ќе се градат паркиралишта и катни гаражи, гасни централи, поликлиники, ќе се збогати културно-забавниот живот, ќе никнат дискотеки, лунапарк, аквапарк, младински центри… Ова се само мал дел од ветувањата на кандидатите за градоначалници во првата недела од изборната кампања. Од изборната понуда белег на локалните избори е конечна „пресметка“ со ѓубрето и со депониите.

Претендентот за „татко на Скопје“ Орце Ѓорѓиевски од ВМРО-ДПМНЕ најави дека за 72 часа ќе го исчисти Скопје од ѓубре и дека градот ќе блесне, што реално е можно ако му помогне Владата, или како што тој најави – дека помош ќе бара од скопските општини, но поентата е не само да се исчисти градот, туку да се воспостави систем. Тој вети и град без депонии, а „Вардариште“ ќе ја култивира во парк, што според експертите, е невозможно, зашто се потребни децении за да се исчисти депонијата од контаминираните земја и води.

Проектот „Брз автобуски превоз“, кој требаше да го намали сообраќајниот хаос во Скопје, граѓаните требаше да го уживаат пред неколку години, но заглави во инаетењето на советниците, за сега повторно да биде меѓу приоритетите на кандидатите Каја Шукова (СДСМ), но и на Ѓорѓиевски.

Секои локални избори се рециклираат пречистителната станица на Вардар, сега главно ветување на независниот кандидат Горан Марковски, поддржан од граѓанската платформа „Независни заедно“. На листата предизборни ветувања на кандидатите за градоначалници на Скопје се и нов Луна-парк, Универзална сала, трамвај, а од поновите ветувања е градски воз, проширени и надградени булевари, зеленило на сите страни или, како што најави Шукова – 15 паркови во метрополата. Едно од повпечатливите ветувања е тоа на кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ за градоначалник на Аеродром, Дејан Митески, за изградба на гасна когенеративна централа и развој на 110 км топловодна мрежа во населба Лисиче, Горно Лисиче, Долно Лисиче како начин за справување со загадувањето. Независниот кандидат, пак, Драган Николовски, ќе се залага за организирање референдум на кој жителите на главниот град би одлучувале за враќање на, како што вели, старото име на градот Скупи. Тој вели дека ќе поддржи формирање пет нови „градски дискотеки“ и осум кабареа под капата на Младинскиот културен центар (МКЦ). За Скопје, но и за другите општини, кандидатите ветуваат и конечно решение за згрижување на кучињата скитници.

Актуелниот градоначалник на Кавадарци и кандидат за нов мандат Митко Јанчев вети гасификација на градот и две нови скијачки патеки во центарот „Михајлово“. Актуелниот градоначалник на Тетово од Вреди, Билал Касами, ако освои нов мандат, ветува доизградба на булеварите, изградба на стадионот и на училишта. Кандидатот на ДУИ за Тетово, Бајрам Реџепи, пак, ветува економски развој, инфраструктура и планирање на ново Тетово и третиот столб ќе биде дигитална професионална, ефикасна и 100 отсто транспарентна општинска јавна администрација. И двајцата кандидати за градоначалници на Чаир, Бујар Османи од ДУИ и Изет Меџити од Вреди, ангажираа светски архитекти да го решат урбаниот хаос во општината.

Речиси да нема кандидат за градоначалник кој не ветува модерна инфраструктура, нови училишта, градинки и спортски сали, субвенции за ученици, пензионери… Реалноста, пак, со која се соочуваат граѓаните е ѓубре и смрдеа на секој агол, недостиг на паркиралишта, нефункционален градски превоз, бавна администрација итн.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот