Јагне: Denis Abramov / Sputnik / Profimedia

И македонските транспортери ќе плаќаат по 10 евра за да влезат во Бугарија, регионот се штити од чумата кај овците и козите

Причината е превенција од болеста чума кај малите преживари, која почна од Романија, а се прошири во Турција и Грција. Ваквата одлука ќе ги опфати возилата што влегуваат од Македонија, Грција, Романија и Србија и за неа ќе се плаќа соодветна такса, која би се движела од 2 евра за автомобилите и 10 евра за камионите

Почнувајќи од 1 септември, бугарските власти ќе ги дезинфицираат сите возила што влегуваат на бугарска територија на сите гранични премини, независно од која соседна земја доаѓаат, дознава неофицијално „Слободен печат“. Причината е превенција од болеста чума кај малите преживари, која почна од Романија, а се прошири во Турција и Грција.

Ваквата одлука ќе ги опфати возилата што влегуваат од Македонија, Грција, Романија и Србија и за неа ќе се плаќа соодветна такса, која би се движела од 2 евра за автомобилите и 10 евра за камионите. Оваа сума е збогатена за уште 10 евра за банкарската такса, а се плаќа во кеш, реагираа бугарските медиуми. На почетокот на август, дезинфекциските бариери беа наполнети само на преминот Капитан Андреево кон Турција, а по една недела се појавија на другиот пункт – „Лесово“.

Поранешниот бугарски пратеник Ивајло Мирчев, посочи дека „веќе има реакции од здруженија на превозници од странство, кои ја алармираат бугарската страна и прашуваат зошто им бараат вкупно 20 евра“.
Билјана Муратовска, генерална секретарка на асоцијацијата „Макам транс“, вели дека ја разбира потребата од заштита од оваа заразна болест, но смета дека сè повеќе земји од регионот посегнуваат по нестандардни мерки и ги полнат буџетите.

– Секој нов трошок ја намалува заработката на македонските транспортери. Тоа постојано се случува, а со овој најнов намет секако дека ќе се зголеми и цената на стоката што ја превезуваме. Вакви дезинфекциски бариери имаше и пред неколку години и немаше некое големо фајде, но прописите мора да се почитуваат. За среќа, македонските транспортери не возат многу по бугарските патишта, но ваквите нестандардни мерки не се добри за никого – вели за нашиот весник, Муратовска.

Од објавите во бугарските медиуми, но и од кореспонденцијата со поплаки од транспортни компании, јасно е гледа дека бугарските камиони се исклучени од банкарската такса и плаќаат само за дезинфекција! Ваквата поделба на возилата на „наши и странски“ возила може да предизвика главоболки за Бугарија со ЕК – затоа што звучи како дискриминација што е неприфатлива според европските правила, велат нашите извори.
Во меѓувреме и македонските институции, воспоставија засилен 24-часовен надзор на сите гранични премини, со акцент на премините кон земјите каде што е потврдено присуство на болеста чума кај малите преживари.

– Поради порозноста на некои од граничните премини и можно нелегално пренесување животни од една во друга земја, алармирано е МВР да ги засили контролите во пограничните региони со соседна Грција и со Албанија, со цел спречување нелегално пренесување овци и кози, а со тоа и преземање мерки за спречување евентуален внес на вирусот и ширење на болеста во државава. Клучно е да бидеме подготвени бидејќи болеста за жал е присутна и во соседството и во регионот. Ние сме земја слободна од оваа болест и немаме ограничувања за извоз на животни и нивни производи на европскиот пазар – порача Оливер Миланов, директор на Агенцијата за храна и ветеринарство.

Во Грција досега се регистрирани 48 жаришта на болеста, но и покрај тоа оваа наша соседна земја не врши вакцинирање на животните. Во Романија се евидентирани 57 жаришта, од кои едно е во близина на границата со соседна Србија.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот