Весна и Марија Соколоски / Фото: Канал 77

„И јас сум изгорена, но најголемите лузни се на душата“ – Марија и Весна ги носат на летување повредените деца од Кочани

Марија Соколоска и нејзината мајка Весна, која е сопственик на туристичката агенција „Весна турс“, дошле до благородна идеја – да им организираат бесплатно летување во Грција на повредените во пожарот во дискотеката „Пулс“ од Кочани. На оваа идеја дошле поради тоа што ќерката, Марија, буквално на своја кожа има почувствувано колку е тешко да се бориш против изгореници и да живееш со лузни, пишува „Канал 77

Тоа што Марија го раскажува личи на приказна од „верувале или не“ Таа почнала кога Марија била бебе и имала само шест месеци.

„Ова не е измислена приказна, ова е вистинска приказна што ја знаат повозрасните во Кочани. Родена сум во Кочани и на шест месеци сум изгорена со врела вода, со изгореници од трет степен. Сега живеам и работам во Лондон, но патот до тука беше многу тежок. Имам изгореници на лицето, на градите, на нозете и на рацете. Што се случило? Најдобрата другарка на мајка ми намерно ме изгорела, верувајќи на некоја гледачка дека треба да изгори дете што е родено со нејзиното, бидејќи нејзиното дете се родило слепо. Така ќе прогледало. Мајка ми со мене отишла на кафе кај неа и таа ставила вода за да вари турско кафе, но место кафе таа со водата ме попарила, додека мајка ми ме држела во раце. Од кај неа во шок мајка ми ме однела во болница и од тука почнува мојата голгота. Сум имала неброени операции, сум била во клиничка смрт, не сум можела да зборувам до пет години. Не сме имале пари за сите тие операции, па во Кочани се собирало пари за мене. Оперирана сум во Скопје, во Белград, во Софија, па и во Лондон. Се оперирав до 30 години бидејќи имав физички деформитети, едната рака ми беше фатена и не можев да спортувам. Поминав операции и операции за да на крајот можам да функционирам како што треба, ја раскажува Марија трогателната приказна.

Нејзината мајка ја тужела жената, која го признала делото и била осудена како ментално нестабилна. Ја однеле во болницата во Бардовци и по некое време таа излегла и си продолжила со нормалниот живот, вели Марија.

„И мене не ми се верува што сè се случило, но ние ја имаме пресудата. Јас до 18 години живеев во Кочани. Живеев со лузните, иако никогаш нема да ги заборавам зборовите на учителката: „Без разлика на сè што поминуваше, ти беше едно весело дете“. А не беше лесно, поминував низ булинг, страдав, имав комплекси, не се сакав себеси, па потоа дојдоа дечковци, заљубување, сето тоа требаше да се надмине. Но, никогаш не сум сакала да ме сожалуваат и да бидам жртва и затоа сакам да им порачам дека секој проблем е само предизвик и да го гледаат така. Дека нам ни била таква судбината за да не неправи посилни и похрабри. Сега, му благодарам на Бога што тоа се случило, бидејќи мојата приказна е многу добра мотивација за да можам да спортувам, да се занимавам со нутриционизам и да помагам на други, па сега и на децата од Кочани“, вели девојката.

По сите голготи, Марија вели дека веќе нема комплекси, дека со сите лузни е среќна таква каква што е.

„Бев во Лондон и сакаа да продолжат со операции, ама јас реков – доста е! Мене лузните веќе не ми се никаков проблем и не треба никому да се. Имам последици, ми се познава на вратот, на градите, на раката.. Но, раката ја покрив со тетоважа, лично заради мене. Ми се познава на рацете, на нозете, но јас веќе тие лузни гордо си ги носам. На времето мајка ми ме покриваше со пудри, како родител кај не слушнала, таму не ме однела. Нам ни беше најважно да немам физички деформитет, да имам функционално тело. А, знаеш какви се годините на тинејџерите, една бубулица да имаш е проблем, а не изгорено лице. На плажа сум се криела, сум одела како повивана. Од денешен аспект тоа што сум се криела за мене е глупост, но тоа се фази од животот кои мора да се поминат“, вели Марија.

Таа вели дека за повредените млади луѓе од Кочани најважна е психолошката помош.

„Најважно е телото да им биде функционално, да може да ги мрдаат рацете и нозете, а како изгледаат тоа не е важно, треба да се чувствуваат како посебни. И јас се чувствувам посебна со сите тие лузни на мене. Јас сум горда на моите лузни и од овој аспект можам да и се заблагодарам на таа жена. Никогаш не сум појавила ниту гнев ниту револт кон неа. Прво, не ја ни познавам, а второ – така требало да биде. Јас не ја ни мразам таа жена. Никогаш во живот не сум ја сретнала, а сега и да ја видам нема да имам гнев кон неа. Немам отрови на душата кон неа. Сето тоа ми е надминато. Само знам дека нејзиното дете никогаш не прогледало. Ама тоа е невино дете и нема никаква вина со ова што се случуваше. И тоа било бебе како мене“, вели младата жена.

Марија и мајка ѝ Весна сочуствуваат со настраданите во пожарот и сакаат да помогнат. Досега донирале во „Сапорт Кочани“, помагале на повредените во Лондон, бидејќи Марија таму живее, а сега и со бесплатното летување сакаат психолошки да помогнат.

„Јас ги знам сите фази низ кои ќе поминат децата. Затоа сакавме да дадеме, да подадеме рака за нас, за тие деца и за нашиот град. Ова летување е малку, мислам дека идната година во мај повторно ќе организираме. Намерно се одбрани овие термини, бидејќи децата не смеат да бидат изложени на силно сонце. Секако, ова сакаме да биде во корелација со доктор. Се ми е јсно, јас веќе тоа сум го поминала, немам веќе никакви комплекси и мојата животна приказна многу ќе им помогне. Веќе ме контактираа неколку мајки што им се повредени децата, ме молеа да помогнам да им дадеме мотив, бидејќи совршено знам низ што поминуваат. Веќе разговарав со „Сапорт Кочани“ за да одржам мотивациски говор за нив“, вели Марија и порачува:

„Не сакам тие деца да страдат, сакам да бидат среќни, пред се, што се живи и здрави и што Господ им дал уште една шанса. Треба да живеат со полна пареа. Најголемите лузни се лузните на душата. Лузните на телото се само физички и треба да се занемарат. И гордо и исправено да одат. Јас така одам- гордо и исправено! Нема потреба да се зацрнуват со -раната на душата. Да кукаат-леле, леле што ми се случи! Но, ете се случи! Затоа – само напред“, вели Марија.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот