
Калајџиев: Наместо нова верзија на Законот за рестриктивни мерки, Владата пратила нашминкана
Текстот на законот што е пуштен во Собранието е суштински ист со оној што беше предмет на сериозни критики. Останува Владата самата да изрекува сериозни мерки и тоа не само врз основа на „црните листи“ туку и по сопствена иницијатива, вели Гордан Калајџиев, професор по кривично право.
Контроверзните измени на Законот за рестриктивни мерки од денеска повторно се во Собранието, откако вчера беа усвоени на седница на Владата, овој пат едногласно, со поддршка и од Министерството за правда. Според експертите, новата верзија не се разликува суштински од претходната и со неа повторно се крши Уставот на Македонија!
Препорачано
Претходната верзија, што ја усвои Владата на експремиерот Димитар Ковачевски, беше повлечена со образложение дека предлогот ќе оди на повторно административно одобрување од техничката влада на чело со Талат Џафери. За првичните предлози од Министерството за правда дадоа негативно мислење до Владата, со образложение дека решенијата се против уставниот поредок и суверенитетот на државата. Иако Министерството за правда имало издвоено мислење, Владата тогаш убедуваше дека предлогот бил изгласан едногласно. За вториот предлог од Министерството за правда гласале позитивно.
– Претставникот на Министерството гласаше позитивно за усогласениот текст на Законот за рестриктивни мерки. За усвоената верзија и за измените упатуваме на предлагачот, Министерство за надворешни работи – ни одговорија од Министерството за правда.
Правда (не) ја исправила неправдата?!
Не е јасно врз основа на што се предомислило Министерството за правда кога суштината на законските измени е иста – целта е да се казнуваат лицата што се нашле на „црните листи“ на САД и на Велика Британија, да им се замрзнува и да им конфискува имот, да се отстранат од јавна функција и да им се забрани да ја извршуваат, да им забрани учество во тендери и ред други мерки и сето тоа со предлог и одлука на Владата, врз основа на сомнение и без правосилна судска пресуда. Во негативното мислење на Министерството за правда тогаш беше истакнато дека според меѓународните стандарди, целта на ваквите закони е борба против тероризам и пролиферација, да се зачуваат безбедноста, мирот, демократијата и човековите права и слободи, а не и борбата со корупцијата и криминалот, како што е предвидено во измените. Правда сметаше и дека можноста да се воведуваат рестриктивни мерки врз основа на „правни акти на Соединетите Американски Држави и на Обединетото Кралство“ е во спротивност со уставниот поредок и со суверенитетот на државата. Во негативното мислење потпишано од министерот Кренар Лога беше наведено дека предлогот не е во согласност со Уставот и со казненото право, спротивен е на концептот на правна држава, има директна повреда на меѓународните стандарди, отвора сомнеж за злоупотреба за политички цели, го прекршува правото на сопственост, како и пресумпцијата на невиност.
Според професорот по кривично право Гордан Калајџиев, суштината на втората верзија на законските измени е иста со претходната.
– Искрено сум изненаден како Владата го „силува“ овој закон. Воедно ме плаши што нè чека како држава и општество ако со ваква упорност Владата го руши уставниот поредок. Текстот на законот што е пуштен во Собрание е суштински ист со оној што беше предмет на сериозни критики. Останува Владата самата да изрекува сериозни мерки и тоа не само врз основа на „црните листи“ туку и по сопствена иницијатива. Тука се најопасни разузнавачките служби и т.н. хибридни закани како основа за изрекување на мерките. Згора на ова е обврската Обвинителството по автоматизам да предлага дополнителни мерки – вели Калајџиев за „Слободен печат“.

Османи: Измените се усогласени со Уставот
За новиот текст на законските измени завчера по владината седница министерот за надворешни работи Бујар Османи информираше дека е усогласен со Уставот. Со измените, како што рече, се проширени целите на законот каде што се додадени и „борбата против корупцијата, злоупотребата на службената должност и хибридните закани врз државата“, проширена е основата за рестриктивни мерки со додавање на правните акти на САД и на Обединетото Кралство, а проширени се и инструментите со две привремени мерки за обезбедување – забрана за кандидирање и за вршење јавна функција и забрана на учество во јавни набавки за правни лица. Важат и досега предвидените мерки: ембарго на стока и услуги, ембарго на оружје, забрана за влез, финансиски мерки, во што влегува и конфискацијата.

Османи нагласи дека Законот за рестриктивни мерки е под надлежност на МНР, а со измените Владата успеала да постигне стопроцентна усогласеност со европската надворешна и безбедносна политика, затоа што постојното законско решение било ограничено во неколку работи.
– По добиената информација дека има правен акт од САД, од Обединетото Кралство и од ЕУ предлагачот, тоа е МНР, Јавното обвинителство и другите агенции за национална безбедност и за финансиски истраги имаат можност да предложат Владата да донесе рестриктивни мерки. Откако ќе ги донесе, таа го задолжува предлагачот да ги собере сите информации и факти што може да ги обезбеди и да ги достави до Јавното обвинителство, кое е должно веднаш да отвори процедура согласно Законот за кривична постапка – изјави Османи.
Дополнително, со овие измени по кратка постапка треба да се усогласат и законите за кривична постапка и за јавни набавки. Во врска со дилемите дали Владата може да воведе рестриктивни мерки пред судот да донесе правосилна пресуда, Османи рече дека целото усогласување е направено со Министерството за правда и со Секретаријатот за законодавство. За негативното мислење од Министерството за правда, тој објасни дека тоа се однесувало на првиот драфт на МНР доставен на мислење и дека оттогаш законот претрпел неколку измени пред да биде испратен во Собрание.
Половина текст со Република Македонија, половина со „Северна“

Во текстот на предлог-измените на Законот за рестриктивни мерки што Владата ги испрати до Собранието во половина од текстот името на државата е Република Македонија! Во првиот дел од текстот каде што се наведени измените на членовите во законот, името на државата е Република Северна Македонија. Потоа, во вториот дел од предлогот, каде што се цитирани текстовите на изменетите членови на сите места каде што е споменато името на државата стои Република Македонија!
Во верзијата на албански јазик на сите места стои новото уставно име на државата. Предлогот со Собранието го испрати Владата, а на него стои потпис од премиерот Талат Џафери. Наведено е и дека предлогот го подготвил еден советник, проверка извршиле двајца раководители на одделение, контролата ја извршиле двајца помошник-раководители на сектор, преглед направил еден соработник, а го одобрил генералниот секретар на Владата.
