ФОТО : Членовите на ДКСК / Дејан Србиновски

Пет години мандат на ДКСК: Судските разрешници против функционерите аманет за идните антикорупционери

Сметам дека ДКСК главно ја изврши мисијата која ја имаше, посебно ако се има предвид со кои ресурси располагаше кога го започна, мандатот, а какви резултати постигнавме до крајот. Работата наша се заврши отчетно а доказ за сработеното е бројката од 2.872 отворени предмети од областа на корупцијата и 56 иницијативи за поднесување кривични пријави против функционери и други личности. Сепак, немањето ниту една судска разрешница за отворените предмети е одговорност на другите органи на државата а не наша, рече Билјана Ивановска, претседателка на Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) за петгодишниот мандат на овој состав.

Ивановска и членовите на Антикорупциската комисија сметаат дека ја вратиле довербата во оваа институции и поставиле систем кој понатаму ќе им ја олесни работата на новите членови.

„Не сме виновни што никој не постапува. Дали една птица ја прави пролета? Не, треба и другите органи да постапуваат, да се гони корупција не е доволно само ние и Државниот завод за ревизија да постапуваме. Не можеме да преземеме одговорност за сите, секој треба да си исчисти пред својот двор. Еве на пример, ние поднесовме иницијативе за кривично гонење за струшкиот градоначалник Рамис Мерко и бизнисменот Кочо Анѓушев, но предметите ни беа вратени. Неколку месеци подоцна, двајцата беа ставени на црна листа од САД. Тоа значи дека нашата работа и сомневање биле точни“, рече Ивановска.

Како што посочи претседателката Ивановска во изминативе пет години, овој состав на Антикорупциската комисија отворил 5.283 предмети, од кои 2.872 од областа на корупцијата, 888 од областа на судир на интереси, 144 од областа на забрани во текот на изборниот процес и 1.379 поврзани со проверка на имотна состојба. Издадени се 898 платни налози за прекршувања на законот и во буџетот на државата се влезени околу 8 милиони евра од наплатени глоби.

Запрашана Ивановска дали се очекува да има политичко влијание при функционирањето на новиот тим на антикорупциска со оглед на фактот дека во земјава треба да се одржат претседателските и парламентарните избори, таа потсетува дека пред пет години кога беше избран сегашниот состав истото тоа се случило.

-За само десетина денови, откако бевме комплетирани како тим веднаш по тоа беа распишани претседателски избори.  Ризиците постоеја тогаш и секогаш ќе постојат, но доколку има одлучност и професионалност на антикорупционерите тогаш не би имало пречки од било каков карактер а особено не политички кога новата Антикорупциска ќе започне со работа веќе средината од февруари. Им посакувам успех и одлучност на новиот тим кој ќе дојде по нас – посочи Ивановска.

Инаку мандатот на овој состав на ДКСК завршува на 8 февруари, кога стапува на должност новиот состав на чело со Татјана Димитровска, дипломирана економистка од Скопје и вработена во Државниот завод за ревизија (ДЗР), а членови се судијката во Основниот суд Софија Спасова-Медарска, двајцата досегашни советници во ДКСК Билјана Каракашова-Шулев и Бесник Џемаиљи и ревизорите Зоран Богоевски, Цвета Ристовска и Демири Сервет.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот


error: Не е дозволено копирање на содржината !!