Ден на правосудството / фото: „Слободен печат“ / Слободан Ѓуриќ

Храбри судии и крај на политикантските упади се фактори за независно судство

Со транспарентни постапки, со храбри и одважни судии со интегритет и со престанок на политичките упади во правосудството ќе се врати независноста и самостојноста на правосудство во Македонија и ќе се обнови довербата на граѓаните, истакнаа денеска учесниците на годинашната конференција по повод Денот на правосудството 31 март, на која се дебатираше на тема „Квалитетно правораздавање, предуслов за обнова на јавната доверба“, во организација на Здружението на судии и мисијата на ОБСЕ.

Учесниците во своите воведни излагања потенцираа дека судството допрва е пред големи предизвици затоа што мора да ги достигне стандардите на ЕУ, при што клучни услови за тоа се сите судски институции да соработуваат, а политикантството што го практикуваат останатите две власти кон судската власт – да престане!

Заменик-шефицата на Мисијата на ОБСЕ, Сузан Пенкса, истакна дека скорешните времиња му донеле значајни предизвици за правосудството.

– Крајно политизираните одлуки во областа на правото, со недоволна транспарентност и квалитет ја затресоа довербата. Да се обединиме во нашите напори да ја вратиме. Темите за денешната дискусија за воведување на систем на заслуги при изборот на судиите и за механизмите за правна ревизија безгрешно нè движат во позитивна насока. Заедно мора да изградиме систем на заслуги и инегритет, систем кој ќе обезбеди предметите да се решаваат во фер и транспарентни постапки и кој ќе покаже посветеност кон професионалните стандарди, прифаќање на извонредност и стручност – рече Пенкса.

Судството е темелник на правосудството, додаде таа, а судиите мора да го заштитат владеењето на правото со тоа што ќе покажат дека судството им служи на граѓаните.

Ден на судството/фото Слободен печат/Слободан Ѓуриќ

Претседателката на Врховниот суд Беса Адеми рече дека предметите од јавен интерес се индикатор за довербата на јавноста во правосудството. Таа потенцираше дека со заштитата на јавниот интерес се заштитуваат и правата на граѓаните.

– Судските одлуки, а особено нивните образложенија, претставуваат своевидна комуникација со јавноста и граѓаните. Правораздавањето олицетворено во судските одлуки дава придонес во зајакнување на јавната доверба и угледот на судскиот и правосудниот систем – рече Адеми.

За квалитетно правораздавање, додаде таа, потребен е личен интегритет.

– Од особено значење е давањето повеќе внимание на меѓусебната соработка, респектабилност и демонстрирање на јасна волја и силно изразено чувство за креирање на демократски и сервисни институции. Транспарентноста е перманентен и жив процес во духот на уставните определби, конвециското право и постулатите за независноста на судството. Мисијата на отвореното судство не е само да биде формален модалитет на комуникација, туку да биде моќен генератор на идеи кој ќе дава одлучни одговори на центрите на моќ кои имаат намери да ја нарушат независноста на судството – рече Адеми.

Според неа, не може да има калкулации, ниту демагогија, затоа што со таква практика се загрозува јавната доверба и се нарушува владеењето на правото, а тоа најдобро може да се види кога се работи за предметите од висок јавен интерес.

Адеми нагласи и дека добро образложените судски одлуки се заштитна гаранција од арбитрарно правораздавање.

Претседателката на Судскиот совет Весна Дамева рече дека им е заедничка желбата за подобрување на состојбите, за судство во кое ќе владее правото, законот ќе биде пред сè и над сè, а граѓаните ќе почувствуваат брза и ефикасна правда.

– Тоа е можно само со заедничка и координирана работа, доколку сме фокусирани и останеме секој во рамките на своите овластувања. Но, и доколку сме свесни, почитувани судии, дека интегритетот е најважното оружје кое може да ја добие оваа војна за неселктивна правда, еднаква за сите. Сите заеднички со здружени сили да дадеме сè од себе поединечно и во состав на судовите и обвинителствата и само така ќе ја вратиме довербата на граѓаните. Довербата не е подарок, таа се заслужува. Ние треба да ја заслужиме час поскоро, со секоја наша одлука донесена без влијание, без притисок, без емоции – рече Дамева.

Претседателот на Здружението на судии Џемали Саити рече дека за реформите во правосудството сите зборуваат во еден глас, ама дејствуваат различно, што е факт што се докажал низ времето.

– Време сè помалку имаме, се соочивме со бројни предизвици, поддршка, охрабрувања, ама и критики и понекогаш и со притисоци. Заедно успеавме да ја одржиме пловната состојба на бродот наречен судство, кој носеше голем товар на правни и политички збиднувања, комбинаторики, решенија, полурешенија и разни обиди, кои некогаш беа само надежни. Здружението, односно судовите, активно учествуваа во креирањето на решенијата кои ја определија насоката на движењето на судството, при тоа користејќи ги добронамерните совети на нашите меѓународни партнери, пред сè Амбасадата на САД, Мисијата на ОБСЕ и Делегацијата на ЕУ. Секако, не заборавајќи ги и другите донатори. И повторно, после некое време, се прашуваме каде е денес судтсвото по сите спроведени реформи? – рече Саити.

Ден на судството/фото Слободен печат/Слободан Ѓуриќ

Саити додаде дека судтсвото поминало низ многу предизвици, од кои дел се совладани, а дел не.

– Нè очекуваат нови предизвици кои ќе бараат удвојување на напорите и институционално лидерство. Засилениот интервенционизам врз судската власт треба да биде минатото, а тоа повторно ќе го провери времето. Се надевам дека со постојаната соработка, размената на искуства, професионалноста и со малку поголема храброст ќе ни се зголемат шансите во надминувањето на новите предизвици. Привилегија е, ама има и цена да се биде судија – заклучи Саити.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот