
Хајредини: Јавно го прашувам премиерот – кој е инвеститор на Шапка, оној за кој зборуваше тој, или оној на Османи?
Според поранешниот министер за финансии Џевдет Хајредини, Интервентниот план за инвестиции за периодот од 2021 до 2027 година, тежок над 8 милијарди евра, е утопија и неговото донесување не е легитимно без да се разгледа во Собранието.
Препорачано
– Овој план е утопија. Тој е целосно нерелаен и е во функција на претстојните локални избори. На пример, последните дваесeтина години многу пати се најавуваа по 10-тина милиони евра во Попова Шапка. Тетово, во пракса, е урбицит, а на Попова Шапка има основа за повеќе кривични пријави. Без поддршка на Заев, Теута немаше да биде градоначалник, па затоа и сега се вади план за инвестиции на Шапка. Но еве, јавно го прашувам премиерот, кој е инвеститорот на Шапка, оној за кој тој зборуваше, дека се во завршна фаза на потпишување на договор и кој е познат инвеститор во скијачки центри во Европа, или оној за кој зборуваше Бујар Османи во Тетово, кој е од Абу Даби и кој ќе гради и голф терени на Шапка? – вели Хајредини, за „Слободен печат“.
Тој оценува дека не е можно такви крупни планови, како инвестициски план од 8 милијарди евра, едноставно да биде соопштен од премиерот на државата, без да биде разгледан од Собранието.
Хајредини, потсети и дека најавите за големите енергетски проекти се стари со децении и дека нивното повторно ставање во планот за релизација не е доказ дека ќе се реализираат.
– Проектот за Вардарска долина е стар 30 години, 20 години се зборува за изградба на Чебрен, а малите централи се средство за корупција, затоа што енергетски не значат ништо и тоа го зборувам како човек кој дел од својот живот бил во овој сектор – вели Хајредини.