Фото: Слободен печат

ГТЦ Тетово во очајна состојба, смрдеа и смет, искршени локали и место за девијантни појави

Градскиот трговски центар Тетово изграден во деведесетите години од година вгодина пропаѓа.

На вториот и третиот кат од објектот работаат само неколку локали, а тука е сместено и подрачното одделение на тетовскиот катастар.

Останатите локали со години не функционираат оти ретко кој во овој угостителско-трговски објект влегува поради лошата состојба.

Нехигена на сите страни, покрив кој прокиснува, без осветлување, руиниран на повеќе места.

Па така овој објект лоциран веднаш до градскиот плоштад наместо да го краси со децении го гнаси Тетово.

Сопствениците на локалите велат дека тие се практично сопственици на заедничкиот простор на ГТЦ, но сепак како што истакнаа се работи за голем објект за кој немаат финансии да го одржуваат и да го санираат. Сметаат дека општинските власти треба да помогнат да се обнови трговскиот центар.

„Овој објект треба да биде лик на градот, но тука за жал се случуваат разни девијантни појави, проституција, зависници од дрога може да се забележат тука во вечерните часови. Лоша е тука состојбата, а мораме да работаме, сме ги купиле овие локали, ако може со средства на општината и наши средства заеднички да му ги вратиме сјајот на овој трговски центар ќе биде од корист за нас, но и за граѓаните“, вели еден сопственик на локал во ГТЦ.

Граѓаните пак сметаат дека во ГТЦ треба да има поголема контрола од полицијата и инспекциски служи, ако не друго барем да се „избркаат“ пороците од овој објект.

„Треба да има поголема контрола оти местото веќе стана дувло за разни девијантни појави. Влегуваш внатре смрди, а центар на град е“, вели еден тетовец.

„ГТЦ е како хорор филм, ако немаат финансии за да се санираат некои работи, може барем да се одржува хигиената таму, но за жал објектот стана како јавен тоалет“, додаде друг жител на Тетово.

Засега нема никакви најави за било каква санација на ГТЦ, а се уште не се ниту на повидок најавите на општинските власти за реконструкција на градскиот плоштад, односно изградба на пешачка зона и подземна сообраќајна инфраструктура под самиот плоштад. Засега на плоштадот има поставено само нови клупи и засадено дрвца.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот