
Груби: Договорот е таен, за „Бехтел и Енка“ да немаат бизнис-штета
Јавното обвинителство е единствената институција која по службена должност го има договорот за изградба, оти е тој е класифициран документ, на барање на изведувачот „Бехтел и Енка“ зашто содржи „бизнис тајни“. Владата може да им го достави договорот само на пратениците со безбедносни сертификати, брифираше Груби на средбата со новинарите.
Првиот вицепремиер Артан Груби не знае дали во Собранието ќе поминат измените на осумте закони кои се потребни за да се расчисти патот за изградба на автопатските делници од Коридорите 8 и 10Д, но според него „целта на државата е побрза и поевтина градба наспроти одолговлекување и зголемена цена на градежните работи“.
Препорачано
Груби денеска одржа брифинг со новинарите, на кој откри дека Јавното обвинителство е единствената институција која по службена должност го има на увид договорот за изградба, оти е класифициран документ, на барање на изведувачот „Бехтел и Енка“, бидејќи „содржи бизнис тајни“. Груби додаде дека Владата може да им го достави договорот само на пратениците со безбедносни сертификати, но нема информации дали такво нешто ќе се случи.
Можно е да направиле кривично дело некои опозициски пратеници кои обелоденија наводни детали од договорот, нагласи првиот вицепремиер.
Министерот за економија, Крешник Бектеши, кој исто така беше на брифингот, дополни дека ваквото однесување не е ништо ново во досегашната практика на договори со европски и светски фирми, а како пример ги наведе сите договори со Европската банка за обнова и развој кои не се објавуваат. Според Бектеши, тоа е нормално за сите компании кои котираат на берза, со цел да не им се нарушат нивните деловни параметри. Ејуп Рустеми, директор на Јавното претпријатие за државни патишта, дополни дека уште нема одговор на барањето за објавување на договорот за изградбата на патот Крупиште – Кочани, поради договорот кој ЕБОР го има со изведувачот.
Законските измени по скратена постапка, кои се во Собранието, се во прилог на тоа проектот да биде завршен за 4 години и 7 месеци. Ако се изгласааат измените на сетот таканаречени „Бехтел и Енка“ закони, проектот ќе трае пократко и ќе чини помалку. Во спротивно, ќе чини и повеќе и ќе се гради подолго време – рече Груби.
Брзината и помалите трошоци се условени од дозволата за 60-часовна работна недела за работниците, што предизвика бројни реакции од синдикатите и од партиите и е спротивна на Уставот. На прашањето – како според новиот закон работниците ќе работат 60 часови неделно кога тоа е противуставно, Груби рече дека секаде има исклучоци.
Инаку, фирмата изведувач уште нема испроектирано ниту еден сантиметар од трасата, иако на 22 април ќе се стави камен-темелник на делницата од Коридорот 8, а на 12 мај – и на делот од коридорот 10д.
Вицепремиерот беше дециден дека „обврска на „Бехтел и Енка“ е да обезбеди градежни работници, но немаше одговор дали во Македонија има доволно ресурси и работници да се испочитува делот од договорот за наше учество од 49 отсто.
Ако нема доволно работна сила, ќе се увезува од странство. Никој со сила не ја принудува домашната оператива – рече тој.
Свое видување на 60-часовната работна недела имаше и Дарко Спировски од фирмата надзор ИРД. Според него, ваквиот обем на работа е сезонски и зависи од временските услови.
Вие знаете дека во зима работното време може да биде и помало од 8 часа дневно, но тоа ќе се надомести во другите месеци. Но таквото работно време нема да им биде наметнато на работниците, туку тие ќе треба да потпишат писмена согласност, а сите прекувремени часови ќе им бидат платени – објасни Спировски.
Според студијата, 55 отсто од трасата е на приватно земјиште
На трасата што е предложена за автопатските делници има физибилити студија на фирмата „Гранд и Торнтон“, која беше ангажирана од Градежниот факултет. Таму се гледа колку од земјиштето е приватно, а колку државно.
Според студијата, 55 отсто од земјиштето е приватно, а 45 отсто е државно. Законските решенија за ескпропријација ќе ја забрзаат постапката и ќе се намали цената – рече Груби.
Според проценките, експропријација на државното земјиштето ќе чини дополнителни најмалку 300 милиони евра, а целиот проект – околу 1,3 милијарди евра.
Според Шасине Касами, директор на Управата за имотно правни работи, било непотребно да се носат измени на законот, бидејќи и во досегашниот закон имало решенија за воведување во владение. Таа посочи дека по две години веќе има такви решенија за патот Кичево – Охрид.