Фото МИА

Грција: Никос Андрулакис повторно избран за лидер на ПАСОК

Актуелниот претседател на грчката опозициска ПАСОК, Никос Андрулакис, со освоени 59,93 отсто од гласовите е победник во вториот круг на денешните избори за партиски лидер, додека неговиот противкандидат, градоначалникот на Атина Харис Дукас, доби 40,07 проценти со пребројани 97,2 отсто од гласачките места, јави дописничката на МИА од Атина.

Откако беа соопштени првите официјални резултати и беше јасно водството на Андрулакис, Дукас телефонски разговарал со актуелниот претседател, му честитал и му рекол дека сите заедно одат напред.

На денешните избори гласаа 214.000 членови и поддржувачи на Социјалистичката партија, наспроти 303.223 лица во првиот круг, а изборниот процес беше продолжен за половина час.

Во првиот круг од изборите одржан минатата недела Андрулакис освои 29,64 проценти од гласовите, а Дукас 21,41 отсто.

Претходните избори во ПАСОК, која минатиот месец прослави 50 години постоење, се одржаа во декември 2021 година, а откако актуелниот лидер пред евроизборите како цел постави партијата да биде на втората позиција, цел што не беше постигната и остана зад СИРИЗА, Андрулакис се соочи со силни критики од неговите сопартијци, а од состанокот на централниот комитет на крајот на јуни предложи одржување избори за претседател на партијата.

На парламентарните избори во јуни минатата година, ПАСОК освои 11,84 отсто од гласовите, а на евроизборите пред четири месеци, исто така беше на третата позиција зад СИРИЗА со 12,79 отсто од гласовите.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот