
Грчките граѓани сè повеќе купуваат во продавници за половна стока
Малопродажбата во Грција стагнираше во првиот квартал од оваа година, а кумулативните ефекти од инфлацијата во последните години имаа силно влијание врз однесувањето на потрошувачите, при што Грците сè повеќе посегнуваат по купување половна стока, според грчката статистичка служба ЕЛСТАТ.
Препорачано
Во последните три години има значителен пад на приходите, па така малопродажниот сектор забележа раст на прометот од само 0,6 проценти, во споредба со истиот квартал минатата година. Пад на прометот е регистриран во 27 од вкупно 43 малопродажни сегменти, според ЕЛСТАТ, а објавени од „Катимерини“.
Заклучокот дека потрошувачите купуваат помалку за да ги покријат трошоците за основни потреби, како што е храната, се потврдува со фактот дека најголем раст на прометот од 33,4 проценти е забележан во продажбата на стоки на улични тезги, додека продажбата на половна стока оствари зголемување од 30,7 проценти.
Според ЕЛСТАТ, најновите податоци за периодот од јануари до март годинава покажуваат дека малопродажниот сектор остварил промет од 16,16 милијарди евра, што е само 0,6 проценти повеќе во однос на претходната година, кога изнесувал 16,07 милијарди.
Најголем пад на прометот е регистриран во сегментот на продажба на автомобили, каде што падна за 3,6 проценти, по што следат месните производи и земјоделски култури, како и продажбата на овошје и пекарски производи, додека продажбата на електронски уреди и мобилни телефони забележа пад на прометот од дури 14,6 проценти, пренесува Танјуг, објави Политика.рс.